Што се крие зад наводната шпионска афера што ја потресува ЕУ
- Одредени европски медиуми тврдеа дека помеѓу 2012 и 2018 година Будимпешта испратила шпиони во Брисел, кои под дипломатско покритие (се тврди дека биле поврзани со постојаното претставништво на Унгарија во ЕУ) наводно се обиделе да се инфилтрираат во Европската комисија. Будимпешта брзо ја осуди „клеветничката кампања“, за која се тврди дека е „оркестрирана од странски разузнавачки служби“, како што порача владиниот портпарол Золтан Ковач
- Со контроверзни обвинувања за шпионажа се соочува Унгарија предводена од премиерот Виктор Орбан, чија власт категорично ги отфрли ваквите обвинувања. Земајќи предвид дека унгарскиот премиер важи за постојан критичар на либерално ориентираните политики на ЕУ, кои честопати ги блокира со правото на вето, конструирањето афера против него можеби претставува начин за Брисел да се пресмета со еден од своите неистомисленици и да го ограничи неговото влијание во рамките на ЕУ
Афера предизвикува возбуда во европските институции. Добропознато е дека Брисел е гнездо на шпиони, но овој пат, ако им веруваме на откритијата од печатот, конкретните „кртови“ не работат за странски центри на моќ туку се во служба на земја членка на Европската Унија (ЕУ). Според овие контроверзни тврдења, станува збор за Унгарија, предводена од премиерот Виктор Орбан, чија власт категорично ги отфрли ваквите обвинувања. Имајќи предвид дека унгарскиот премиер важи за постојан критичар на либерално ориентираните политики на ЕУ, кои честопати ги блокира со правото на вето, конструирањето афера против него можеби претставува начин за Брисел да се пресмета со еден од своите неистомисленици и да го ограничи неговото влијание во рамките на ЕУ.
Наводен обид за инфилтрација во Европската комисија преку регрутирање агенти во извршната власт на ЕУ
На 9 октомври неколку медиуми, вклучувајќи ги белгискиот дневен весник „Де тијд“, унгарската истражувачка веб-страница „Директ 36“ и германското списание „Дер шпигел“, тврдеа дека помеѓу 2012 и 2018 година Будимпешта испратила шпиони во Брисел. Под дипломатско покритие (се тврди дека биле поврзани со постојаното претставништво на Унгарија во ЕУ) тие наводно се обиделе да се инфилтрираат во Европската комисија.
Новинарите му го раскажаа случајот на извесен „В“ што бил задолжен за економски и финансиски прашања во амбасадата, а кој, според „Де тијд“, „бил одговорен и за разузнавачки и инфилтрациски операции на унгарската разузнавачка служба ИХ во Брисел“. Помеѓу 2015 и 2017 година, „В“ наводно активно регрутирал агенти во рамките на извршната власт на ЕУ, нудејќи им пари и договор за вработување со ИХ.
Сите земји членки ги одржуваат своите мрежи во рамките на своите институции, за да добијат информации, како и за да се обидат да влијаат врз нивната работа, што е дел од вообичаената дипломатска активност. Сепак, нелегално е да се понуди компензација за тие услуги.
– Оваа унгарска афера е необична. Во Брисел нема потреба да се плаќа. Со нивните мрежи, главните градови имаат пристап до огромно количество информации – се шегува еден европски дипломат од поранешна комунистичка земја, кој вели дека „методите на Будимпешта потсетуваат на оние од СССР“. „Постои обид за корупција, сериозно е“, одговара еден од неговите колеги од земја подалеку на запад, кој одбива да го потцени прашањето.
Според „поранешен агент на унгарската тајна служба“, „В“ бил првиот Унгарец што го водел претставништвото на тајната служба во главниот град на ЕУ под тајност, пишува „Дер шпигел“, кој објавува дека во 2017 година, „В“ бил принуден да го напушти Брисел по повеќекратна невнимателност. Во тоа време, унгарскиот амбасадор во ЕУ беше Оливер Вархеји, близок соработник на Виктор Орбан, кој стана европски комесар за проширување, а потоа и за здравство во 2019 година.
– Тој сигурно бил свесен за шпионските активности што се спроведувале во неговата амбасада и самиот бил еден од крајните корисници на собраните информации – тврди „Директ 36“.
Долгорочна претпазливост на ЕУ-институциите кон Унгарија
Институциите на ЕУ долго време беа претпазливи кон Унгарија, чиј премиер Виктор Орбан редовно се соочува со обвинувања од Брисел во врска со владеењето на правото, при што тврди дека е близок до Кремљ или Пекинг и не се двоуми да го искористи своето право на вето за да го блокира донесувањето одлуки во ЕУ што не му одговараат, особено кога станува збор за помагање на Украина.
– Кога гледаме дека беспилотните летала испратени во Украина ја напуштиле Унгарија, сфаќаме дека оваа земја не се однесува како дел од европското семејство – инсистира Натали Лоазо.
Европејците се внимателни кога разменуваат чувствителни информации со Унгарија. На пример, во однос на разузнавањето, ова придонесува за ограничениот апетит на дваесет и седумте за соработка. Во рамките на Центарот за ситуации и разузнавање на ЕУ, тие „го споделуваат едни со други само она што се подготвени да го видат напишано во ’Ле монд’“, илустрира Натали Лоазо.
Друга манифестација на оваа хронична недоверба: кога Комисијата сакаше да ги собере на 27 септември министрите за одбрана на ЕУ што поддржуваат ѕид против беспилотни летала и нивниот украински колега за да го споделат своето искуство, мораше да го подели состанокот на два дела. Полска, балтичките земји, Романија, Бугарија, Финска и Украина првично сакаа слободно да зборуваат, без Унгарија и Словачка, кои ги сметаа за премногу русофилни.
Што се однесува до Белгија, таа одби да соработува по одредени прашања со Унгарија, која го преземаше претседателството со Советот на ЕУ по неа, во втората половина од 2024 година. Типично, земјата на чело на ЕУ го вклучува својот наследник во сите состаноци и дискусии неколку недели пред да ги предаде уздите. Во овој случај, Брисел одби да ѝ даде на Будимпешта „дури и најмал сантиметар интелектуална предност што потоа можеше да се искористи на сметка на Киев“, се довери еден европски дипломат. Помалку од една недела по предавањето, Виктор Орбан беше во посета на Москва, а потоа и во Пекинг.
Будимпешта остро ја осудува клеветничката кампања
За време на состанокот со претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, во неделата Оливер Вархеји уверил дека „не е свесен“ за постапките на „В“ и неговите колеги, соопшти Европската комисија, која сега ги чека заклучоците од внатрешна работна група. Будимпешта ја осудува „клеветничката кампања“ за која се тврди дека е „оркестрирана од странски разузнавачки служби“, порача владиниот портпарол Золтан Ковач на Икс.
– Доколку овие факти се докажат, тоа би потврдило дека Унгарија не е акционер во европскиот проект, дека се однесува како трета земја – изјави Натали Лоазо за париски „Ле монд“.
Европратеничката од Хоризонт (партијата на поранешниот француски премер Едуар Филип) има намера да работи на ова прашање во рамките на специјалниот комитет за Европскиот штит на демократијата, со кој таа претседава.
– Доколку е вистина, тоа ќе биде еден од најголемите скандали во историјата на ЕУ – ја изрази својата загриженост неодамна белгискиот социјалистички европратеник Елио ди Рупо.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција