Иранските спасувачи трагаат по преживеани по американските воздушни напади / Фото: ЕПА

Редакциска опсервација

Светот распослан на повеќе фронтови

  • Во сржта на сите овие процеси на судир стои прашањето за СУВЕРЕНИТЕТОТ! Класичниот вестфалски систем, кој подразбира формална еднаквост на државите, сè повеќе ја губи својата практична важност. Светот со децении функционираше како униполарен систем со еден доминантен центар на моќ. Во таков контекст, меѓународното право често се доживуваше и сѐ уште се доживува како инструмент, а не како неутрален арбитер. Идејата за „крај на историјата“ со воспоставувањето либерален глобален поредок се перципираше како конечна фаза на развојот на меѓународните односи, бидејќи наративот и поведението на неолибералите силно го туркаа и со употребата на „мека моќ“, но и со употреба на „тврда (воена) моќ“. Сепак, од скоро овој униполарен глобализам е растресен од темел. Се појави или, поточно речено, се обнови една друга сосема различна идеологија од либералната, која во својата срж ги содржи традиционализмот, суверенизмот, универзалните вредности на сите религии, семејството како клетка на општеството итн.

Реалноста на современата геополитика сè повеќе се оддалечува од класичните теории и модели опишани во старите учебници. Наместо стабилен систем на рамнотежа, денес сведочиме на динамичен и конфликтен свет во кој големите сили дејствуваат истовремено на повеќе фронтови низ целата планета, на копно, на море и во воздух. А во центарот на оваа трансформација стои длабокиот судир меѓу две визии за светскиот поредок:

1. униполарната и досегашна визија, предводена од познати западни либерални центри на моќ;

2. мултиполарната, која постепено се оформува околу нови центри на моќ.

За светските најгорливи воени жаришта,кои се алатка за трансформација на
светскиот поредок

1. Украина: Фронт со длабоки корени

Првиот и највидлив фронт е во Украина. Овој конфликт не е изолиран настан, туку резултат на подолг историски процес што се развиваше по крајот на Студената војна. Во таа ера, западните политички и економски структури настојуваа да ја редефинираат улогата на Русија во глобалниот систем. Москва, меѓутоа, одби да прифати позиција на подреден актер и инсистира на зачувување на својот суверенитет и, секако, широко влијание. Во меѓувреме, со доаѓањето на Трамп, САД постепено го намалуваат директниот товар на поддршка за Киев, пренесувајќи го сè повеќе врз европските НАТО-сојузници. Овој процес укажува на трансформација на стратегијата, но не и на откажување од геополитичките цели.

2. Латинска Америка: Тивкиот фронт на западната хемисфера

Вториот фронт се наоѓа во западната хемисфера. Притисоците врз Венецуела, операциите поврзани со Куба, како и активностите насочени кон политичките и безбедносните структури во Мексико, Колумбија и во Еквадор, укажуваат на континуирана стратегија на влијание. Овој регион често се претставува како простор на „стабилизација“, но од друга перспектива може да се толкува како систематски притисок врз држави што настојуваат да водат поавтономна политика. Латинска Америка, во тој контекст, станува поле на борба меѓу традиционалното влијание на САД и новите геополитички алтернативи.

3. Блискиот Исток како најексплозивен центар на геополитичкиот конфликт за трансформација на светскиот поредок

Третиот, и можеби најризичен фронт, е Блискиот Исток. Во овој регион се преплетуваат воени операции, регионални ривалства и глобални интереси. Конфликтите во Газа, Либан и во Јемен, како и тензиите со Иран, создаваат комплексна безбедносна слика. Западните сили, заедно со регионалните сојузници, повторно демонстрираат подготвеност да ја редефинираат политичката карта со помош на употреба на таканаречената тврда моќ. Ова дополнително ја продлабочува нестабилноста и ја зголемува опасноста од поширока ескалација.

Кризата на суверенитетот и крајот на вестфалскиот модел

Во сржта на сите овие процеси лежи прашањето за суверенитетот. Класичниот вестфалски систем, кој подразбира формална еднаквост на државите, сè повеќе ја губи својата практична важност. Светот со децении функционираше како униполарен систем со еден доминантен центар на моќ. Во таков контекст, меѓународното право често се доживуваше и сѐ уште се доживува како инструмент, а не како неутрален арбитер. Идејата за „крај на историјата“ со воспоставувањето либерален глобален поредок се перципираше како конечна фаза на развојот на меѓународните односи, бидејќи наративот и поведението на неолибералите силно го туркаа и со употребата на „мека моќ“, но и со употреба на „тврда (воена) моќ“. Сепак, од скоро овој униполарен глобализам е растресен од темел. Се појави или, поточно речено, се обнови една друга сосема различна идеологија од либералната, која во својата срж ги содржи традиционализмот, суверенизмот, универзалните вредности на сите религии, семејството како клетка на општеството итн. Оваа идеологија се спротивставува на постмодернизмот и на неговиот својствен активен нихилизам, кој ги ништи традиционалните вредности, како моралот, етиката, па и религијата итн. Тоа се суверенистите со својата антилибералистичка идеологија и мултиполарен концепт на светска трансформација.

Подемот на мултиполарноста

Имено, почетокот на 21 век донесе нова динамика. На пример, во источната хемисфера се започна да се промовира концепт на враќање на вистинскиот суверенитет, што постепено, на пример, се институционализира преку сојузи и формати како БРИКС. Овој блок претставува обид за поврзување различни цивилизациски и регионални центри, од Евроазија до Латинска Америка и Африка. Но, и покрај растечкото влијание, мултиполарниот свет сè уште не е целосно консолидиран. Постојат значајни разлики во интересите и стратегиите меѓу неговите актери. Но во целиот овој галиматијас на промени на светскиот поредок, особено внимание привлекува насоката на американската политика. Иако одредени политички струи најавуваа „намалување на интервенционизмот и поголема ориентација кон внатрешните прашања (трампизам)“, практичните чекори укажуваат на „континуитет со претходните стратегии“ на САД. Поддршката за Украина, ангажманот на Блискиот Исток и активностите во Латинска Америка сугерираат дека Вашингтон и натаму се однесува како клучен глобален актер што настојува да ги обликува меѓународните процеси според сопствените интереси.

Неизвесна иднина на светскиот поредок

Главната неизвесност на денешницата не се сведува само на прашањето кој располага со повеќе ресурси или сојузници. Многу поважно е која визија за светот ќе успее да се наметне како одржлив модел. Дали тоа ќе биде продолжение на униполарниот систем или постепено ќе се изгради вистински мултиполарен поредок како што е започнат, останува отворено прашање. Јасно е само дека светот влегува во период на долгорочна транзиција, во кој конфликтите, сојузите и идеологиите ќе играат клучна улога во обликувањето на иднината. Р.С.