Македонија на американската листа на земји на кои од денеска (21 јануари) ќе им престане обработката на апликациите за иселенички визи
- Иако Македонија и САД имаат формализирано стратешко партнерство и земјата е полноправна членка на НАТО, македонските граѓани и понатаму се соочуваат со строг визен режим за влез во САД. Истовремено, држави со сличен или дури и послаб степен на политичка соработка со Вашингтон веќе уживаат безвизен режим. Клучната дилема што се наметнува сиве овие години е зошто Македонија останува надвор од оваа група на земји чии граѓани слободно можат да патуваат во САД?
Без оглед што Македонија и САД повеќе од три децении негуваат блиски и пријателски односи, што во 2009 година резултираше со потпишување Декларација за стратешко партнерство, која се надгради со потпишување на Стратешки дијалог во 2024/2025 година како рамка за поинтензивна соработка, јавноста беше изненадена од неодамнешната најава на Вашингтон дека „визниот режим за македонските граѓани останува“.
Иако очекувањата беа дека по приемот на земјава во НАТО, САД би можеле да ја изземат земјава од списокот на држави на чии граѓани им се потребни визи за патување во САД, не само што тоа не се случи туку Македонија се најде и на новата американска листа чии граѓани од 21 јануари нема да можат да аплицираат за иселенички визи. Имено, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го суспендира процесирањето на сите иселенички визи за посетители од 75 земји, вклучително и од Македонија, почнувајќи од 21 јануари, објави „Фокс њуз“, повикувајќи се на меморандум од американскиот Стејт департмент.
На што се однесува меморандумот на Стејт департментот и кои земји се засегнати
Како што објави „Фокс њуз“, во меморандумот на Стејт департментот им се наложува на американските амбасади да одбијат иселенички визи според важечкиот закон, додека Стејт департментот ги анализира постојните правила.
Престанокот на обработката на визи ќе започне денеска и ќе трае додека трае ревизијата на процедурите. Причината за оваа мерка е спречување на издавањето иселенички визи на лица што би можеле да станат „јавно оптоварување“, односно лица што би зависеле од владини социјални бенефиции по доаѓањето во САД.
Во рамките на целосниот список на земји под ембарго за издавање визи, покрај Македонија, се најдоа и Авганистан, Албанија, Алжир, Антигва и Барбуда, Ерменија, Азербејџан, Бахами, Бангладеш, Барбадос, Белорусија, Белизе, Бутан, Босна, Бразил, Бурма, Камбоџа, Камерун, Зелено’ртска Република, Колумбија, Брегот на Слоновата Коска, Куба, Демократска Република Конго, Доминика, Египет, Еритреја, Етиопија, Фиџи, Гамбија, Грузија, Гана, Гренада, Гватемала, Гвинеја, Хаити, Иран, Ирак, Јамајка, Јордан, Казахстан, Косово, Кувајт, Киргистан, Лаос, Либан, Либерија, Либија, Молдавија, Монголија, Црна Гора, Мароко, Непал, Никарагва, Нигерија, Пакистан, Република Конго, Русија, Руанда, Свети Китс и Невис, Сент Лусија, Сент Винсент и Гренадини, Сенегал, Сиера Леоне, Сомалија, Јужен Судан, Судан, Сирија, Танзанија, Тајланд, Того, Тунис, Уганда, Уругвај, Узбекистан и Јемен.
Укинувањето на визите подразбира строго утврдени технички и безбедносни критериуми
Дел од познавачите на состојбите го лоцираат проблемот во неисполнувањето на техничко-безбедносните критериуми од македонска страна.
– Една од клучните заблуди во јавноста е дека стратешкото партнерство автоматски значи олеснето патување. Американската визна политика, сепак, не се води според политички декларации, туку според строго утврдени технички и безбедносни критериуми. САД јасно ги раздвојуваат геополитичките односи од имиграциската политика, која е под директна надлежност на безбедносните и миграциските институции. За да влезе во програмата за безвизно патување, една земја мора да исполни неколку услови, меѓу кои првенствено ниска стапка на одбиени визи, мал број случаи на нелегален престој, минимален број барања за азил, високо ниво на безбедност на патните документи, како и активна размена на безбедносни информации со САД. Токму на овие точки Македонија, според повеќе дипломатски извори, сè уште не ги исполнува потребните стандарди – велат познавачите, инаку добро упатени во визните политики.
Зошто некои стратешки партнери патуваат без визи, а Македонија не?
Тие прават и компарација како земји од регионот, како и оние од Централна и Источна Европа, успеале да станат дел од овој безвизен режим со САД.
