Што може да очекуваме? Очекувам многу за моите деца и внуци. Нагласувам дека сум воспитуван и образован во минатиот милениум. Накусо, во овие бурни времиња на тектонски геостратешки придвижувања, за да ја спроведуваме стратегијата, пред сѐ треба да опстоиме како Македонија. Можеби затоа очекувањата ми се насочени кон дел од областите што се поврзани со градење на суверенитетот на Македонија. Очекувам да се предвидат мерки, активности, термини и, што е уште побитно, тие да се реализираат!
Македонија не е голема земја како Америка или Русија, за да биде целосно суверена и самоодржива. Суверенитетот на една земја се состои од повеќе елементи. Сепак, има некои од нив без кои не се може и кои се особено битни за да може една земја да биде или да го зачува суверенитетот. Според мене, меѓу тие неколку елементи без кои не се може спаѓаат: одбраната, водата, храната, енергијата. Не се помалку битни и владеењето на правото, современото образование, патиштата и пругите, современото квалитетно здравство, заштитата на стандардот на граѓаните…
Мислам дека битните елементи од националниот суверенитет треба да бидат детално образложени во Програмата за спроведување на националната развојна стратегија за периодот 2024-2044 година. Изработката на стратегијата е финансиски поддржана со донации, а ја подготви и работи на неа тим од домашни и надворешни учесници, дефинирани се насоки и цели што треба да се остварат во наведените стратегиски области. Се очекува мерките да придонесат за поквалитетно и посреќно живеење на сите во Македонија.
Во досегашните години на изработка, остварувањето на националните развојни правци за следните 20 години се планира да се реализира преку следните клучни стратегиски области:
· Одржлива, иновативна и конкурентна економија
· Одржлив локален и регионален развој што обезбедува кохезија
· Демографска ревитализација и социјален и културен развој
· Владеење на правото и добро управување
· Сигурно, безбедно и отпорно општество
· Зелена трансформација
Што може да очекуваме? Очекувам многу за моите деца и внуци. Нагласувам дека сум воспитуван и образован во минатиот милениум. Накусо, во овие бурни времиња на тектонски геостратегиски придвижувања, за да ја спроведуваме стратегијата, пред сѐ треба да опстоиме како Македонија. Можеби затоа очекувањата ми се насочени кон дел од областите што се поврзани со градење на суверенитетот на Македонија. Очекувам да се предвидат мерки, активности, термини и, што е уште побитно, тие да се реализираат.
Одбрана на татковината!
Очекувам, за да можеме да ја спроведеме стратегијата за развој, да ја зачуваме целовитоста на Македонија. Свои на своето!
За мене, стратегиска цел е да се обезбеди ефикасна одбрана на границата на Македонија, барем во делот во кој сѐ уште Македонците се признаени како националност. Дали тоа ќе биде професионална армија или концепт „сите во одбрана“ со неколкумесечна воена обука на младината? Во соседството се размислува на таа тема. Каква ќе биде концепцијата на вооружувањето: лесно и подвижно, тешко и оклопно, самоуправувачко ВИ (вештачка интелигенција)? Дали дел од средствата за одбрана што треба да ги издвоиме од буџетот (3-4 проценти или повеќе?) ќе насочиме единствено за купување оружје? Или и за развој на наменската индустрија за задоволување на сопствените потреби на армијата, заштитна опрема, муниција? Дел во научнотехнолошки развој на ВИ-опрема? Одговори на овие прашања треба да дадат најповиканите и најстручните од секторот на одбраната. Дали НАТО ќе нѐ брани? Можеби да, а можеби и не. А ако се трансформира, со смален интерес за осиромашена, искубана Европа? Со зголемен интерес кон Пацификот наместо Атлантикот? Читајќи колку средства за купување оружје се трошат кај нашите непосредни соседи (Косово, Србија, Грција)… морници ме лазат. Веројатно затоа што јас сум од минатиот милениум и дувам и на матеница!
Кој ќе го обезбеди суверенитетот на нашето небо?
Очекувам самостојна, суверена контрола на воздушниот простор, да ја реализираме во кус рок. Или ќе плаќаме за да ни го чуваат небото членките на НАТО – нашите соседи? Да избереме систем според наша мерка и можности. Дали тоа ќе бидат транспортни хеликоптери (??), беспилотни летала, дронови? Дали ќе се снабдиме со системи за противвоздушна одбрана? Ќе купуваме или нема потреба?
