Фото: Влада

Евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за „360 степени“ вели дека посетите на странски политичари на земјава не се вршење притисок или да ја натераат земјата на нешто, туку доаѓаат како пријатели за да го објаснат поширокиот политички контекст и приликата што сега постои да се искористи.

– Бројните посетители на Скопје доаѓаат како пријатели, а не да вршат притисок или да ја натераат земјата на нешто. Тие доаѓаат како пријатели за, од една страна, да го објаснат поширокиот политички контекст и приликата која сега постои, и, од друга страна, да слушнат, да ги споделат своите погледи и искуства од проширувањето. Во однос на прашањата поврзани со идентитет и култура – никој не го губи својот идентитет на патот кон ЕУ, тоа е искуството на сите земји членки кои се приклучија – кажа Гир, прашан да ја искоментира изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, според кого странски политичари кои доаѓаат во Скопје за да вршат притисок за уставни промени, всушност притискаат етничките Македонци да прифатат дека имаат бугарска историја и јазик со бугарско потекло, не одат во Софија и од тамошното раководство барем да побараат да се спроведе некоја од пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Според Гир, со зачленувањето во ЕУ земјата станува посилна, а со тоа, вели, и нејзината култура, идентитетот и разбирањето на сопствената историја.

– Според мене, ниту едно од тие прашања не се загрозени. Во врска со јазикот – дел од договорот од јули 2022 е дека македонскиот јазик е јазикот што ќе се користи во Преговарачката рамка и во самите преговори. ЕУ-законодавството ќе биде преведено на македонски јазик и веќе со Договорот со Фронтекс видовме дека има договор потпишан на македонски јазик заедно со другите јазици на ЕУ, сите третирани како рамноправни. Она што го видовме е зајакнување на македонскиот јазик. Ако ме прашате кој е најсилниот поддржувач на македонскиот јазик во земјава, тоа е Делегацијата на ЕУ која ги промовира делата на големите македонски автори како Ацо Шопов, Горан Стефановски, Кочо Рацин. Исто така, финансиски го поддржавме преводот на 420 европски литературни дела на македонски јазик, ја поддржуваме и наградата „Вавилон“ која веќе 10 години се доделува за најдобар превод на европски дела на македонски јазик. Станува збор за тоа како процесот може да го зајакне идентитетот, јазикот и културата на земјата – истакна Гир.

Прашан како се справува со стравувањата кај опозициските политичари, при разговорите со нив, за истите овие прашања – македонскиот јазик, култура, историја, Гир рече дека тоа го прави на речиси ист начин на кој тоа го прават бројните странски посетители политичари кога доаѓаат во Скопје.

– Тие дојдоа, исто така, за да пружат осигурување за сите овие прашања и секако, во сите мои дискусии, не само со припадниците на опозицијата, јас патувам и низ земјата и се среќавам со многу луѓе во различни градови на убави настани – безмалку тоа се градски собири во локалните кафулиња, разговарам со нив и ги споделувам овие гледишта. Тие, секако, имаат свои гледишта, но мислам дека можам да ја споделам таа јасна перцепција дека на патот кон ЕУ ја гледате земјата како целина, како се зајакнува вклучувајќи го и нејзиниот идентитет и чувството за себе – рече Гир.

Во врска со често споменуваните рокови – 2030 да биде година за ново проширување на ЕУ, Гир кажа дека дали тоа ќе се случи или не, многу не зависи од ЕУ, туку од тукашната динамика и за тоа неколку нешта треба да се завршат.

– Човекот кој неодмна ја спомена 2030 беше претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на настапот во Блед. Мислам дека тој таму беше јасен – како и јас сега го објаснуваше целиот контекст и интензивирањето на разговорите за проширувањето, сериозноста со која сега му приоѓаме на прашањето, но истовремено велејќи – има можност тука, 2030 година е датум што е можност која можеби ќе ја искористите за дотогаш да ѝ се приклучите на ЕУ. Тоа беше едно гледиште, но тој велеше – ова е шанса. Дали или не ќе се случи тоа, многу не зависи од ЕУ, туку од тукашната динамика и за тоа неколку нешта треба да се завршат – нагласи Гир.

Но, најважното нешто, кажа Гир, е политичарите од различните страни, како и луѓе од разни сектори на администрацијата, институциите, да седнат и на ова прашање да му пристапат како на национален проект.

-Реформите кои се во согласност со ЕУ-стандардите се клучниот приоритет во наредните години. Ако тоа се заврши, ако сите работат заедно, не е потребно во коалиција, може да бидат и во опозиција… Но, ако се договорат за овие суштински реформи и притиснат напред на еден решителен начин, тогаш може да се оствари. Токму тоа го стори Хрватска. Во Хрватска, во текот на преговарачкиот процес, имаше неколку смени на влади, имаше силни политички разлики, но имаше договор за суштинските прашања. Успеаја тоа да го постигнат – да се приклучат на ЕУ и таа иста решителност се покажа во примерите со воведувањето на еврото и влезот во Шенген-зоната – рече Гир во интервју за „360“.