– Хрватска, на пример, иако релативно подоцна влезе во НАТО, успеа да стане дел од безвизниот режим со САД. Клучната разлика, според анализите, е континуираното намалување на бројот на визи што се злоупотребуваат, како и поефикасната контрола на економската миграција. Дополнително, земји од Централна и од Источна Европа што подолго време се во безвизниот режим со САД имаат стабилни економии, пониска мотивација за трајна емиграција и долгорочни политики за спречување визно пречекорување на престојот.
Од друга страна, Македонија со години се соочува со висок интерес за економска миграција, што се рефлектира и во зголемен број апликации за визи со намера за останување. Дополнително, во минатото постоеле случаи на барања за азил што директно ја влошувале статистиката на земјата во американските бази на податоци. Овие фактори ја ставаат Македонија во група на земји што, и покрај добрите политички односи, се сметаат за имиграциски ризични – посочуваат добро упатени извори.
Според нив, клучното прашање што се наметнува е дали проблемот е во недоволната поддршка од САД или во недоволно исполнетите домашни обврски.
– Дипломатските пораки од Вашингтон во континуитет укажуваат дека визното прашање е техничко, а не политичко, и дека напредокот зависи пред сè од домашните статистики и институционалната ефикасност. Сега дилемата е што би значело вистинско поместување, односно што ние како држава треба да направиме за конечно македонските граѓани да можат слободно и без визи да патуваат во САД? Вистинска промена би значела долгорочна стратегија за намалување на економската миграција, подобра контрола на визите, како и активна кампања за информирање на граѓаните за последиците од злоупотреба на визниот режим. Без овие чекори, стратешкото партнерство ќе остане силна политичка порака, но без конкретна придобивка за обичните граѓани – заклучуваат познавачите.
Во следните шест месеци очекуваме позитивни вести од САД
Кои би можело да бидат „позитивните вести“ од Вашингтон?
САД привремено ги ставија на пауза постапките за издавање иселенички визи, но тоа не влијае врз другите категории за студенти, стопанственици и туристи, изјави денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Оставете малку на времето, оставете на нашата комуникација и фактот што имаме одлична соработка со нашиот стратешки партнер. Во следниот период, можеби во следните шест месеци, дополнително позитивно ќе се изненадите што може да се случи во развојот на визната политика на САД кон нашата држава, односно да почнеме да затвораме прашања што 20 години се обидувавме да ги затвориме. Проактивни сме и работиме на решение. Граѓаните не треба да се грижат – рече Муцунски во врска со ова прашање.
Во истиот контекст потврди и премиерот Мицкоски, кој најави позитивни вести за македонските граѓани во теков на наредниве денови токму од стратешкиот партнер, при што додаде дека оние што сакаат туристички да ја посетат Америка или да студираат таму, не се засегнати од одлуката на САД.
Според наши соговорници, „позитивните вести“ од САД, врз основа на контекстот што го спомена премиерот и на досегашната пракса во односите со стратешките партнери, можат да се насетат и тие би можеле да се операционализираат во неколку реални сценарија.
Прво, позитивните вести би можеле да бидат во форма на визни олеснувања (но не целосно укинување на визите). Со оглед дека експлицитно беше нагласено дека туристичките и студентските визи не се засегнати, според соговорниците, можно е олеснување на процедурите, подолг рок на важност на визите, побрза обработка или чекор напред кон идно вклучување во Visa Waiver Program, иако, според нив, тоа е подолгорочен процес. Второ, позитивните вести би можеле да бидат од областа на економски и инвестициски договори. Имено, позитивни вести често доаѓаат во форма на нови американски инвестиции, поддршка за енергетски проекти или нова финансиска или техничка помош преку американски фондови и агенции. Трето, таа најава би можела да се однесува на безбедносната и одбранбена соработка. Како членка на НАТО, можно е нов пакет воена или безбедносна помош, модернизација на армијата, зајакната соработка во сајбер-безбедноста или разузнавањето. Натаму, во врска со политичката поддршка на меѓународен план, САД би можеле јавно да ја засилат поддршката за евроинтегративниот пат на Македонија, да помогнат во деблокирање на одредени меѓународни процеси или да дадат јасна политичка гаранција за стабилност и поддршка. И на крајот, позитивните вести би можеле да се однесуваат на образованието и младите, при што тие и најмногу очекуваат проширување на програмите за стипендии, програми за размена или, пак, партнерства меѓу универзитети. П.Р.
