Македонскиот јазик. Дали треба да го браниме?
Како човек образован во минатиот милениум, очекувам да се предвидат сите можни мерки, постојано да се штити јазикот, како основен атрибут на нашиот суверенитет. Тој е белегот на нацијата, генетски код – додека се говори ќе постојат Македонците. Нашиот јазик е силно нападнат од надвор, од соседите, но уште поподмолно од домашните јаничари. Ако не го почитуваме ние во Македонија, како можеме да го бараме тоа од други? Како можеме да си дозволиме во државните административни установи да бидат вработени и да земаат плата и да раководат луѓе што немаат основни познавања од јазикот?
Употребата на туѓите зборови, претежно од англискиот јазик, како гнилеж, се шири сѐ повеќе и повеќе. Жално и неприфатливо е кога образовани луѓе употребуваат „туѓизми“, срамејќи се да користат наши убави, изворни зборови со исто значење. Особено кога тоа се прави во јавните гласила (media) и од јавните личности. Мислам дека некои од тие луѓе дури и не ги разбираат тие туѓи зборови, користени со кирилично писмо. А некои се мрзливи (премногу „конформисти“) или сметаат дека така ќе изгледаат поумно пред народот. Еве неколку зборчиња што најчесто ќе ги сретнеме во медиумите и во настапите на политичките личности: едукација (боже, боже, образовани луѓе зборуваат за education), таргет, бизнис, дата, инпут, бенчмарк, менаџмент, компјутер, тренинг, интеграција, евалуација, скрининг…. мислам дека е доволно.
Ако ги scrining media, и во нив input data, може да заклучиме дека benchmark за education во однос на јазикот е далеку од посакуваната target и без training нема benefit за business. Дали со ваква реченица би ви изгледал помудар, пообразуван?
Лектор за македонски јазик во секој јавен медиум! Може ли да се предвиди механизам: казна од 50 денари за секој употребен туѓ збор? Средствата нека одат на сметката на Институтот за македонски јазик. Обврзувачко освежување на знаењето за правилно користење на македонскиот јазик на учителите, наставниците и професорите. За почеток, пример Хрватска и нивната грижа за националниот јазик.
А можеби и не сум во право, јас сум од минатиот милениум, застарен!
Правење деца!
Без македонски народ нема национална држава, нема потреба од национална стратегија!
Како во македонските народни прикаски… многу одамна, во минатиот милениум, правењето деца претставуваше задоволство за нас! (Да не сметате дека терминот „правење деца“ е вулгарен?) Одгледувањето деца не е лесно. Придобивката, наградата, среќата е немерлива. Или полесно е да чуваме кучиња и мачиња наместо деца? Очекувам да се предвидат мерки со кои ќе се поттикне раѓањето и одгледувањето деца, за да се запре заканата од „белата смрт“. Поволности за млади брачни парови, смалување порез на личен доход за прво, второ и трето дете (така беше во Швајцарија кога работев таму). Дури имаше и данок за ергенлак и моминлак. Подолго породилно отсуство за мајките; за сите деца обезбедени градинки. Лесен пристап до сопствен дом на младите брачни парови! И уште многу други поволности!
А можеби и не сум во право? Од минатиот милениум сум!
Водата е незаменлива и ограничена! Со овој наслов напишав една книга во 2003 година
Без вода нема живот. Без вода нема суверенитет. Таа е наше национално, непроценливо богатство. Треба ја зачуваме и да ја контролираме нејзината употреба. Очекувам да се предвиди максимално да ги задржиме и повеќекратно искористиме сите проточни води на тлото на Македонија. Кон другите држави да ја предаваме единствено количината на вода што е предвидена со меѓународните законски обврски. Со други зборови, очекувам на сите реки, каде што постои техничка можност, да се предвиди да се собере водата, да се создадат нови езера (Чебренско Езеро, Луково Поле, езеро Бошков Мост, Градец на Вардар итн.). Секоја капка да се искористи. Таа вода ќе служи и за пиење, за наводнување на земјоделските површини зголемувајќи го нивниот принос, а и за туристички цели. Пример е Мавровско Езеро. Од неколку села во кои живееја по неколку фамилии, стана туристички центар. Можеме и мораме!
