фото: Маја Јаневска-Илиева

Под наслов „Северна Македонија се подготвува за тешки врски со ЕУ откако националистите победија на претседателските и парламентарните избори“ порталот „Еурактив“ објавува анализа за вчерашните избори на која се потпишани и „АФП“ и „Ројтерс“.

– Се чини дека Северна Македонија ќе биде во судир со нејзините соседи од ЕУ, Грција и Бугарија, откако националистичката опозиција победи на парламентарните и претседателските избори. Националистичката ВМРО-ДПМНЕ освои голема победа, во ноќта во која балканската земја ја избра и првата жена шеф на државата – пишува порталот.

– Почитувани граѓани на Македонија, успеавме. Македонија победи. Ова е историска победа на народот – ја цитира „Еурактив“ изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред насобраните „стотици радосни симпатизери на опозициската централно-десничарска партија ВМРО-ДПМНЕ храбро се спротивставија на дождот пред нивното партиско седиште во центарот на Скопје веејќи национални и партиски знамиња и играјќи на народна музика“.

– Резултатот е разочарувачки и ова е голем удар за СДСМ – рече Ковачевски на прес-конференција на која повика и на темелна ревизија на неговата партија“, пишува порталот.

– Успехот на националистичката партија веројатно ќе има големо влијание врз сонот на балканската земја за пристапување во Европската Унија. Мицкоски одби да го признае новото име на земјата и историскиот договор со Грција во 2018 година, со кој се додаде „Северна“ во имот за да се реши долгогодишниот спор и ѝ овозможи на земјата да се приклучи на НАТО. Опозицискиот лидер, исто така, вети дека ќе застане цврсто во кавгата со Бугарија околу јазичните и историските прашања поради кои Софија ги блокираше преговорите за пристап на Северна Македонија во ЕУ во последните две години – коментира порталот.

Бугарија побара од Скопје да го промени својот устав за да го признае бугарското малцинство. Во 2022 година, Бугарија се согласи на предлогот на тогашното француско претседателство со Советот на ЕУ за укинување на ветото за почеток на пристапните преговори на Скопје кога Македонија ќе го додаде бугарското малцинство во уставот на земјата.

Владејачката СДСМ беше подготвена да ги направи измените, но немаше доволен број пратеници за да се изгласаат, додека предизборниот адут на ВМРО-ДПМНЕ беше противење на измена на Уставот, пишува „Еурактив“.

„Гласачите во балканската земја со два милиона жители се фрустрирани од бавниот напредок на нејзината кандидатура за пристап во Европската Унија, која беше дочекана со оптимизам во 2005 година, но оттогаш стана амблем на изгубеното ветување на Северна Македонија. Постојаната корупција и бавниот развој, исто така, ги налутија гласачите против владејачката партија“, нагласува порталот.

Во вториот круг гласање за поцеремонијална улога на претседател, Гордана Силјановска Давкова, универзитетска професорка која беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, убедливо го победи актуелниот претседател Стево Пендаровски поддржан од СДСМ.

– Се прашував себеси со што заслужив таква чест. Наградата е бесценета за мене, ова е огромна одговорност – изјави Силјановска Давкова откако беше изгласана за прва жена претседател на државата.

Опозицијата најверојатно ќе треба да формира коалиции со помали партнери за да добие мнозинство во парламентот. Разговорите се очекуваат во наредните денови.

– Во пресрет на вчерашната трка, Мицкоски употребуваше сè поагресивен јазик кон најголемата албанска партија во земјата – ДУИ – предизвикувајќи вознемиреност дека реториката може да ги поткопа кревките меѓуетнички односи. Албанците сочинуваат повеќе од една четвртина од населението во земјата од 1,8 милиони, а лидерот на ДУИ Али Ахмети водеше краток вооружен бунт за поголеми права на Албанците во 2001 година, кога НАТО ја повлече поранешната југословенска република назад од работ на граѓанска војна – пишува „Еурактив“.

Од прогласувањето независност од Југославија во 1991 година, последователните влади го следеа непишаното правило дека партија на етничките Албанци мора да биде вклучена во владината коалиција.

ДУИ, заедно со сојузот на малцинските партии, се чини дека ќе освои најголем број албански гласови и покрај тоа што Мицкоски ги критикуваше нејзините водачи за наводна корупција.

