Дали постои алтернативен филозофски концепт за светскиот поредок и меѓународните односи од постојниот пристап на Западот во којшто терминот „судир на цивилизациите“ (Хантингтон) зазема централно место? Одговарајќи афирмативно на ова прашање, во денешниов есеј ќе се задржам на древниот кинески концепт „тјеншја“ (англ. tianxia) – „поднебесје“ и неговите современи контекстуализации
Модерниот систем на „суверени“ и „еднакви“ национални држави, воведен со Вестфалскиот договор пред повеќе од три и пол века, потсетува, колоквијално зборувајќи, на игра со резултат еднаков на нула (англ. „zero sum game“), во којашто меѓународните актери се победници или губитници (при што вкупниот збир само се чини дека е нула). Ваквиот пристап се покажа целосно неефикасен за решавање на неодложните предизвици на нашето време: глобалното затоплување, пандемиите, деградацијата на животната средина, нееднаквостите во приходите, недостигот од храна и вода, масовното исчезнување на видовите, прокси-војните… Денешниве предизвици, сами по себе, се меѓусебно органски поврзани и доколку тие не се решаваат со холистички пристап, не постои друго ефективно решение. Преминувајќи ги сите национални, етнички и религиозни граници, денешнава „совршена бура“ може ефикасно да се надмине само користејќи глобален пристап што вклучува заеднички активности за доброто на светската заедница како целина.
Дали постои алтернативен филозофски концепт за светскиот поредок и меѓународните односи од постојниот пристап на Западот во којшто терминот „судир на цивилизациите“ (Хантингтон) зазема централно место? Одговарајќи афирмативно на ова прашање, во денешниов есеј ќе се задржам на древниот кинески концепт „тјеншја“ (англ. tianxia) – „поднебесје“ и неговите современи контекстуализации. Зборот „тјеншја“ е термин што во секојдневниот кинески јазик, поедноставено зборувајќи, значи „свет“. Терминот „тјен“ означува небо (или Рај, но без никаква религиозна конотација), додека, пак, „шја“ значи под, па така, буквалното значење на терминот „тјеншја“ е „сѐ под небото“ или „поднебесје“. Меѓутоа, „тјеншја“ е исто така геополитички термин што се среќава во античката канонска литература и што има подлабоко филозофско и историско значење. Во текот на изминатите неколку децении, значењето на овој термин како можна кинеска рамка за размислување за нов светски поредок, првенствено во кинеската литература, беше предмет на многу дебати.
За Џон Кинг Фербенк (John King Fairbank, 1907 – 1991), еден од најзначајните американски синолози на 20 век, „тјеншја“ е концепт за светскиот поредок, меѓутоа, во современ контекст, задржувајќи го своето старо значење што се однесува на познатиот човечки свет и тргнувајќи од тоа дека светот има повеќе од една култура, „тјеншја“ не опфаќа одредена култура и дефинитивно не се заснова на кинескиот центризам, спротивно на тоа, концептот „тјеншја“ подразбира меѓусебно почитување и прифаќање на различни култури и доброволна соработка за подобра иднина. Сун Јат Сен (1866 – 1925), основачот на современа Кина – „таткото на татковината“, е можеби еден од првите истакнати Кинези што го застапуваат ваквото разбирање на терминот „тјеншја“: според него „тјеншја е за сите“ – точна презентација на оваа древна дефиниција на античкиот кинески концепт пренесена на современиот свет. Користењето на овој древен збор значи промовирање на современиот кинески концепт за светскиот поредок и поставување на основата за севкупниот пристап кон светот и кон меѓунационалните односи: сè започнува и завршува со човештвото како целина, а не само со еден народ, притоа почитувајќи го интегритетот на (националните) држави, што е суштински значајно бидејќи е фундаментално отстапување од западниот пристап за меѓународните односи. Зборувајќи за разликата помеѓу политичката филозофија на Кина и нејзините западни колеги во книгата „Историја на кинеската политичка мисла за време на раниот период на династијата ‘Чин“ (221 п. н. е. – 206 п. н. е.), новинарот и интелектуалец Лјанг ‘Чичао (англ. Liang Qichao, 1873 – 1929) ќе рече: „Европските национални држави ги имаат своите корени во градовите и замоците. … Основниот принцип на овој тип на организација (се мисли на градовите и замоци – н.з.) е консолидација на силите внатре за да се спротивстават и да им пркосат на оние надвор, така што омразата кон странците е средство за будење патриотски чувства. … Од друга страна, од почетокот на цивилизацијата, кинескиот народ никогаш не ја сметал националната влада за највисок облик на општествена организација. Нивната политичка етика отсекогаш била во однос на целото човештво, со светскиот мир како конечна цел, а семејството и нацијата само како етапи во усовршувањето на светскиот поредок. Кина, покрај тоа, тврдеше дека политичките активности никогаш не треба да бидат привилегија или во корист на која било група или дел од човештвото“.
