Повеќе од очигледно е дека Македонија од независноста до денес се користи како еден вид експериментална лабораторија на меѓународната заедница, која испитува дали некој нејзин проект функционира или, пак, не. Едно е повеќе од сигурно, голем број крупни „решенија однадвор“ всушност генерираа само проблеми, кои целосно ги преобликуваа Македонија и нејзиниот карактер. Од столетните наши стремежи таа да биде национална унитарна држава на македонскиот народ и на сите малцински заедници, таа чекор по чекор се трансформира во неодржлив државен ентитет и тоа сѐ поради решенија што не произлегуваат одвнатре туку се наметнати однадвор, со ултиматуми, уцени, па и сила…
Македонија како геополитичка лабораторија во која се тестираа(т) проекти за институционална трансформација
Парадоксите со кои се соочува Македонија со години токму поради експериментите што постојано тука ги спроведува меѓународната заедница, а кои наместо да бидат решенија, уште повеќе ја заплеткуваат целата ситуација, доведоа до тоа државата да се најде во фаза кога едноставно е институционално неефикасна.
Имено, деновиве се разви бурна дебата во македонската јавност околу мислењето што Фискалниот совет го достави до Собранието, со кое бара во 2026 година да се зголеми старосната граница за одење во пензија. Во мислењето има препорака старосната граница за остварување право за пензија на мажи и жени да се помести на 67 години.
Фискалниот совет смета дека буџетската дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е голема, а линеарните зголемувања од 2.500 денари ќе придонесат Фондот на долг период да не биде одржлив.
Индикативно е што речиси во ист период додека во земјава сѐ уште се напипува пулсот и реакциите околу можноста за зголемување на старосната граница за заминување во пензија, сличен предлог Европската комисија предложи и во пакетот мерки наменети за Хрватска во системот за пензиско осигурување. И во тој предлог на ЕК во една од петте препораки се препорачува старосната граница за пензионирање да се зголеми на 67 години.
Симптоматично е како одеднаш и во Македонија Фискалниот совет се јави со истата идеја, имајќи предвид дека македонските граѓани се со најкраток животен век во Европа, така што евентуалното зголемување на старосната граница за пензионирање всушност ќе доведе до намалување на пензиските денови на граѓаните. Преку ваквите експерименти всушност Европа учи како работите би функционирале во практика, а цената ја плаќаат македонските граѓани, кои живеат во нефункционална држава токму поради ваквите експериментирања во континуитет.
Сите експерименти од независноста до денес
Повеќе од очигледно е дека Македонија од независноста до денес се користи како еден вид експериментална лабораторија на меѓународната заедница, која испитува дали некој нејзин проект функционира или, пак, не. Едно е повеќе од сигурно, сите странски „решенија“ всушност генерираа само проблеми, кои целосно ја преобликуваа Македонија како национална држава на македонскиот народ и на сите малцински заедници што живеат во неа.
Првиот експеримент на меѓународната заедница беше приемот на земјава во Обединетите нации, кога за да им се излезе во пресрет на грчките апсурдни барања, меѓународната заедница експериментално изврши прием на држава под референца, наместо со нејзиното уставно име, без оглед што тоа е спротивно на меѓународното право и правото на самоопределување на народите. Инаку, приемот на нови држави секогаш било под името со кое државата аплицира за членство и тоа е така уште од основањето на организацијата.
Овој експеримент се покажа како крајно нефункционален бидејќи со години генерираше проблематични ситуации, неможност земјата да се зачлени во голем број европски и светски организации, проблеми со трговските марки, проблеми на македонските делегации на светски настани, со еден збор државата се соочуваше со апсурдни опструкции на секој чекор.
Исклучително крупен експеримент со кој се промени карактерот на Македонија како држава на македонскиот народ и на другите малцински заедници беше Охридскиот рамковен договор, со кој борбата за освојување територии од страна на терористите, меѓународната заедница ја преформулира во борба за малцинска права и наметна систем со кој се направи мајоризација на малцинството врз мнозинскиот македонски народ. Експериментот опфати и бришење на конститутивниот карактер на Македонците и нивно редефинирање во обична заедница, со намера да се прекине врската на македонскиот народ со неговата матична држава. Овој експеримент продолжи со територијалната поделба, со која покрај огромните права доделени на една малцинска заедница, ним им се легитимираа и териториите што тие ги сметаа за нивни и на кои и ден-денес артикулираат туѓа државност и екстериторијалност. Од меѓународните „лаборатории“ дополнително во системот беа инсталирани алатки од типот на правична етничка застапеност, балансер, Бадентер и слични небулози, кои доведоа до целосно уривање на институциите на државата. Дури и самиот Роберт Бадентер во една пригода изјави дека не можел да поверува дека некоја држава би се согласила на таков модел каков што кај нас е одлучувањето според Бадентеровиот принцип, оценувајќи дека на тој начин работите само ќе се комплицираат, а државата ќе влегува во сѐ подлабока криза. Затоа никаде потоа во светот не се примени таквиот модел, бидејќи наместо кон кохезија на општествата, води кон нивни поделби.
