Фото: „Нова Македонија“

За студентите е најважен квалитетот на високото образование, намалување на огромниот број студиски програми и промена во нивниот концепт, затоа што се соочуваат со недостиг од практични вештини, истакна претседателот на Универзитетското студентско собрание на Скопскиот универзитет, Александар Николовски, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на студентите – 17 ноември, на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на УКИМ.
– Она што дополнително треба е промена на концептот на финансирање на високото образование и сметаме дека треба да се воведе бесплатно образование за најдобрите студенти, како што е пракса во регионот, за да ги задржиме студентите тука и да не одат да студираат во странство. За тоа е потребна промена на начинот на финансирање, но и во квалитетот – изјави Николовски.
Тој посочи дека во програмата на УСС на УКИМ за годинава е укинување на сите дополнителни давачки на студентите, затоа што членот 123 од Законот за високо образование, како што рече, предвидува дека МОН ги покрива трошоците за студирање на студентите. Николовски соопшти и дека УСС на УКИМ во соработка со НСТ до Министерството за економија поднело мерка „Нашите млади создаваат дома“, со која се предвидува ваучер-систем за задржување на младите во земјава. Н.М.