– Кога и да ја кажам вистината, тие ја искривуваат како напад врз Албанците – рече Мицкоски, пренесува „Еурактив“.


ДПА: Десничарската опозиција слави победа на изборите во Македонија

Десничарската опозиција во Македонија убедливо победи на парламентарните и претседателските избори вчера, јави ДПА.

По речиси целосно преброените гласови десничарската националистичка ВМРО-ДПМНЕ доби 43,2 отсто од гласовите и ќе има 59 места во 120-члениот парламент, соопшти Државната изборна комисија во Скопје.

Десничарската партија ќе го замени Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), кој е на власт од 2017 година.

СДСМ, предводена од поранешниот премиер Димитар Ковачевски, кој беше на функцијата до почетокот на годинава, освои само 15,3 отсто од гласовите. Поддршката на партијата драстично опадна и се спушти на помалку од половина од делот што го доби на претходните парламентарни избори пред четири години.

Ковачевски во текот на изборната ноќ им ја честиташе победата на политичките противници, наведе ДПА.

Лидерот на ВМРО и главен кандидат Христијан Мицкоски најверојатно ќе стане следниот премиер на земјата од НАТО.

На вториот круг од изборите за претседател, кои исто така се одржаа вчера, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова забележа чиста победа откако освои околу 65 отсто од гласовите, соопшти Државната изборна комисија.

Силјановска-Давкова однесе победа против актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој беше поддржан од СДСМ, а во вториот круг пред пет години ја победи Силјановска-Давкова.

Изборната кампања се карактеризираше со обвинувања за лошо и корумпирано владеење, упатени од опозицијата против СДСМ и етничките Албанци, Демократската унија за интеграција (ДУИ) која беше во владата со СДСМ.

ВМРО усвои националистички тон и најави конфронтирачки курс против соседните членки на Европската Унија, Грција и Бугарија, во случај на победа на изборите.

Во центарот е прашањето за името на земјата, кое Скопје го промени од Македонија во Македонија по договорот со Атина во 2019 година, како и за малцинските права.

Заземањето поостар став против Грција може значително да ги попречи пристапните преговори што ЕУ ги отвори со Скопје во јули 2022 година. Земјите членки на ЕУ, Грција и Бугарија, имаат право на вето практично на секој чекор од преговорите.

На Мицкоски ќе му требаат партнери за да ја состави идната влада. Партиите на етничките Албанци се клучни во овој поглед, бидејќи оваа етничка група сочинува околу 25 отсто од населението на оваа мала балканска земја, наведува ДПА.

Над 14 отсто од гласовите доби ДУИ, која во последните 20 години ковладееше во речиси сите коалиции, но ВМРО-ДПМНЕ не ја смета за партнер.

Опозицискиот сојуз на албански партии, наречен коалиција Вреди, освои 10,7 отсто од гласовите и таа се смета за можен владин партнер на ВМРО-ДПМНЕ.


Хина: Голема победа на десничарската опозиција во Македонија

Десничарската опозиција во Македонија извојува убедлива победа на парламентарните и претседателските избори синоќа, ноќта во која оваа балканска земја ја избра и првата жена шеф на држава.

Стотици расположени поддржувачи на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ се собраа пред седиштето на нивната партија во центарот на Скопје, веејќи национални и партиски знамиња и играјќи на народна музика.

– Почитувани луѓе на Македонија, успеавме. Македонија победи. Ова е историска победа на народот – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред насобраните.

Резултатите од изборната комисија покажаа дека ВМРО-ДПМНЕ освоила 42 отсто од гласовите по пребројани 72 отсто од гласовите на парламентарните избори, наспроти 14 отсто за владејачките социјалдемократи (СДСМ), принудувајќи го лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски да го признае поразот.

– Резултатот е разочарувачки и ова е голем удар за СДСМ – рече Ковачевски на прес-конференција на која повика и на темелна ревизија на неговата партија.

Гласачите во оваа балканска земја со два милиона жители станаа фрустрирани од бавниот напредок во обидот на земјата да се приклучи на Европската унија, кој беше дочекан со оптимизам во 2005 година, но оттогаш се сметаше за изгубено ветување.