Меѓународни експерименти се правеа и со паралелните институции од типот на Специјалното јавно обвинителство, кое беше најдобриот пример за парасистем, кое не даде резултати, туку уште повеќе го поларизира македонското општество, се користеше како алатка за политичка пресметка со поранешните функционери, за на крајот да заврши онака како што заврши. Еден од тие небулозни експерименти беше и пржинската влада, чија цел и ден никому не му е јасна, а единствено извесно од овој меѓународен проект се само проблемите што ги генерира пред секои избори.
Исклучителен странски експеримент е и тестирањето на точката на толеранција до каде може да се манипулира еден народ, односно да се тестира колку е подготвена една држава да прави отстапки во име на некакви ветувања што може, но најчесто не мора да се остварат. Кулминација на овој експеримент беше промената на уставното име, кога и покрај сите ветувања од надвор и покрај противењето на мнозинскиот македонски народ, сепак целата операција за промена на името се истурка на сила, а Македонија не доби почеток на преговорите со ЕУ, туку остана дополнително заглавена и блокирана.
Експериментирањето сега е во насока на промена на македонскиот идентитет, на иста линија со новото име на државата, односно креирање нов „северномакедонски“ идентитет, кој во следните децении треба да се одомаши кај новите македонски генерации. Бугарија и Грција се активно вклучени во тој процес, а експериментирањата одат и во насока да утврдат до која мерка може да биде понижен и скршен еден народ за да се остварат целите поставени од големите центри на моќ.
Македонија може сама да си бара автентични решенија
Сите овие меѓународни експерименти дефинитивно влијаат врз процесите и даваат насока по која ќе се движи државата во иднина, но она што е заедничко за сите нив, тоа е дека прават непоправлива штета бидејќи едноставно се нефункционални и блокираат секаков нормален развој.
Клучното прашање е до кога ќе се дозволуваат вакви експериментирања и кога конечно на странците куртоазно ќе им биде кажано дека Македонија има и интелектуален и секаков друг капацитет сама да наоѓа решенија за сопствените проблеми, решенија што се соодветни на нашите автентични состојби. Новата влада веќе најави дека има намера да се потпира врз сопствени сили и чекорите што ги презема во институционална консолидација и поправка на фаличните странски проекти се веќе видливи.
За сето она што експериментално беше накриво системски насадено и предизвика системска дисфункционалност, сега мора да се трошат дополнително пари, време и енергија за негово демонтирање и воспоставување функционални системи, кои ќе нудат решавање на проблемите на граѓаните, а не создавање нови проблеми.
– По сѐ што направи Македонија, од независноста до денес – да се потсетиме, бевме први во регионот по многу прашања, останува горчливиот вкус дека, за жал, Македонија се перципира само како геополитичка лабораторија во која меѓународните поголеми „играчи“ тестираат свои „рецепти“ за стабилизација, соживот и за институционална трансформација – констатира академик Љупчо Коцарев.
Според него, најдобра потврда дека земјава продолжува да се перципира како место за меѓународни експерименти е Преговарачката рамка што ЕУ ѝ ја понуди на Македонија.
– Во Преговарачката рамка, официјален документ на ЕУ, се поставени вонредни и уникатни услови за прием на Македонија во Европската Унија, кои за другите земји вклучени во пристапниот процес ги нема, ниту ги имало при претходните процеси на проширување. Тоа, пред сè, се однесува на имплементацијата на билатералните договори со Грција и со Бугарија како дел од критериумот од Процесот за стабилизација и асоцијација за добрососедските односи, но и на голем дел од дополнителните барања од страна на Бугарија кои сега се составен дел на Заклучоците на Советот на ЕУ, на општата позиција на Европската Унија и на Преговарачката рамка, а со тоа и на пристапните преговори – посочува академик Коцарев.
Некои од аналитичарите го имаат истиот став, дека Македонија постојано се користи како некаква експериментална лабораторија, каде што најпрво ќе се пушти некаков пробен балон или ќе се аплицира некакво решение, па потоа ќе се гледаат ефектите.
– Чудна е оваа дебата што сега се отвори во земјава околу зголемувањето на старосната граница за одење во пензија. Ништо не се појавува случајно, тоа е некаков пробен балон да се види реакцијата, за потоа ЕУ да види во која насока да се движи. Сега на Хрватска ѝ се предлага да размисли за таков модел, така што не можеме да избегаме од впечатокот дека Македонија се користи како еден вид заморче на меѓународната заедница, да ги тестираат сите можни и невозможни идеи што ќе им паднат напамет. Доволно е да се направи еден обичен пресек на сето она што досега како експеримент ни го протнаа странците, па да се констатира дека заедничко за сите тие проекти е нивната нефункционалност. Наместо да ни помогнат така што ќе ни понудат позитивни примери што кај нив функционираат со години, па и векови, тие експериментираат со работи што се против секаква логика. Нам ни се потребни функционални и проверени решенија, а не експерименти. Нема зошто да измислуваме топла вода. Ако биле функционални балансерот или бадентерот, пржинската влада, рамковниот договор, пензиската граница, што не ги применила некоја друга европска земја? Се разбира, ним им е подобро да проверат дали тоа ќе функционира кај нас, па ако функционира, тогаш можеби ќе го применат и на друго место. Потребно ни е системско и институционално реструктурирање. Тоа значи дека треба да се отсечат сите овие диви меса од македонскиот систем и да почнеме да функционираме според она што е проверено во сите земји, без експерименти и ризици – заклучуваат соговорниците.