Библиска вистина е дека Свети апостол Павле е најголемиот проповедник на христијанството во Европа и во Македонија. Со него се поврзани почетоците на христијанството во Македонија. Аргументирано се вели дека апостол Павле е првиот и најпознат апостол што проповедал во Македонија. Голем ден е во историјата на човештвото кога тој дошол во Македонија (како најточна се зема 50-та година), а тоа значело и негово прво доаѓање во која било европска земја – и, ете, прво кај нас – во Македонија, па затоа и велам јас дека со тоа Македонија е дарувана од Бога, вели во разговор за „Нова Македонија“ проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон.
Тој е мошне плоден автор на многу капитални научни дела, со светска вредност, меѓу кои се и величествените книги „Свети апостол Павле и Македонија“, досега единствено македонско четиво што е посветена на светиот апостол Павле и Македонија, како и делото „Македонија и Македонците во Библијата – Библиска вистина/Macedonia and Macedonians in the Bible – Bible truth“. Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ–ОА) и нејзините верници викендов (12-13 јули) ги празнуваат Петровден и Павловден – споменот на светите апостоли Петар и Павле

Проф. д-р Ратомир Грозданоски веќе 33 години е професор на Православниот богословски факултет во Скопје, во одреден период и негов декан, близок соработник на четворица поглавари (Ангелариј, Гаврил, Михаил и Стефан) на МПЦ-ОА и 13 години секретар на Светиот архијерејски синод (1994-2006). Верниците имаат можност да уживаат во неговите сослуженија и прекрасен глас при големите христијански празници, на прослави и свечености низ Македонија, а и во црквите низ дијаспората. Во изминатите децении и сè уште, се богоугодни, мошне пријатни и приемливи неговите чести и многубројни прекрасни предавања во Македонија и по епархиите во странство.
Грозданоски е творец, научник, современ теолог, библист и филолог. Добитник е на голем број признанија, меѓу кои и државната награда „Гоце Делчев“, како општествено признание за особено значајни остварувања од интерес на Република Македонија во областа на науката (во 2014 година), и највисоката државна награда за образование и воспитание „Свети Климент Охридски“, со која се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието и образованието (во 2015 година).
Проф. д-р Грозданоски ни вели дека Свети апостол Павле има непроценливо значајно место во христијанството. Во неговата книга тој напиша дека во Библијата – Светото писмо на Новиот завет, Македонија и Македонците се спомнати 28 пати во 24 стиха.
Грозданоски вели дека Свети апостол Павле најпрво им го проповедаше Евангелието на Македонците во Македонија, а потоа и на Елините во Елада и на Римјаните во Рим.
– И не само во проповедта, Македонците имаат првенство и во посланијата, бидејќи првото свое послание од сите 14, Павле го напишал за Македонците и го испратил во Македонија – до Солуњаните. А и второто исто така. Им напишал три посланија на Македонците: Прво послание до Солуњаните; Второ послание до Солуњаните; Послание до Филипјаните. А уште две посланија пишувал додека бил во Македонија: Второ послание до Коринтјаните и Првото послание до Тимотеја. Тоа се пет книги во Библијата директно поврзани со Македонија и Македонците или над една третина од библиските книги пишувани од апостол Павле!