Постојаната корупција и бавниот развој, исто така, ги налутија гласачите и ги свртеа против владејачката партија.

Во вториот круг од гласањето за поцеремонијалната улога на претседател, Гордана Силјановска Давкова, универзитетска професорка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, го победи Стева Пендаровски, актуелниот претседател кој го поддржа СДСМ. Силјановска-Давкова доби 65 отсто од гласовите наспроти 29 отсто за Пендаровски, откако беа преброени повеќе од 87 отсто од гласовите.

– Се запрашав зошто заслужувам таква чест. Наградата за мене е бесценета, ова е голема одговорност – изјави Силјановска-Давкова пред новинарите веднаш откако беше избрана за прв претседател на државата.

Опозицијата веројатно ќе мора да коалицира со помалите партнери за да добие мнозинство во парламентот. Се очекува да има разговори во наредните денови.

Некои гласачи изразија загриженост дека националистичката наклонетост на опозицијата може да им наштети на односите со соседните земји и нејзината кандидатура за членство во ЕУ. Аналитичарите не очекуваат голем напредок во интеграцијата во ЕУ во времето на опозицијата, која беше на власт до 2017 година, а исто така беше мета на критики поради наводниот поткуп.

– Пристапувањето во ЕУ нема значително да напредува под потенцијалната влада на ВМРО-ДПМНЕ – рече Марио Бикарски, аналитичар за Источна и Централна Европа во консултантската фирма „Вериск Мејплкрофт“.

Во 2001 година, НАТО ја повлече Македонија од работ на граѓанска војна за време на бунтот на етничките Албанци и вети побрза интеграција во ЕУ и НАТО. Албанците сочинуваат околу една четвртина од населението во земјата.

Недостигот на напредок на Македонија во ЕУ е делумно последица на несогласувања со соседните Грција и Бугарија, двете земји-членки на ЕУ, но и неуспехот да се спроведат економските и судските реформи. Земјата влезе во НАТО во 2020 година.

Некои места и градови се меѓу најзагадените во Европа, делумно поради потрошувачката на јаглен и старите автомобили. Голем број млади луѓе од земјава се иселиле во странство во потрага по подобри перспективи.

Иако многумина не беа сигурни што може да направи опозицијата за да ги промени работите, некои се надеваа.

– Ова е одлично, Македонија им се враќа на Македонците, ВМРО-ДПМНЕ го направи тоа – рече Панче Петковски (23), студент кој го гледаше изборниот пренос на телевизија во едно скопско кафуле.


Грчките медиуми за изборите: Триумф на ВМРО-ДПМНЕ

Вчерашните двојни избори во Македонија и убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ, утрово е една од главните теми во грчките медиуми, кои ги пренесуваат резултатите, коментираат дека станува збор за голем триумф, посочуваат дека земјата првпат во историјата ќе добие жена претседател, но и анализираат што доаѓањето на власт на опозициската партија ќе значи за односите со Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

– „Триумф на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните и претседателските избори во Северна Македонија“; „Двојна победа на националистите во Северна Македонија“; „Северна Македонија: Триумф на десничарската ВМРО-ДПМНЕ на двојните избори“; „Промена на политичката сцена во Северна Македонија“; „Целосна доминација на ВМРО на двојните избори“; „Избори во Северна Македонија: Голема победа на десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ“ – се дел од насловите во онлајн изданијата на медиумите во Грција, кои уште од доцна синоќа ги следеа резултатите од двојните избори.

Рано утрово текстот за изборите во Македонија под наслов „Убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните и претседателските избори во Северна Македонија“ е меѓу трите топ теми на официјалниот сајт на грчката новинска агенција АНА-МПА.

Во весникот „Та неа“ централната тема на насловната страница на денешнпто издание е текстот со наслов „Избори во Северна Македонија. Што носи двојната победа на националистите“, а и на насловната страница на весникот „Катимерини“, една од централните теми се изборите кај нас под наслов „Загриженост за доминацијата на националистите во Скопје“.

Телевизијата „Стар“, од друга страна, во синоќешното централно издание на вестите имаше директно вклучување од Скопје, поконкретно од штабот на ВМРО-ДПМНЕ за да се пренесе атмосферата.

