Кој курс ќе го фати Ватикан со новиот папа - конзервативниот или либералниот? / Фото: ЕПА

Сегашниот избор на нов папа ќе биде клучен за да се знае дали и во Ватикан ќе бидат прифатени и поддржани конзервативните политики (компатибилни со светскиот тренд кон воспоставување мултиполарен свет) или, пак, Ватикан ќе продолжи со поддршката на либералните струи. Ако се случи ова второво и земајќи го предвид колосалното глобално влијание на Ватикан, тогаш состојбите низ светот уште долго време ќе бидат идеолошки конфликтни, бидејќи либералните елити ќе добијат нов импулс за опстојување. Во еден таков сплет на околности, некои моќни центри и натаму ќе се обидуваат да ги диктираат светските процеси и на тој начин ќе се генерираат длабоки општествени конфронтации

Генералниот светски ресет не ги одминува ниту црковните процеси

Додека светот се подготвува за утрешното испраќање на папата Франциск, кој според неговата желба ќе биде погребан во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим, во заднина веќе се одвиваат „дворските игри“ околу изборот на нов поглавар на Римокатоличката црква, од што всушност ќе зависи и идниот курс што Ватикан ќе го заземе кон глобалните светски текови.
Во Светиот Престол веќе кружат потенцијални имиња околу можниот наследник на папата, а она што го нотираа повеќето аналитичари е дека и меѓу кандидатите за папството има јасна поделба на оние што го одобруваа либералниот пристап на Франциск и оние што се за поконзервативен пристап и враќање кон традиционалните (семејни и други) вредности.
Новиот папа ќе биде избран од таканаречениот Колеџ на кардинали, тело составено од највисоките функционери на Католичката црква. Сите тие се од машки пол, назначени директно од папата и обично се ракоположени за епископи. Во моментов, Католичката црква има 252 кардинали, од кои 138 имаат право на глас при изборот на нов папа. Другите се постари од 80 години и затоа не можат да учествуваат во гласањето, но можат да учествуваат во дискусии за тоа кој треба да биде избран.
Токму дискусиите што веќе се одвиваат ќе бидат пресудни кој ќе го заземе местото на упокоениот Франциск.

Идеолошката пресметка влегува во фотофиниш

Она што во следниот период ќе се случува во Ватикан, всушност во огромна мера е резултат на она што во моментот се случува во светот. Имено, по победата на Доналд Трамп на американските претседателски избори, стана јасно дека светот почнува огромен ресет во кој мултиполаризмот стапува во сила за сметка на неолиберализмот и глобализацијата, кои очигледно не ги дадоа посакуваните резултати.
Општото незадоволство од таквите либерални и глобалистички политики резултираше со раст на силите што се залагаат за враќање на суверенизмот и традиционалните вредности, а тоа го покажаа и изборите во повеќе земји во кои победија кандидати што се залагаа за заштита на националните интереси наспроти глобалниот наднационален пристап.
Наместо да ги опсервираат сопствените промашувања, неолибералите се впуштија во жестока пресметка со неистомислениците, применувајќи методи на автократски режими со кои најдрско ја девалвираа народната волја.
Протестите што деновиве се случуваат во САД против американскиот претседател Доналд Трамп се инспирирани токму од тие неолиберални кругови, кои соочени со губењето на моќта што им ја даваше крупниот капитал се обидуваат со сите сили да ги опструираат новите американски политики што се залагаат за свртување на САД кон самите себе и сопствената економија, наместо финансирање војни и конфликти низ светот од кои полза имаат единствено либералните елити преку воената индустрија.
Слично нешто се случува и на европскиот континент, каде што Европската Унија наместо да работи на сопствената демократизација, се измелези со еден авторитарен работен режим, кој одлучува кој ќе стане претседател, премиер или, пак, како ќе се гласа на некој референдум во некоја држава што е цел на неговите интереси. Судската пресуда против Ле Пен во Франција, забраната за учество на избори на Георгеску во Романија, притисоците во Молдавија и Грузија, врз Словачка, наредбите да не се присуствува на Денот на победата во Москва го покажуваат отворениот конфликт меѓу неолибералните и конзервативните сили на европско тло, но и нервозата кај европските челници, кои не можат да прифатат дека има граници до каде што може да се оди во девастирањето на вредностите и суверенитетот на секоја држава.
Војната во Украина всушност беше директен судир на овие идеологии со употреба на оружје, кој неолибералите не сакаат да го прекинат, свесни дека ако престане оружјето, тогаш светот дефинитивно станува мултиполарен и секој глас треба да биде слушнат и уважен. Конзервативците, или сега уште познати и како суверенисти (трампизам), сакаат крај на војната во Украина и затворање на сите критични невралгични точки во светот за да може да се воспостави мултиполарно владеење како противтежа на глобалистичкиот хегемонистички пристап.

Глобалните трендови го тресат и Ватикан

Несомнено тоа што сега се случува во светот без исклучок ќе се рефлектира и при изборот на нов папа, а потврда за тоа се биографиите на потенцијалните наследници на Франциск.
Не е тајна дека изминатите години и во Ватикан се случуваше длабок внатрешен конфликт околу тоа дали црквата треба толку да им угодува на неолибералните политики, напуштајќи го традиционалниот нуклеус врз кој самата почива – семејството како заедница меѓу маж и жена, кои своите потомци треба да ги воспитуваат во духот на христијанството.
Од друга страна, имаше силни критичари на политиките на папата Франциск, особено во делот на политиките кон ЛГБТ-заедницата и кон мигрантите. Тие бараа Ватикан да се држи до традиционализмот без да експериментира со либералниот пристап бидејќи, како што наведуваат некои аналитичари, на тој начин ослабува врската меѓу црквата и општеството и верата почнува да се комерцијализира и разводнува. За критичарите на либералните црковни политики на Ватикан е спорно тоа што се дозволува семејството да не се дефинира како заедница на маж и жена, туку како родители без да се наведува нивниот пол, односно како родител 1 и родител 2. Токму таквите политики ги прокламираа неолибералите последните дваесетина години и се обидуваа со сите средства да ги инсталираат во повеќето држави како услов тие земји да напредуваат во интеграциските процеси.
Додека Православната црква енергично се спротивстави на ваквите обиди, Ватикан како да кокетираше со повеќето политички елити и премолчено го поддржуваше ваквиот пристап, особено ако се има предвид моќта што Светиот Престол ја има во светот.
– Не треба да заборавиме дека Ватикан на некој начин е светска влада. Неговата улога не е само црковна, туку во сето тоа има и многу политика. Затоа сегашниот избор на нов папа ќе биде клучен да се знае дали и Ватикан ќе ги поддржи новите конзервативни политики што водат кон воспоставување мултиполарен свет или, пак, ќе продолжи поддршката на либералните струи. Ако се случи ова второво, тогаш состојбите низ светот уште долго време ќе бидат конфликтни бидејќи некои моќни центри и натаму ќе се обидуваат да ги диктираат сите светски процеси и на тој начин ќе генерира длабоко општествено незадоволство. Луѓето сакаат мир, благосостојба и просперитет првенствено на сопствените држави, онаму каде што живеат и тој суверенистички пристап уште повеќе ќе доаѓа во конфликт со глобалните политики што им се наметнуваат на народите. Тоа не го хармонизира светот, туку уште повеќе го поларизира. Како и да е, оној конфликт што се случува на идеолошки план низ светот, нема да го одмине ниту Ватикан, а изборот на нов папа ќе покаже во која насока ќе се движат процесите – заклучуваат аналитичарите.