Страте Арсовски

Низ 80-годишната историја на „Нова Македонија“

Во осумдесетгодишната историја весникот „Нова Македонија“ и новинското претпријатие НИП „Нова Македонија“ во своите кадровски книги бележат илјадници луѓе, новинари, печатари, трговци, киоск-продавачи, репортери, колпортери, луѓе во администрацијата и во логистиката. Сите тие придонесуваа во развојот на содржините на весникот и неговата дистрибуција, во достапноста на весникот дури и до најоддалеченото село во Македонија.
Еден од тие високи и заслужни кадри е Страте Арсовски, основоположникот на осовременувањето на претпријатието, воспоставувач на целиот организациски дел што се спојуваше во единствен систем. Арсовски доаѓа во „Нова Македонија“ во 1959 година, кога е наименуван за заменик- директор на НИП „Нова Македонија“, на чие чело се наоѓа Димче Беловски. Во 1961 година Димче Беловски заминува за амбасадор во САД и по негов предлог Страте Арсовски е поставен на директорското место. На директорска функција остана до 1974 година.
Во периодот што доаѓа по земјотресот во 1963 година интензивно работи на осовременување, особено на печатницата, со најсовремени офсет-технички опремени печатарски машини, со што се става на исто техничко рамниште со издавачки куќи од просторите на поранешна Југославија. Тогаш во НИП „Нова Македонија“ се печатат голем број списанија, книги, и други публикации од повеќе републики. Печатницата е привлечна со цени и квалитет и е единствена со таков капацитет во Република Македонија.
Страте Арсовски, во функција на директор и главен организатор, е и еден од главните основачи на новиот сектор, односно на маркетингот на „Нова Македонија“. Во негово време се збогатува издавачката дејност, се шири трговската мрежа, се зголемува бројот на киосци, се осовременува техничко-технолошкиот парк и се примаат нова генерација новинари, кои неколку години потоа беа водечки автори во весникот. Во рамките на големите менаџерски потфати беше отворањето маркетинг-деловница во Белград, која истовремено беше финансиска потпора на отвореното белградско дописништво на весникот „Нова Македонија“. Арсовски успешно го правеше спојот меѓу постарата и поновата генерација на вработени, обезбедувајќи и доволно самостојни и буџетски средства за најнормално покривање на сите, не мали, трошоци.
Според кажувањата на неговите современици, Страте Арсовски бил вљубеник во работата, во праведноста и чесноста и се залагал за слобода во новинарското изразување и развој на оваа новинско-издавачка куќа. Останал во убаво сеќавање кај постарата генерација вработени, кои за него зборуваат со почит и со благодарност. Мошне убави зборови за Арсовски имаат напишано тогаш помладите новинари Томислав Османли и Јасмина Миронски.

По заминувањето од „Нова Македонија“, во 1974 година е назначен за генерален директор на Скопски саем. Организација што од 27 вработени и со еден саем годишно за тутун и производи од оваа индустрија и еден панаѓур годишно ја издигнува во современа организација со 190 вработени, која организира дури 14 саемски приредби годишно.
Роден во Скопје во 1924 година, Арсовски во текот на својот живот вршеше повеќе други функции уште од младешките години. По војната е младински активист во првите информативни гласила на СКОЈ. Работи паралелно на подготовки за формирање на првите државни организации за издаваштво и литература. Во почетокот на 1950 година станува директор на државното книгоиздателство „Кочо Рацин“. Во тоа државно претпријатие се вработени плејада писатели и поети на повоена Македонија: Ацо Шопов, Славко Јаневски, Венко Марковски, Волче Наумчевски, Стале Попов, Васил Куноски и многу други. Истовремено е активен во формирањето на првите спортски организации и друштва во Македонија. Станува и претседател на ФСМ (популарно ФИСАМ – организација за физички спортови на Македонија).
Арсовски целиот живот бил активен актер во општествени, политички и спортски организации и во многу проекти за изградба на Скопје, како што биле изградбата на Универзалната сала и реновирањето на Градскиот стадион во Скопје, за што добил и повеќе општествени признанија. Бил претседател и на Средбите на солидарноста во Скопје, одржувани на годишнината од скопскиот земјотрес. На југословенско ниво бил претседател на Атлетскиот сојуз на Југославија.