Весникот „Катимерини“ во текстот-анализа посветен на изборите, на почетокот пишува дека „доминацијата на националистичката ВМРО на изборите во Северна Македонија предизвикува загриженост за последиците врз односите на Скопје со Софија и Атина, иако аналитичарите сметаат дека Договорот од Преспа нема да биде оспорен“.

Коментира дека „историската националистичка партија ВМРО-ДПМНЕ“ се враќа на власт по седум години, откако извојува убедлива победа над социјалистите, „кои претрпеа голем пораз на вчерашните избори“.

– Прашањето – што заедно со победата за раководството на ВМРО – го поставија изборите во средата е дали сегашната партија се развила во централно десничарска проевропска политичка организација или ќе продолжи по патот на национал-популизмот и авторитарното владеење што го одреди сега пребегнатиот поранешен лидер и премиер во период од една деценија, Никола Груевски – пишува весникот.

Додава дека за тоа каква ќе биде политиката на Владата на Мицкоски, „ќе се покаже од приоритетите што ќе ги постави“, а оние кои се во заминување „зад себе оставаат земја заглавена во корупција и непотизам, но и два меѓудржавни договори, со Грција и Бугарија, кои НАТО и ЕУ ги поздравија, но ВМРО како опозиција беше против“.

Во опширната анализа, весникот се осврнува и на ставот на Грција во однос на промената на власта кај нас, коментирајќи дека „за Атина не претставува гром од ведро небо“, посочува дека иако и Силјановска и Мицкоски „континуирано се закануваа дека нема да го спроведуваат Договорот од Преспа и дека ќе одбијат да ја користат географската одредница, во Атина постои став на исчекување на сите официјалните настани што ќе следат“.

– Меѓутоа, во случај да се остварат заканите за јавна употреба на терминот „Македонија“ наместо на „Северна Македонија“, тогаш Атина ќе реагира, првично на соодветен начин, преку демарши, пред да продолжи со понатамошни потези. За потсетување, веќе постоеше реакција од Атина поради фактот што три месеци по завршувањето на преодниот рок (23 февруари) за замена на јавните документи во земјата (патни исправи, материјал од јавната администрација, лични карти, возачки дозволи, и сл.) со законските кои го наведуваат националното и меѓународно признатото име на државата, односно Република Северна Македонија, процесот се одвива со бавно темпо – пишува „Катимерини“.

Државната новинска агенција АНА-МПА, во текстот преземен од речиси сите онлајн изданија на медиумите, ги објавува резултатите, како од парламентарните, така и од претседателските избори, распоредот на силите во Собранието.

– Мицкоски најави дека во следните денови ќе започне преговори со опозициската албанска коалиција „Вреди“ за формирање Влада, а паралелно ја отфрли можноста за постизборна соработка со ДУИ, кое во изминатите 20 години учествуваше во сите коалициски влади во земјата – пишува АНА-МПА.

Во однос на претседателските избори, посочува дека Силијановска е „првата жена што ќе стане претседател на државата во историјата на земјата“.

Дописникот од Скопје на државната телевизија ЕРТ, рано утрово информираше за резултатите од изборите и распоредот на пратеничките мандати во Собранието, објаснувајќи дека ќе биде потребно да се формира коалициска Влада.

– Од денеска се менува политичката сцена во Северна Македонија – коментираше новинарот, осврнувајќи се на ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на Договорот од Преспа и додаде дека Атина чека да види каква ќе биде позицијата на новата Влада по ова прашање.

Новинарка од грчката телевизија „Стар“ која во живо се вклучи од Скопје, во синоќешните вести коментираше дека „градот и атмосферата се како веќе подолго време да беа подготвени, знаат дека Силјановска ќе биде новата претседателка“ и се осврна на употребата на терминот „Северна Македонија“.

– Политичките аналитичари, велат дека веројатно е да постои политички пресврт, бидејќи едно се кажува пред да се дојде на власт, друго кога ќе се дојде на власт. Од моментот кога Скопје, Северна Македонија имаат отворен фронт и со Бугарија, бидејќи и од таму постои голем проблем, бараат признавање на бугарско малцинство во земјата, не е во интерес на Скопје и на госпоѓа Силјановска да отвори уште еден фронт со Грција за прашањето за името – истакна новинарката.

Во Грција, засега, не постои официјална реакција или изјава за резултатите од вчерашните избори кај нас.