Временска прогноза на експертите

Наглите промени на температурата на воздухот предизвикуваат здравствени проблеми кај граѓаните, па токму затоа ви ги пренесуваме препораките на здравствените работници. Се чини дека по периодот на денови со крајно високи температури следува сериозен пад на температурата, па тоа е причина повеќе граѓаните да бидат внимателни и да се придржуваат до препораките на лекарите.
Според најавите на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), но и според најновиот приказ на Европскиот центар за среднорочни временски прогнози (ЕЦМВФ), наредната недела следуваат поголемо разладување на времето и голем пад на температурите во најголем дел од Европа, а околу и по 10 јули пад на температурите и врнежи се очекуваат и во Македонија. На европските Алпи ќе има и обилни врнежи од снег.
По сѐ изгледа, на многу топлото време со исклучително високи температури на воздухот, и тоа поради многу топлиот бран со потекло од југ, односно од Африка, кој зафаќа најголем дел од Европа, му се гледа крајот. Токму ова многу топло време ќе го прекине многу ладниот атмосферски фронт, кој од 9 јули (среда) од северозапад ќе се спушти и ќе го зафати целиот европски континент, секако вклучувајќи ги Балканот и Македонија.
Токму овој ладен атмосферски фронт ќе донесе температури пониски од сегашните дури и за повеќе од 15 степени низ Европа и Балканот. Ова ќе услови и многу поврнежливо време со чести временски непогоди. Поради заладувањето, во Алпскиот Регион ќе има и пообилни врнежи од снег и формирање снежна покривка.
Временски непогоди од 9 јули (среда) го очекуваат и регионот.
Топлиот бран од Африка, кој зафати голем дел од Eвропа, целиот регион, како и Македонија, ќе продолжи сѐ до крајот на оваа недела, и тој ќе придонесе и понатаму да имаме многу топло време со висока вредност на УВ-индексот 9, прогнозира и Славчо Попоски, кој и досега вообичаено изготвуваше исклучително прецизна прогноза на времето. Неговата прогноза е дека в недела во попладневните часови ќе има појава на изолирана нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи, засилен ветер, но и услови за појава на краткотрајно невреме со појава на град.
Што се однесува до температурите, тие ќе се искачуваат во интервалот од 32 до 41 степен. И во Скопскиот Регион температурата ќе се искачи до околу 40/41 степен.
Поради многу топлото време, но и поради високата вредност на УВ-индексот, граѓаните, особено оние повозрасните, без потреба да не излегуваат во најтоплиот дел од денот (од 11 до 17 часот) и да пијат повеќе течности.
Кај нас во Македонија в недела (6 јули) во попладневните часови ќе има локален развој на нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за појава на краткотрајно невреме со град.
Значително освежување на времето и голем пад на температурите на воздухот, проследено со засилен ветер од северен правец од средината на следната седмица, следува и во Македонија, укажува Попоски. П.Р.


Што претставува Европскиот центар за среднорочни временски прогнози (ЕЦМВФ)

Европскиот центар за среднорочни временски прогнози (ЕЦМВФ) е независна меѓувладина организација поддржана од повеќето земји во Европа. Се наоѓа на три локации: Шинфилд Парк, Рединг, Обединето Кралство; Болоња, Италија; и Бон, Германија. Управува со еден од најголемите суперкомпјутерски комплекси во Европа и најголемата архива на податоци за нумеричко предвидување на времето во светот.
ЕЦМВФ е основан во 1975 година, откако е утврдена потребата за здружување на научните и техничките ресурси на европските метеоролошки служби и институции за производство на временски прогнози за среднорочни временски рамки (до приближно две недели) и за економските и социјалните придобивки што се очекуваат од тоа. Центарот има околу 350 вработени, претежно назначени од земјите членки и земјите соработници.