Фото: „Нова Македонија“

Повод: 31 година од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Македонија и САД

  • Македонско-американските односи се комплексни, доколку се земе предвид дека станува збор за односи помеѓу светска суперсила и мала балканска држава. Но доколку внимателно се анализираат релациите Скопје-Вашингтон, неизбежен е заклучокот дека станува збор за релации на стратегиски просперитет и развој
  • САД гледаат на Македонија како на надежна демократска држава, а во тој контекст треба да се разберат и пораките од американската амбасада за значењето на борбата со корупцијата и владеењето на правото, односно изградбата и зацврстувањето на македонските институции, како важен фактор за здрав развој на државата како стабилен доверлив стратегиски партнер

На денешен ден во 1994 година македонската влада донесе одлука за воспоставување дипломатски односи меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави на ниво на амбасади, чин што придонесе за продлабочување на односите помеѓу двете држави и двата народа. Оттогаш до денес, македонско-американските односи се комплексни, доколку се земе предвид дека станува збор за односи помеѓу светска суперсила и мала балканска држава. Но доколку внимателно се анализираат релациите Скопје-Вашингтон, неизбежен е заклучокот дека станува збор за релации на стратегиски просперитет и развој. Како позитивни моменти може да се издвојат признавањето на Македонија како независна држава и признавањето на уставното имено од страна на Вашингтон, како и стратегиското партнерство од 2008 година поради грчкото вето на самитот на НАТО во Букурешт. Вашингтон со своите одлуки се разбира дека најпрвин ќе ги штити и проектира своите стратегиски цели, тоа е неоспорно, но во тој контекст не може а да не се издвои дека САД беа мотиватор за потребата од суштински реформи и развој на македонските институциски капацитети, за да им биде сигурен и доверлив партнер. За тоа што до скоро имавме анемично државно раководство, кое тргуваше со националните интереси, цели, симболи и слично, не треба да го обвинуваме Вашингтон. Македонија до скоро некритички ги прифаќаше и аплицираше сите испорачани либерални барања од Западот. Никој не направи чекор за да почнат да се развиваат и операционализираат клаузулите од стратегискиот договор со САД и да се добие поддршка од Вашингтон. Но тоа е друга тема за друга пригода.

Вашингтон го призна уставното име Република Македонија: Визиите на Вашингтон за Македонија во голем дел ги помативме самите

Скопје и Вашингтон имаат добри односи уште од прогласувањето на македонската независност во 1991 година. САД ја признаа Македонија како независна држава во 1994 година, а целосни дипломатски односи беа воспоставени во 1995 година. За ова прашање, Стојан Андов вели дека САД како држава директно се соочиле и со грчкиот обид Македонија да не биде признаена како независна држава и да не биде примена во ОН. Задоцнетото признавање се должеше на наметнатиот проблем за уставното име на Република Грција од страна на Атина, велат добро упатени извори.
– Тие сфатија дека мораат и самите да се ангажираат тој обид на Грција да биде пресретнат, а, сепак, да останат во пријателски односи со Грција, која стратегиски им беше многу значајна. Исто така, сакаа да си зачуваат позиција во идните фази на решавање на билатералниот спор меѓу Грција и Република Македонија да можат да одиграат важна улога. Токму за тоа се покажа шанса во 1995 година – нагласи своевремено Стојан Андов.
Во тој период особено се значајни средбите на поранешниот македонски претседател Киро Глигоров со тогашниот американски претседател Бил Клинтон. Нивниот прв официјален разговор се случил на 16 јуни 1997 година во Белата куќа. За оваа средба Киро Глигоров истакна дека претседателот Клинтон пројавил особен интерес за Македонија, а оценил и дека македонската држава преставува модел на стабилност во регионот за земјите што се во транзиција. Следната нивна средба се одржа на 22 јуни 1999 година, кога Бил Клинтон и неговата сопруга Хилари пристигнаа во Скопје. На таа средба се разговарало за проблемот со беглаците од воениот конфликт во Косово, како и за американска помош за неколкуте проблеми поврзани со конфликтот.
Македонско-американските односи се продлабочија со средбата помеѓу поранешниот македонски претседател Борис Трајковски и американскиот претседател Џорџ В. Буш во Белата куќа. Разговорите помеѓу двата претседатела биле искрени и пријателски, а протоколарната средба траела повеќе од предвиденото време. Претседателите Трајковски и Џорџ В. Буш разговарале за повеќе прашања, вклучувајќи и за признавањето на уставното име на Република Македонија од страна на Вашингтон.
– Од свој страна, американскиот претседател Буш одговорил дека му е потребно време, а протоколарната средба завршила со заедничка молитва на двајцата претседатели во Белата куќа – велат нашите соговорници.
Искрените заложби на претседателот Џорџ В. Буш беа потврдени во 2004 година, кога Вашингтон го призна уставното име Република Македонија. Оваа одлука на Вашингтон беше осудена од грчките весници, кои пишуваа за нож во грб од САД, политички криминал на САД или Буш – кумот на Скопје.
Соработката со администрацијата на Џорџ В. Буш продолжи и во наредните години. Поддршката на Вашингтон беше очигледна и по грчкото вето на самитот на НАТО во Букурешт, кога беше потпишана Декларацијата за стратегиско партнерство и соработка помеѓу Соединетите Американски Држави и Република Македонија. Во споменатата декларација меѓу другото се наведува дека „Соединетите Американски Држави продолжуваат да ги поддржуваат безбедноста, стабилноста и економскиот развој на Македонија. Во интерес на едно уште поцврсто партнерство, Соединетите Американски Држави имаат намера веднаш да обезбедат дополнителна поддршка за Македонија за да се помогне во изградбата на просперитет, за да се зајакне безбедноста и за да се поттикнат уште подлабоки врски помеѓу нашите две земји“.