Апостол Павле дошол најпрво кај нас во Македонија, кога стапнал во Европа. И не бил само еднаш или двапати, туку три-четири пати и не како на поминување – за кратко и набрзо, туку со престој и подолго време, за значајни дела и дејности кај Македонците – кои многу ги засакал и ги имал при срце, а и тие него го сакале и го помагале!
При второто негово доаѓање во Македонија апостол Павле останал речиси една година овде – цели 9-10 месеци бил насекаде низ нашава земја. Заедно со Лука крстосувале на север и запад од Солун – низ централна, северна и западна Македонија, како што пишува во Библијата – „дури до Илирик“ и до источниот брег на Јадранско Море (Рим. 15,19). Потоа, заминал од Македонија во Елада, вели Светото писмо: „А кога ги мина овие места и им даде многу упатства на верните, тој пристигна во Елада“ (Дела, 20,2).
Кога првпат дошол апостол Павле во Македонија, со него биле и апостолите Сила, Тимотеј и Лука, а подоцна во мисионерската дејност се вклучиле и многу Македонци.
Првите формирани цркви се во Филипи, Солун и Берија, а потоа се христијанизирала и цела Македонија уште во апостолскиот период. Врз тие апостолски темели ќе се оформи и познатата македонска црква „Јустинијана Прима“, а потоа Охридската архиепископија и денешната МПЦ–ОА – ни објаснува Проф. д-р Ратомир Грозданоски.
Нашиот мошне пријатен соговорник потенцира дека во Библијата е напишано како Свети апостол Павле бил повикан од „човек Македонец“, кој му се јавил во видение, додека бил буден во ноќно време, и љубезно бил замолен: „Премини во Македонија и помогни ни!“ (Дела 16,9). Тоа бил повикот на Македонија за примање на Господа Исуса Христа, на Евангелието и на спасението. Тоа бил повикот на Европа за примање на христијанството.
Според професорот Грозданоски, Македонија е библиска големина, а за Македонците е голем божји благослов тоа што имаме привилегија во оваа наша благословена земја да дојде големиот Христов апостол Павле и да го втемели христијанството кај нас.
– Има три мислења, од каде знаел апостол Павле дека човекот бил „Македонец“: според облеката – носијата во која бил облечен; според јазикот на којшто говорел и, секако, според упатениот повик – да дојде во Македонија и да им помогне. Сите три го создаваат комплетното опишување на Македонецот, кого Бог го одбрал и го однел пред Павла во видението – а, преку неговите зборови, говорел Бог и ја кажувал Својата промисла.

Фреска со приказ на повикот до Свети апостол Павле да дојде во Македонија

Затоа и апостолите биле уверени дека Бог ги повикал да им го проповедаат Евангелието на Македонците. Така пишува во Библијата: „Веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ нè повикал таму да го проповедаме Евангелието“ (Дела 16,10). Па, апостол Павле веднаш разговарал со македонските морнари и се решил да ја исполни волјата Божја, та отпловиле од Азија и по два дни благопријатна пловидба, дошле во Македонија – вели Грозданоски и додава: – Македонија е првата европска земја која била удостоена да го прими апостолот Павле и од него да чуе за Христа Спасителот, за Евангелието и за спасението. Тоа е најпрекрасниот дар Божји за оваа наша земја библиска!
Евангелието и христијанството во Европа влегле тивко и скромно, преку доаѓањето на Свети апостол Павле во Македонија и неговата прва проповед во Филипи. Тоа е првата христијанска црква во Европа. Апостол Павле ги пофалува македонските христијани, кои доброволно, со љубов и дарежливо милосрдие, материјално го помогнале неговото дело. Македонците биле исполнети со вистинско богољубие и братољубие, кое е основа на Евангелието и спасението.
Во Филипи, Павле нашол одушевени следбеници најнапред меѓу жените, кои биле први слушатели на неговата проповед.

Ете, таква е Божјата промисла и библиската вистина: – Човек Македонец – маж го повикал да дојде во Македонија апостол Павле, а жена беше првата крстена христијанка во Македонија – Лидија!
Нашиот соговорник додава дека меѓу тие жени имало неколку посебно добри христијанки.
– Лидија е првата христијанка во Македонија и во Европа крстена од апостол Павле. Библијата вели: „се покрсти таа и нејзините домашни“ (Дела 16,15).
Нејзината куќа станала прв христијански храм во Македонија и Европа, живеалиште за апостолите, дом Божји, црква Христова. Така се оформила Првата црква во Македонија.
Оваа вистина е запишана во Светото писмо – Библијата и сведочи дека Првата црква во Европа е формирана во Македонија – во Филипи. А првиот епископ што надгледувал и раководел со неа е апостолот и евангелист Лука. Тој останал меѓу своите како тукашен по потекло, оти неговите родители се преселиле од Македонија во Азија. По Лука, пак, прв епископ на Првата црква во Македонија – во Филипи е „Климент“, како што пишува во Библијата (Филип. 4,3). А од Црквата во Филипи се запишани тројца мажи и три жени во Библијата: Лука, Климент и Епафродит – Лидија, Еводија и Синтихија (Дела 16,10-13; Филип. 4,3; 2,25; 4,18; Дела 16,14,40; Филип. 4,2).

