Жарко Ристески

Македонски Брод

Општина Македонски Брод преку стратешки план ги категоризираше сместувачките капацитети, што беше прв чекор за развој на туризмот. Вториот чекор е изработка на туристичка мапа, која ќе ги содржи сите можности што ги нуди Поречието. Реализацијата на стратешкиот план, според градоначалникот Жарко Ристески, ја вршат со цел развој на општината Македонски Брод.
– Планот за локален развој на Општина Македонски Брод е изработен со учество на сите засегнати страни во областите на дејствување на планот: економски развој, развој на туризмот, урбанизам и комунални дејности, животна средина, култура, образование, спорт и социјална заштита. Стратешкиот план за локален развој е подготвен за периодот 2024-2028 година. Во подготовката на планот беа вклучени сите целни групи од областите на дејствување, како општинската администрација, бизнис-секторот, НВО, работници од образованието, културата, спортот, социјалата. Визијата на Општината е Македонски Брод – екоопштина со развиена патна и комунална инфраструктура за развој на лесна и незагадувачка индустрија, туризам и младински активизам – вели градоначалникот Ристески.
Според него, Македонски Брод располага со водни ресурси – езерото Козјак со својот најголем дел е на територијата на општината, низ територијата на општината течат реката Треска, Белешничка, Оча, Мала Река, Крапска Река, Ковачка Река и др. Формирани се три туристички населби, Близанско, Здуње и Долна Белица на вештачкото езеро Козјак, се одржува и уникатната традиционална манифестација „Велигденски кули“, а постои и долга традиција во одгледување пчели и производство на мед (костенов, дабов и др.).