Истакнатиот современ филозоф Чжао ‘Тингјанг (англ. Zhao Tingyang), професор и член на Кинеската академија за општествени науки, во изминатите дваесетина години остави неизбришлива трага врз современата филозофска мисла: неговата теорија за системот „тјеншја“ – теорија на светскиот поредок, се обидува да го надмине „судирот на цивилизации“ и претпочита алтернатива на концептот за вечен мир предложен од Кант. Неговите многубројни публикации на кинески, англиски и на други јазици ги вклучуваат книгите (преведени на англиски јазик): „Поднебесје: системот ’тјеншја’ за можен светски поредок“ (2021 г.) и „Вителот што ја произведе Кина: лов на елен на централната рамнина“ (2024 г.) и речникот „Транскултурен речник на недоразбирањата: европски и кинески хоризонти“ (2022 г.), во којшто Чжао е еден од уредниците. Еден од неговите основни концепти е визија за „витална внатрешност без надворешност“: неговиот концепт „ву вај“ (англ. wu wai) – „без надворешност“, го побива наративот на некои западни аналитичари дека Чжао, користејќи го кинескиот термин „тјеншја“ наместо „глобален поредок“, се залага за кинеска хегемонија, а не за нов геополитички поредок. Терминот „тјеншја“, всушност, според мислењето на Чжао, го прифаќа светот таков каков што е, при што ја трансформира националната држава од дискретен, суверен ентитет, во статус на апстракција од втор ред, третирајќи ги внатрешните – во рамките на државата, односи (или интранационалните, не интернационалните, односи) како дел од глобална целина, што упатува на радикална контекстуализација и вклучува три нови концепти. Прво, интернализација на светот – споделен универзален систем инклузивен за сите нации, негова релациона рационалност – приоритет на заемното минимизирање на непријателството во однос на максимизирањето на ексклузивниот интерес и воведување на принципот: подобрување според Конфуциј – некој се подобрува ако и само ако сите други се подобруваат. Второ, замена на златното правило „никогаш не правете им го на другите она што не би сакале другите да ви го прават вам“, иако речиси совршено, освен неговата еднострана субјективност, што проблематично имплицира дека „јас“ има едностран авторитет да одлучува за универзалните концепти за тоа што е добро или правилно, со правилото „никогаш не правете им го на другите она што другите не би сакале да им го правите“. Со менување на субјективноста во транссубјективност, ова ново правило станува строго реципрочно и симетрично, а со тоа и универзално. Трето, епистемолошко разбирање на терминот „тјеншја“ подразбира воведување нова енциклопедија, инспирирана од францускиот проект за енциклопедија во осумнаесеттиот век, но сега поддржана од интернет и вештачка интелигенција, што ќе резултира во „метаверс библиотека“ (англ. „metaverse library“). Новата енциклопедија, заменувајќи ја едностраната агенда на западниот редукционистички пристап, ќе се развива врз и од истражувањето на универзалните грижи, од проблемите со кои се соочуваат сите луѓе и нивните интеракции, тргнувајќи од идејата дека светот поседува својства како целина, различни од својствата на нивните составни делови (држави).
За неправдите на ЕУ и САД кон Македонија – сè е веќе напишано во „Нова Македонија“ – déjà vu, оттука ве повикувам, позајмувајќи ги зборовите на Христо Ивановски: „‘Нова Македонија’ е и во зборот и во реченицата и во јазикот и во слогот и, ако сакате, во везот, во небиднината, во пештерата и во седумте осмини, ритамот низ кој се ткае новинарската приказна на и за ‘Нова Македонија’“, читајте „Нова Македонија“! Професорот Чжао од некои западни аналитичари е веќе прогласен за утопист, по денешниов текст, освен националист, ќе ме закитат и со терминот утопист. Па, затоа, „Можеш да кажеш дека сум сонувач / Но јас не сум единствениот / Се надевам дека еден ден ќе ни се придружиш / И светот ќе биде како еден“. А во тој свет, знам, ние повторно ќе бидеме Македонија!