По потпишувањето на меморандумот за разбирање со „Казанџи груп“

  • Во изминатиот период во јавноста беа изнесени повеќе ставови и претпоставки во врска со најавениот модел на партнерство со „Казанџи груп“ од Турција за изградба на гасни когенеративни централи во Македонија. Во таа смисла беа извлекувани различни заклучоци во врска со правната основа, економската оправданост, техничката изводливост и со улогата на државата во реализацијата на овој проект
  • Во продолжение, за читателите на „Нова Македонија“ и за јавноста го претставуваме ставот на „Сениор инженери“, бидејќи редакцијата смета дека изнесените аргументи се совпаѓаат со стратегиските цели од висок национален интерес за постигнување висок степен на енергетски суверенитет и се во насока на раст, одржлив развој и кон сеопшт просперитет и благосостојба кон која се стремиме

Македонија, со реализацијата на енергетскиот проект со турската компанија „Казанџи груп“ ќе добие уште поголема енергетска независност, ќе бидат ангажирани домашни фирми, ќе се отворат нови работни места за лица што ќе имаат можност и стручно да се усовршуваат во оваа област, а аерозагадувањето значително ќе се намали.
Неодамна беше одржан и состанок во нашата влада заедно со првите лица на „Казанџи груп“, на кој беше презентиран овој инвестициски проект вреден една милијарда евра и беше потпишан меморандум за разбирање.

ДРЖАВНА СОПСТВЕНОСТ И НАДЗОР

Еден од најчестите наративи е дека државата треба да инвестира во гасните централи, таа да води суверена енергетска политика со определување на цените на услугите, дека странската компанија ќе инсистира на профит со повисоки цени на гасот, на топлинската и електричната енергија, што ќе биде на штета на нашата економија, дека со изградбата на гасни централи се одложува зелената транзиција и се запоставуваат обновливите извори на енергија, како и дека реализацијата на целиот овој проект треба да биде потранспарентна.
„Сениор инженери“, како компанија што е тесно поврзана со реализацијата на овој проект, нагласува дека во конкретниот проект, државата се определи за принципот на јавно-приватно партнерство (ЈПП), токму затоа што нема намера оваа стратешка дејност да му ја препушти исклучиво на странскиот приватен сектор. Напротив, со овој модел централите ќе бидат во сопственост на јавниот партнер т.е. државата, која ќе учествува во стопанисувањето (бизнисот), со јасно утврдено право на одлучување, влијание и целосен увид во работењето.

ПРАВНА РАМКА НА ЈПП И КОНТРОЛА НА ЦЕНИТЕ

Принципот на јавно-приватно партнерство се развива врз основа на Законот што е препорачан од страна на Обединетите нации и кој е имплементиран на глобално ниво (UNCITRAL – Model Legislative Provisions on Public-Private Partnerships). Тој принцип се базира врз: државна сопственост на когенеративните гасни централи; учество на државата во управувањето со нив; учество на државата во добивката од нивното работење, како и врз строго дефинирани и однапред утврдени трошоци за одржување, цени на услугите на долг рок и ограничувања на трошоците. Сето тоа е во целосна согласност со определбите од гореспоменатата регулатива на ООН и значи дека нема да има „непредвидливи и потенцијално високи цени за граѓаните“, туку напротив – цените ќе бидат ниски, стабилни и регулирани. Цените на гасот, на топлинската и електричната енергија ќе бидат пониски од оние на берзата. Компанијата „Казанџи груп“ има предност да понуди пониски цени, и тоа значително пониски од берзанските, бидејќи располага со долгогодишни договори за директно снабдување од изворите на гас во огромни количества и со разноликост од 25 милијарди кубни метри годишно, обезбедени со соодветни финансиски инструменти.
Доколку државата, преку моделот на ЈПП, има долгогодишен договор за набавка на енергент по ниска и стабилна цена, тогаш конечните производи (електричната енергија, топлината и калоричната вредност на енергентот) ќе бидат аналогно ниски, стабилни и предвидливи, а со добро планирање, државата ќе има количества и за извоз по цени значително повисоки од производните. Заедничкото јавно-приватно партнерство (ЈПП) меѓу ЕСМ и „Казанџи груп“ е предвидено да функционира така што енергијата по ниска цена ќе му се продава на купувачот – ЕСМ и тогаш целата натамошна дистрибуција, продажба и трговија е исклучиво во рацете на ЕСМ. Во тој случај, вкупната добивка од разликата меѓу производната и продажната цена останува кај јавниот партнер, поточно во државата. Според проекциите, компанијата „Казанџи груп“ би остварувала добивка пониска од добивката на државата.

