Фото: „Нова Македонија“

Зелената енергија во ЕУ на тапет на најновиот самит на Унијата:

  • Стратегиските анализи покажуваат дека системите со висока интеграција на обновливи извори бараат значителни инвестиции во мрежната инфраструктура и резервни капацитети, што може да ја зголеми вкупната цена на енергетскиот систем и да го отежни обезбедувањето енергија по разумни цени во време на врвна побарувачка

На преден план на најновиот самит на Европската Унија се постави дебатата околу цената на енергијата и нејзиниот ефект врз индустријата и економскиот раст. Австрискиот канцелар Кристијан Штокер изјави дека интензивното насочување кон зелената енергетска агенда ја „задушува“ индустријата и не ја носи економската корист што многумина ја очекуваа. Според него, зелената енергија е прескапа, неконстантна и претставува сериозен товар за конкурентноста на европските компании. Тој повика на итна дерегулација и преориентација на енергетската политика со цел да се намалат трошоците, особено за индустрискиот сектор, каде што цените на електричната енергија се критично важни за продуктивноста и конкурентноста.

Интермитентноста: технички и економски предизвик

Еден од главните аргументи против неконтролирана интеграција на обновливите извори во енергетските миксови е интермитентноста на ветерот и сончевата енергија. За разлика од фосилните горива и нуклеарната енергија, кои можат да произведуваат електрична енергија по барање, соларните панели и ветерниците зависат од природните услови – сонце и ветер – што не се секогаш достапни во согласност со потрошувачката на електрична енергија. Ова предизвикува не само технички проблеми за стабилноста на мрежата туку и економски трошоци поврзани со потребата од надградување на мрежата, складирање и компензација за слабите периоди на производство. Стратегиските анализи покажуваат дека системите со висока интеграција на обновливи извори бараат значителни инвестиции во мрежната инфраструктура и резервни капацитети, што може да ја зголеми вкупната цена на енергетскиот систем и да го отежни обезбедувањето енергија по разумни цени во време на врвна побарувачка.

Колку е навистина „евтина“ зелената енергија?

Одгласите на зелената енергетска транзиција често се сведуваат на споредба на „најниски трошоци на производство“ кај нови проекти за сончева и ветерна енергија. Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА) наведува дека голем дел од новите проекти за зелена енергија биле економски поповолни од фосилните горива во 2024 година, со соларна и ветерна енергија често поевтина во одредени услови. Сепак, оваа процена често ги игнорира т.н. скриени трошоци: капиталните инвестиции во складирање, надградба на мрежата, изградба на резервни капацитети и дополнителни системски капацитети за баланс. Кога ќе се вклучат овие трошоци, неколку аналитички извори укажуваат дека целосното интегрирање високи удели на зелени извори може да ја зголеми цената на енергетскиот систем и да го натера опслужувањето на побарувачката да зависи од дополнителни фосилни или нуклеарни капацитети за компензација.

Економски импликации за индустријата

Индустриските сектори со голема потрошувачка на енергија, како металопреработувачката и хемиската индустрија, веќе се соочуваат со повисоки трошоци на енергија во одредени земји. На пример, Велика Британија се соочува со едни од највисоките индустриски цени на електрична енергија во светот, што ја отежнува инвестициската и производствената рамнотежа и ја доведува конкурентноста под притисок. Според повеќе индустриски извори и аналитичари, овој феномен ги намалува способностите на компаниите да инвестираат во модернизација или да го прошируваат капацитетот. Канцеларот на Австрија Штокер и неколку други лидери на ЕУ наведоа дека други базични извори на енергија, особено нуклеарната, мора да се задржат или дури да се засилат додека обновливите извори не станат технолошки и економски подготвени да ги заменат традиционалните извори. Нуклеарната енергија може да обезбеди континуирано, големо количество енергија без директни емисии на CO2, но исто така има свои економски и финансиски предизвици, вклучувајќи високи капитални инвестиции и долг рок на изградба.
Дебатата околу зелената енергетска агенда не може да се сведува само на идеолошки став. Иако трошоците за производство од обновливи извори значајно опаднаа изминатите децении и во многу случаи може да бидат поевтини од фосилните горива во изолирана споредба, системските трошоци, интермитентноста и потребата од стабилни резервни капацитети продолжуваат да претставуваат значајна економска и техничка пречка во моментов. Со оглед на тоа, многу економски мислители и индустриски лидери сметаат дека мешан енергетски микс, кој вклучува обновливи извори, флексибилни фосилни капацитети и нуклеарна енергија, е најразумниот пат за транзициска фаза додека технологиите не достигнат повисока зрелост и пониски трошоци на системско ниво. Е.Р.