Бев малку загрижен кога на симпозиум за користење на водите во Кина, во 2004 година, јавно изјавив: „Во следните децении војните ќе се водат за вода“. Професорот од Америка, кој седеше до мене, рече: „Колега, војната е почната одамна. Јас сум тука веќе две години, ги купуваме изворите на вода“. Подолго време се обидувам и предлагам да се внесе одредба во Уставот на Македонија дека водата не може никој да ја оттуѓи. Корисно е да се следи примерот на Словенија. Очекувам со оваа стратегија ова да стане реалност. Премногу очекувам? Или грешам? Ќе ми се прости, од минатиот милениум сум!
Без сопствено производство на храна нема суверенитет! Без вода и без храна не се може!
Очекувам да произведуваме високософистицирани производи, кои скапо се продаваат на светскиот пазар. И да имаме позитивен трговски биланс, па да можеме лесно да се откажеме од производство на храна за сопствени потреби. Арно ама јас паметам работи кои сме ги произведувале во минатиот милениум за себе и за извоз. Сега ги немаме или се произведуваат во многу мали количини: памук, афион, шеќерна репка, сончоглед, сусам… Многу стада на овци, производство на млеко и млечни производи, градинарски култури… за да се доведеме во ситуација да увезуваме домати, јајца, пилиња, масло…
Ние сме земја со аграрна традиција, со поволни климатски услови, има земја за обработување, пасишта за стоката. Нема само желба да се работи? Од стратегиски причини, очекувам во најкус временски рок (ако може и порано од рокот за реализација на оваа стратегија) да се ослободиме од увоз на основните стратегиски животоважни производи: житни култури, месо, млеко и млечни производи. Во случај на блокада на границите, да бидеме самоодржлива земја во однос на прехранување на населението. Ако произведеме повеќе – да обезбедиме извоз, складирање/конзервирање или откуп за државни резерви. Да обезбедиме безбедност на производителот. Со правилни мерки ќе се зголеми и интересот кај младата генерација, ако со својот труд остварува поголем профит во споредба со работата во администрација. Убеден сум дека можеме! А можеби и не сум во право?
Сопствено производство на енергија
Без сопствени производствени капацитети, за да ги задоволиме основните потреби за енергија, ќе бидеме економски и политички зависни. За да се ослободиме од увоз на енергија имаме две насоки: смалена потрошувачка на енергија преку мерки за енергетска ефикасност и изградба на нови производствени постројки. Да биде јасно, под сопствено производство подразбирам произведена енергија од наши, народни постројки (управувани од Владата/ЕСМ). Изградени со наши пари, за наши потреби, а ако произведеме повеќе, да има и за извоз. Може да се очекува во Македонија да се оствари поголемо производство на електрична енергија во однос на потребите (приватни производители со сончеви и ветерни паркови). Тоа нивно производство не влијае на цената на електричната енергија за потрошувачите во Македонија. Таа е пазарна цена, не е социјална; целиот профит од производството го зема тој што ја има постројката.
Ако веќе мораме да увезуваме природен гас како еколошки прифатлив енергент, во периодот на дваесетгодишната реализација на развојната стратегија, а зошто не и побрзо, очекувам целосно ослободување од увоз на електрична енергија.
Можеме! РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, порано или подоцна, одат во историја. Очекувам, но и убеден сум дека итно ќе се изградат две когенеративни термоцентрали, секоја со приближен капацитет од 240 MW. За да се обезбеди, што е можно побрзо, задоволување на базните потреби за електрична енергија.
Очекувам да се предвидат термини за да почне изградбата на акумулациите во Мариово (Чебрен; Галиште), Луково Поле итн., паралелно со ставање во функција на термоцентралите. Мултинаменски објекти што овозможуваат резерва на вода, енергија, стопански развој на неразвиените подрачја.
Очекувам многу внимателно да се доделуваат дозволи за изградба на енергетски капацитети, на приватните инвеститори, врз основа на праведни принципи. Особено во однос на капацитетот на постројката и локацијата (обработлива земја, оптимална локација за сопствено производство и слично). Едно е да произведеш енергија, а второ е таа да може да се пренесе до потрошувачите. Да не се доведеме во ситуација да изградиме наши сопствени постројки и да не можеме да ја пренесеме енергијата до потрошувачите. А причина да биде дека „патиштата“ се веќе зафатени од приватните производители, кои биле побрзи и со подобар финансиски капацитет.
Ова е само дел од очекувањата за зачувување на суверенитетот на Македонија што треба да бидат програмирани и реализирани со стратегијата. За сѐ треба пари, работа, продуктивност, љубов кон татковината. А можеби и не сум во право?
Автор: проф. д-р Константин Димитров