ФИНАНСИСКА И ТЕХНИЧКА ОСНОВА НА ПРОЕКТОТ

Во врска со дискусиите дека ЈПП-моделот треба да се реализира со домашни компании, финансиската реалност покажува дека за проект во вредност од околу 600 милиони евра, со дополнителни 600-700 милиони евра годишно за набавка на природен гас, како и уште 120-150 милиони евра за гаранции, обврзници, аванси, за закуп и пласман на капацитетите, за пренос и слично, во практика е речиси невозможно и тешко изводливо бидејќи претставува огромен, речиси неподнослив финансиски товар за македонските компании.
Инвестициите во енергетиката не се секогаш високопрофитабилни, ниту, пак, се со брз поврат, туку, напротив, за нив се потребни студиозно проектирање, детално планирање, изведба и финансирање. И најмала грешка во само еден, речиси невидлив коефициент може значително да ја наруши одржливоста на проектот. Во конкретниот случај, државата во овој потфат е „инвеститор“, како што веќе споменавме, но без да вложи сопствени средства од буџетот. Со тоа, целиот финансиски ризик го презема приватниот партнер. Доколку, пак, државата би се одлучила самата да реализира проект од ваков обем, со средства од буџетот, тогаш, несомнено – ризикот би го презеле граѓаните.
Со оглед на комплексноста на ваквите проекти, особено во делот на финансирање и техничка изведба, наместо да се донесуваат заклучоци врз основа на неточни претпоставки, од страна на мала група наши инженери, сепак за овој проект е потребен студиозен пристап заснован врз реални можности, точни податоци и врз проверливи параметри.
Проектот „Бистрица“, кој се наведува како пример од страна на некои инженери, сè уште е во рана фаза на планирање. Финансирањето и носителите на студијата ги предводи јапонската агенција за меѓународна соработка (ЈИЦА), а извесно е дека и изведбата ќе ѝ биде доверена на кинеска или на јапонска компанија, како што е „Мицубиши корпорејшн“, бидејќи на Балканот нема компании со искуството со ваков тип комплексни постројки, а слична е состојбата и со гасните когенеративни централи.

АНГАЖИРАНИ МАКЕДОНСКИ КОМПАНИИ И КАДАР

Во реализацијата на овој проект, се очекува компанијата „Казанџи груп“ да ангажира македонски фирми, инженери, работници и производители што ги исполнуваат барањата за квалитет и квалификации. „Казанџи груп“, планира да вклучи само неколку свои стручни лица, клучни експерти, кои со помош на моќните центри во Истанбул и во Анкара, тесно ќе работат со локални кадри, со што ќе се овозможат и трансфер на знаење и технолошки развој во Македонија.

ПРОЕКТ СПОРЕД СВЕТСКИ ЕКОЛОШКИ НОРМИ

Кога се дискутира за улогата на гасот во контекст на зелената транзиција, важно е да се нагласи дека неговата употреба не ја исклучува употребата на обновливи извори на енергија – напротив, ја овозможува нивната поголема интеграција. Имено, за да се постигне таканаречената зелена транзиција и да не се „запостават обновливите извори на енергија“, потребно е големо количество базна (стабилна) и квалитетна (фреквентна) енергија, која најефикасно може да се обезбеди преку гасните когенеративни централи.
Едноставно кажано, за да се вклучат што повеќе обновливи извори на енергија, потребно е да се обезбеди големо количество базна енергија, бидејќи обновливите извори се непредвидливи, непостојани и даваат производ со променлив квалитет. Всушност, со замена на производството на електрична енергија од јаглен со природен гас, Македонија апсолутно се движи според насоките на таканаречената зелена транзиција. Природниот гас целосно ги елиминира емисиите на честички (бидејќи нема пепел), а емисиите на стакленички гасови ќе се намалат за околу 65 отсто, бидејќи природниот гас испушта значително помалку опасни гасови, што е во согласност со светските еколошки стандарди. Да потсетиме дека Европа продолжува интензивно да инвестира во гасна инфраструктура, како што се: интерконекторите меѓу Грција и Македонија, меѓу Грција и Бугарија, меѓу Полска и Литванија, како и во постојаното проширување на терминали за течен природен гас (ЛНГ).

„СЕНИОР ИНЖЕНЕРИ“