Проучувањето на ликот и делото на Свети апостол Павле зазема голем дел од научниот опус на проф.д-р Гроздановски

Свети апостол Павле имал правилно разбирање за способностите и одликите на жената, па затоа активно ги вклучувал и жените во мисионерството и во евангелизацијата на ранохристијанската црква. Од неговите посланија се гледа дека ги пофалувал и поткрепувал надарените христољубиви жени. А во Црквата се покажува и докажува дека жените се поприврзани кон верата во Бога и многу похрабри од мажите – уште од жените мироносици, од апостолско време и до денес е така – ни појаснува Грозданоски.
Свети апостол Павле, пеш по Виа Егнација, од Филипи дошол во Солун да проповеда, ама само малкумина од Евреите го прифатиле, а многу повеќе од солуњаните Македонци и Елини поверувале. Заедно со Сила и Тимотеј го проповедале Евангелието во приватни домови и кај видни незнабошци и Евреи, „а исто така и не малку видни жени“ (Дела 17,4). Во тие директни контакти со луѓето биле љубезни и привлечни, служеле на сите предано и со љубов. Секому посебно му приоѓале за да го придобијат за Христа – ни кажува д-р Грозданоски.
И покрај првичните успеси, апостол Павле и неговите сотрудници морале ноќе да побегнат и да го напуштат градот, бидејќи против нив се побуниле Евреите од Солун, припишувајќи им политички намери дека се против римскиот цар и велат „оти има друг цар – Исус“ (Дела 17,7).
Грозданоски, експерт за Библијата и христијанството со светско реноме, укажува дека апостол Павле мислел оти набрзо ќе се врати во Солунската црква, но дури по осум години тој повторно ги видел своите пријатели во Солун. Па, и тогаш, тој повторно морал да бега од куќа во куќа, како што напишал: „Кога дојдовме во Македонија, никаков мир немаше телото наше; во сè бевме во маки; однадвор напади, однатре страв“ (2. Кор. 7,5). Но, прогонствата ги направиле уште поцврсти солунските христијани и ги зближиле, та затоа Павле најмногу од сите цркви, нив ги фали за трпеливост, верност и братска љубов (1. Сол. 4,9-10; 2. Сол. 1,4).

– Побегнале кон југ светите апостоли Павле, Сила и Тимотеј и стигнале во градот Берија – што се наоѓала во третата македонска управна област. Оттаму, оставајќи ги Сила и Тимотеја во Берија, Павле ја напуштил Македонија и, по море, заминал за Атина (Дела 17,15).
На Елините во Ахаја, Павле им ги посочува Македонците како пример во верата и во добрите дела.
Македонците, а особено Филипјаните, му биле мили и при срце на апостол Павле, а и тој ним. Во своите Посланија до нив испратени во Македонија, тој е со кротки и прекрасни чувства на заемна и трајна љубов. Така ја споменува Македонија и Македонците во Библијата Свети апостол Павле!!! Тој ги фали нивната вера и добродетелта – и со радост зборува за Македонија и Македонците – завршува Проф. д-р Ратомир Грозданоски.
И потсетува дека Македонија му должи на апостол Павле еден централен, велелепен катедрален храм! Дај Боже да биде. Амин. Нека биде така.

Живко Здравкоски