Неразбирливо е судовите и институциите да се прават недоветни и да не го гледаат тоа што го гледаат сите други, односно да не следат, опсервираат, анализираат и укажуваат на секакви сценарија за отворање правно-политички и безбедносни жаришта за дестабилизација на државата. И судовите, како дел од правосудниот систем и носители на судската власт, со Уставот и законите, се должни со свои реакции во еден поширок институционален концепт, синергичен со другите столбови на власт, да работат на превенција и репресија на можни деструктивни сценарија по државата и нацијата
Улога на медиумите е да ги разобличуваат
сите институционални и општествени аномалии
Не стивнуваат реакциите во македонската јавност откако косовскиот државјанин Блерим Рамадани, обвинет за воени злосторства и баран со меѓународна потерница, побегна на Косово од домашниот притвор во Македонија што му го одреди Кривичниот суд. И додека јавноста бара одговори зошто лице обвинето за воени злосторства завршило во домашен притвор, иако нема дом во Македонија и не е нејзин државјанин, Кривичниот суд наместо одговор на овие прашања, меѓу другото, прстот го впери кон медиумите, обвинувајќи ги дека имало „предимензионирана медиумска покриеност на екстрадициската постапка“!?
Работа на медиумите е навремено и објективно да ја информираат јавноста за сите случувања во државата што се од општествен интерес, а од тоа не е изземена и работата на Кривичниот суд.
Грото општествени чинители ги гледаат индициите за дестабилизација, за Кривичниот суд – работата била предимензионирана (?!)
Во време кога има сериозни индиции за есенско сценарио за креирање инциденти што би предизвикале дестабилизација на државата, загрижува индолентниот однос на Кривичниот суд и на други институции што се прават недоветни и ги игнорираат потенцијалните безбедносни закани што можат да настанат поради нивните постапки.
Имено, Рамадани е поранешен војник на УЧК и близок до структурите на ДУИ, така што домашниот притвор одреден од Кривичниот суд е класичен бланко-билет за напуштање на државата на притвореникот во секој момент. Затоа и критиките беа насочени кон судијата Пајазит Пајазити, кој исто така важи за човек близок до интегративците, а за тоа говори и одредената условна казна за Иџет Мемети, заменик-претседател на Советот на јавни обвинители, кој на оваа функција дојде со благослов на ДУИ.
За да се затскријат ваквите партиски спреги меѓу ДУИ и дел од судиите, вината се префрла врз медиумите, дека тие ги предимензионираат работите.
Медиумите на браникот на државата
Од друга страна, тврдењата на медиумите се поткрепени со факти и постапките преземени од луѓето блиски до интегративците говорат дека тие се решени да го остварат планот за есенска дестабилизација на државата, но инцидентите ќе треба да ги предизвика некој друг. Тоа се луѓето што со години косовските власти не ѝ ги испорачуваат на Македонија, како и овие што под некакви чудни судски околности завршуваат во домашен притвор во земја во која ниту се државјани ниту, пак, имаат свој дом.
Од она што може да се насети на терен, почнувајќи од изјавите, постапките, но и поранешните практики кога ДУИ била во опозиција, постојат класични индиции дека е можна дестабилизација и сосема е нормално медиумите да работат на разобличување на сите тие спреги воспоставени по разни канали, а кои имаат за цел да спроведат одредено сценарио на контролирана дестабилизација што би требало да го врати ДУИ на власт на голема врата.
Затоа неразбирливо е судовите и институциите да се прават недоветни и да не го гледаат тоа што го гледаат сите други, односно да не разработуваат секакви сценарија за дестабилизација на државата и со своите одлуки, базирани исклучиво врз законот, да работат на превенција од таквите можни сценарија.
Медиумите, повикувајќи се на внатрепартиски извори во ДУИ, информираат дека во партијата максимално е мобилизирано членството, како и луѓето вработени во институциите, за да можат во одреден момент да предизвикаат некакви инциденти и институционална нефункционалност, за што говорат и последните судски одлуки. И нормално, во недостиг од вистински аргументи, вината се фрла врз медиумите, бидејќи тие се најгласното оружје на македонските граѓани против сите оние што сакаат да ја дестабилизираат државата. П.Р.