Вашингтон – мотиватор за клучните реформи на институциите и судството

Во изминативе децении САД како стратегиски партнер на македонската држава повеќепати ја нагласија потребата од развој на македонската економија и континуиран раст на бруто-националниот приход. Вашингтон исто така постојано ја нагласува потребата од засилување на капацитетот на државните институции и судството, како и борбата против корупцијата, криминалот и трговијата со луѓе. Во таа насока беше и искажувањето на американската амбасадорка Анџела Агелер.
– Секаде каде што патувам низ земјата слушам за фрустрацијата на граѓаните од нивото на корупција. Во голем дел зборуваме за добро работење на судството, но, како што знаете, корупцијата е во секој аспект на животот овде, таа е во здравството, образованието и влијае врз граѓаните секој ден – нагласи Агелер.
Во контекст на стабилизирањето и развојот на македонските институционални капацитети се и т.н. црни листи на САД, на кои се најдоа неколку македонски граѓани. За тоа прашање амбасадорката Анџела Агелер посочи дека црната листа на САД е многу динамична, постојано се дискутира за имиња.
– Немам временска рамка, бидејќи тоа е одлука на Вашингтон, но ве уверувам дека додека зборуваме има имиња што се земени предвид и секогаш сме отворени кон додавање нови лица на листата – нагласи Агелер.
Во однос на потребата од судски реформи, американската амбасадорка посочи дека Европската Унија испрати експерти овде да погледнат како може да се реформираат Судскиот совет и другите аспекти на судството.
– Тоа не се одлуки за брзо донесување, туку тие треба внимателно да се разгледаат, какви се импликациите и резултатите од ваквите одлуки, а потоа да се продолжи на внимателен начин – нагласи американската амбасадорка. Д.Ст.


Македонско-американските односи во светлина на прекршувањето на меѓународното право од страна на Софија кон Македонија

Бугарија е тврд орев, но Вашингтон може да изврши притисок

Македонско-американските односи и понатаму се продлабочуваат, а тоа го потврдува и неодамнешната посета на Вашингтон од страна премиерот Христијан Мицкоски. При посетата на Вашингтон, премиерот Христијан Мицкоски ја следеше инаугурацијата на Трамп заедно со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Ватли, а оствари и средби со Девин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп, како и со Џон Битов, американски бизнисмен со македонско потекло, Марко Галина, бизнисмен и одговорен за МАГА во Португалија, и Крис Павловски, сопственик на групацијата „Рамбл“.
– Разговаравме за актуелните случувања, за предизвиците со кои се соочуваме како држава и нашето остварување на стратегиските интереси поврзани со членството во Европската Унија. Наедно побарав поголемо ангажирање од нашите стратегиски партнери на тој план, како и искористување на потенцијалите на економски план. Се бориме за секој интерес на државата – изјави Мицкоски по средбите.
За актуелните македонско-американски односи, аналитичарот Сотир Костов вели дека насетил добри вести за сериозен и принципиелен, легалистички пристап за решавање на македонското прашање, потоа за продлабочување на економската соработка на релација Скопје-Вашингтон, што е исклучително битно, но и влијание врз Бугарија за нејзините апсурдни барања.
– Бугарија е тврд орев, но Вашингтон на свој начин може да изврши притисок врз Софија за отстранување на ветото и започнување на преговорите со Европската Унија – вели Сотир Костов. Д.Ст.