Фото: „Нова Македонија“

БИБЛИСКОТО ИМЕ НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ (7)

Фактите говорат дека свети Климент од Филипи не е истиот со Климент I, папа римски, познат како свети Климент Римски. А има и друго мислење во науката на Запад кое вели дека податоците за прогонството на свети Климент Римски на Крим и фрлањето в море се однесуваат на друг маченик Климент од Крим, а не од Рим. Така пишува и во најисцрпното издание за свети Климент Охридски: Климент Охридски, Събрани съчинения, том трети, София 1973, 150.
Римскиот свети Климент пострадал маченички во Рим. Но потоа, при други околности и значајни настани, настанало изедначување на личностите и се формирала општоприфатена легенда која влегла во преданието, а нема докази за неа, па токму затоа научниците од Запад сè повеќе ја оспоруваат и таа е сосема отфрлена.
Според тоа, ако се земат предвид сите податоци и факти кои ја исклучуваат можната врска на свети Климент Охридски со свети Климент Римски, тогаш јасно останува вистината дека свети Климент Охридски е именуван според името на Климент од Филипи (Филип. 4,3).
Тоа е многу нормално да биде така, тоа е природно и последователно.

Го зел името од претходник во Библијата – од светител во Македонија

Значи, свети Климент кога се замонашил, го зел името од Библијата, според запишаното библиско име на Климента од Филипи (Филип. 4,3).
И не ќе можел да понесе посвето име од тоа и да има поблизок помошник и покровител од својот претходник, апостол од Македонија!

Свети Методиј уште во Македонија, за мисијата во Стримон и Баргала, го повикал Климента за свој сотрудник

Кога свети Методиј Солунски ја започнал својата мисионерска дејност во Македонија, го зел Климента со себе, кој бил негов најблизок соработник и најсакан ученик, а и најистакнат меѓу другите. Свети Методиј бил негов учител, образец и духовник кој го именувал со духовно име на личност од Библијата, со името на епископот Климент во Првата црква во Македонија – во Филипи, што е библиски запишано (Дела 16,9-40; Филип. 1,1-2; 4,1-3).
– Тогаш и не постоела врската со свети Климент Римски – не биле ни пронајдени моштите, ниту биле појдени во Рим светите Кирил и Методиј и учениците. А тој бил веќе негов соработник – сотрудник на свети Методиј при неговата дејност во Македонија, а потоа и монах со него, преименуван во новото монашко име Климент, според библиското име на апостолот Климент од Филипи, од Првата црква во Македонија (Филип. 4,3). Ратомир Грозданоски, Библијата во делата на свети Климент Охридски, Скопје 2001, 37,57-59.
– Оттаму произлегува и фактот дека свети Методиј бил Климентовиот образец во верата и во дејноста. На него свети Климент се угледувал, него го имал за свој пример и го подражавал во сè, како што свети Методиј се угледал на свети Григориј Богослов и на преподобните Арсениј, Антониј и Сава Освештени. Борис Кр. Бошковски, Свети Методиј – образец за свети Климент, МАНУ, Скопје 1988, 219-222.
И што е најважно: така се вели и така запишано е во Житието на свети Климент: „Тој си го поставил за образец на својот живот големиот Методиј… и сесрдно се грижел да се исцрта себеси според него. Зашто, како никој друг, тој го знаел неговиот живот, бидејќи уште од младешки и момчешки години го придружувал и ги видел со свои очи сите дела на својот учител.“ Пространо житие на свети Климент Охридски – ПЖКл. гл. 65.

Светите браќа Кирил и Методиј при започнувањето на Словенската мисија од
Македонија за Моравија, зеле ученици одовде

Во подготовките за Моравската мисија светите Кирил и Методиј ги избирале своите соработници од најблиските свои ученици, кои биле со нив овде – нивни сотрудници од Македонија. Тоа биле личности одовде, кои ги познавале, на кои им верувале и кои биле подготвени за таква значајна царска и Божја мисија.
Уште во Македонија заедно со нив се подготвувале, пишувале, преведувале и се молеле, збогатувајќи го нивниот дух со библиска вдахновеност и со духовна поткрепа.
Во тој библиски дух му го дале и името „Климент“ – земено од Библијата за најдаровитиот ученик.
Како што тие го носеле во себе мајчиниот јазик, бит и предание, така го вдахнувале и кај своите ученици, посочувајќи го примерот од Првата црква на апостол Павле во Македонија и во Европа – Црквата во Филипи. А таа е Павлевата „радост и венец“, како што вели самиот тој, во Посланието до Филипјаните (Филип. 4,1; 4,4; 4,10; 1,4,18, 25; 2,2,17,18,28,29; 3,1; 5,16).
Оваа Црква дала значајни библиски личности, во ликот и делото на тројца мажи и три жени, споменати по име во Библијата, и тоа: Лука, Климент и Епафродит, како и Лидија, Еводија и Синтихија.
Лидија е запишана во библиската книга Дела на светите апостоли (Дела 16,14,40), а Климент и Епафродит, со Еводија и Синтихија се во библискиот текст од Посланието на светиот апостол Павле до Филипјаните (Филип. 4,3 = Климент; Филип. 4,18 и 2,25 = Епафродит; Филип. 4,2 = Еводија и Синтихија).
Лука, пак, е спомнат во три Павлови посланија и неспомнато се разоткрива од текстот во библиската книга Дела на светите апостоли (Кол. 4,14; 2. Тим. 4,10; Фил. 1,23).
За нив и за оние со нив, како и за другите по нив, сè до нас денес, се напишани и упатени библиските зборови од апостолот Павле, кој ни вели: „А те молам и тебе, искрени сотрудниче, помагај им ним, кои се грижеа во Благовестието заедно со мене и со Климента и со другите мои сотрудници, чии имиња се во книгата на животот“ (Филип. 4,3).
А завршните зборови: „чии имиња се во книгата на животот“, искажуваат признание за богоугодното дело и ја нудат наградата од Бога (Лука 10,20) за сите сотрудници во тоа, од свети Климента Филипски, до свети Климента Охридски и сите постклиментовци до нас и оние по нас!

Проф. д-р Ратомир Грозданоски

Продолжува