Многумина што биле пуштени да побегнат во Косово, па и оние што избегаа од затворите, односно не се вратија на доотслужување казна затвор, се повикани од централата да го одработат својот дел од задачата, сметаат некои од безбедносните аналитичари, кои со своите анализи сакаат да го подигнат нивото на претпазливост и штрек во врска со зачувувањето на стабилноста на државата
Индициите за есенска дестабилизација на државата упатуваат на една адреса
Перфидно сценарио на интегративците за враќање на власт
Откако медиумите ги разобличија намерите на ДУИ да предизвика дестабилизација на државата, особено што по медиумските написи значително се засили меѓународниот притисок врз интегративците да ја прифатат политичката реалност, сега во Мала Речица се работи на ново, многу поперфидно сценарио.
Иако одговорот од ДУИ беше дека немаат намера да ја дестабилизираат државата, мобилизацијата на членството говори за нешто сосема друго, а на тоа веќе предупредија и меѓународните фактори, особено САД, кои не сакаат конфликтни состојби во Македонија.
– САД се во редовен контакт со официјални владини лица за прашања од меѓусебна загриженост – изјавија од Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски на прашањето дали САД имаат информации за наводен ризик од дестабилизација во Македонија, како што предупреди премиерот Христијан Мицкоски, како и дали на оваа тема разговарале со македонската влада.
– Додека генерално не обезбедуваме соопштенија од дипломатски состаноци, ние сме во редовен контакт со владини функционери за широк спектар прашања од меѓусебна загриженост – одговорија од прес-службата на Стејт департментот.
Мицкоски при неодамнешната посета на Царинската управа рече дека високи функционери во поранешни влади се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен и да „провоцираат етнички конфликт, односно да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во Македонија“.
– Индиции имаме за елементи што располагаат со огромни милионски суми на пари, некои од нив се и високи функционери во поранешни влади, кои се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен, во најголемиот дел да манипулираат, а она што мене особено ме загрижува е тоа што се обидуваат да провоцираат етнички конфликт, односно да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во Македонија. Тоа е она што најмногу ме вознемирува бидејќи сфаќаат дека на друг начин тие не може да мобилизираат луѓе и сега единствениот начин е да испровоцираат ваков тип конфликт. Тоа нема да го дозволиме – порача Мицкоски.
ДУИ во миротворна мисија откако дестабилизацијата ќе ја направи некој друг за нив
Очигледно ДУИ сега ќе игра на поинаква карта, откако бледо поминаа нејзините помпезни најави за некакво редефинирање на Охридскиот рамковен договор и никаквиот одглас што тоа го имаше кај нејзините традиционални меѓународни партнери.
Затоа интегративците сега го менуваат пристапот и неодамнешната судска одлука за Рамадани може да се поврзе во таков контекст.
– Зарем судовите не знаат да проценат дека овие поединци што можат да направат проблеми и инциденти, кои се поранешни војници на УЧК, како што е и Рамадани, кој избега од домашниот притвор, се тие што можат да направат проблеми и да ја дестабилизираат државата? Забораваат ли судовите кој и од каде влезе пред неколку години во кумановско Диво Насеље? Тоа се тие структури што под некакви чудни околности биле ослободени од кривични дела и сега одработуваат. Да не заборавиме дека сите тие ќе бидат добро платени за својата работа, така што се подготвени многу да ризикуваат. Судските институции го занемарија тоа или едноставно не сакаа да го земат предвид бидејќи судството е партизирано, а се знае кој ги влече сите конци таму. Доволно е да се сетиме како помина полицајката што се обиде да казни непрописно паркирано возило кај „Мавровка“. Тоа се повеќе луѓе, многумина што биле пуштени да побегнат во Косово, па и оние што избегаа од затворите, односно не се вратија од отсуство, сите тие се повикани од централата да го одработат својот дел од задачата – сметаат некои од безбедносните аналитичари.
Според нив, сценариото е повеќе од провидно и намерите се тоа да се реализира од есен, кога фокусот ќе биде многу поголем.
– ДУИ е свесна дека сите очи се свртени кон нив, па затоа ангажира луѓе од страна што ќе ја одработат валканата работа за нив, за потоа тие да се појават како миротворци, наметнувајќи се како неизбежен фактор без кој не е можна стабилна Македонија. Можеби ваквото сценарио е договорено и со некои странски центри, но генералниот заклучок е дека на граѓаните, без оглед на нивната етничка припадност, веќе им е прекуглава од ваквото насилничко однесување на една партија, која само за да се добере до власт е подготвена да стори сѐ, вклучувајќи и да ги загрози безбедноста на државата и етничкиот соживот – заклучуваат соговорниците. П.Р.