Тетово: Преименувањата -дел од поширок зафат за историска ревизија и заборав на вистината / Фото: „Нова Македонија“

Низа објавени ставови и публикации на македонските историчари втемелени врз научни истражувања го актуализираат прашањето дали сега и тетовската локална власт и обединетиот албански политички чинител во неа, сочинет од сите албански политички партии, остваруваат намера за отстранување на трагите на македонската историја во овој западен дел на Македонија преку бришење на имињата на македонските народни херои и партизани од градските улици, од кои некои биле убиени токму во борби со балистите пред осум децении?! Станува ли збор за „поширок зафат за историски заборав и ревизија“ и со отстранување на имињата и на дејци на македонската просвета и култура, како што е, на пример, името на Кирил Пејчиновиќ, кое го носи и тетовската гимназија?

Сојузот на борците од НОБ до градоначалникот на Тетово за неговата иницијатива за масовно менување имиња на јавни објекти во Тетово:

Неодамна јавноста регистрираше објава на ТВ 21 во која се најавува јавен оглас врз основа на кој „граѓаните ќе можат да ги достават своите предлози за промена на имињата на улиците во Општина Тетово“.
– Од 297 улици во Тетово, само 81 имаат имиња, додека другите 216 или воопшто немаат називи или се означени со број. Сега претстои јавна расправа за нивните имиња. Општина Тетово ќе распише јавен оглас и граѓаните ќе можат да ги достават своите предлози за имињата на улиците. Предлозите потоа ќе треба да поминат во Советот и на владина седница – се вели во објавата на медиумот.
За потсетување, Билал Касами, градоначалникот на Тетово и лидер на Беса, најави масовно менување имиња на улици, инфраструктурни објекти и на основни и средни училишта во Тетово. Зошто излезе толку итна потребата дури 300 улици да мора да добијат нови имиња, главно на личности од албанската историја, при што се бришат или ќе се бришат имињата на македонски дејци, партизани, народни херои и личности од македонската култура?

Предлог-одлука за преименувања, од август, минатата година

Тетовската локална самоуправа уште кон крајот на август 2024 година донесе предлог-одлука за формирање работна група што ќе ги преименува улиците. Тоа беше повод за внесување голема вознемиреност меѓу жителите од општината Тетово. Истото тоа предизвика и основани стравувања дека некои од улиците ќе добијат имиња и на Албанци поврзани со фашистите во периодот 1941-1945 година, како и на припадници на УЧК од 2001 година, а ќе се избришат и ќе се преименуваат улиците што го носат името на нашите најсветли предци. На пример, името на народниот херој Страшо Пинџур веќе е избришано од една улица и ставено е ново име! Не е објавено кое е новото име. Во информацијата со наслов „300 улици ќе добијат нови имиња“, ТВ 21 ја пренесе изјавата на градоначалникот Билал Касами, кој потврдил дека веќе го „снемало“ Страшо Пинџур од Тетово.
За волја на вистината, преименувањето на улиците во Тетово го поттикна и го започна ДУИ уште во времето на градоначалникувањето на Теута Арифи. ТВ 21 во својата информација на оваа тема, само пред неколку дена објави:
„Улиците во Тетово ќе добијат нови имиња. Некои од предлозите се имињата на Мурат Исаку, Фадил Сулејмани, Мамут Аслани, Реџеп Вока, на други личности од албанската национална историја, како што се Скендербег, Исмаил Ќемали, браќата Фрашери“.
Во редакцијата на „Нова Македонија“ повторно добивме дописи со кои се реагира дека „преименувањето како стравотен феномен за деноминација на идентитетот нѐ следи постојано“.
– Сами дозволивме да ни ја преименуваат државата, се обидуваат нас да нѐ преименуваат, а сега има и однатре обиди да менуваат имиња што претставуваат наши темели, наши корени, наша историја. Тој тренд треба веќе да биде сопрен – се вели во дописите на нашите граѓани и притоа се додава дека ова е нова духовна и идентитетска ликвидација, која следува осум децении по физичката ликвидација на некои од втемелувачите на македонската држава.

Голем број топоними во западниот дел на Македонија добиле албанска форма како прв чекор од големоалбанската тенденција уште во периодот од 1941 до 1944 година

Според проф. д-р Ѓорѓи Малковски од Институтот за национална историја во Скопје, кој го истражувал дејствувањето на балистичката организација во Македонија од 1941 до 1944 година, голем број топоними во западниот дел на Македонија добиле албанска форма како прв чекор од големоалбанската тенденција на квислиншките власти за целосна албанизација и создавање етнички чиста територија. Со посебна наредба називите на улиците биле обележани со албански имиња. Се случуваат обиди за оживување на балистите преку нивно претставување како албански национални херои. „Бали комбетар“ била великоалбанска екстремна националистичка организација, која вршела терор и злосторства врз цивилното население. Загрижувачки се обидите за ревидирање на македонската историја.
Овие ставови и публикации на македонските историчари втемелени врз научни истражувања го актуализираат прашањето дали и тетовската локална власт и обединетиот албански политички чинител во неа, сочинет од сите албански политички партии, остваруваат намера за отстранување на трагите на македонската историја во овој западен дел на Македонија преку бришење на имињата на македонските народни херои и партизани од градските улици, од кои некои биле убиени токму во борби со балистите пред осум децении. Но дали станува збор и за пошироко отстранување на имињата и на дејци на македонската просвета и култура, како што е, на пример, „проблематичното“ име и на Кирил Пејчиновиќ, кое го носи и тетовската гимназија?

Силни поенти во отвореното писмо на Сојузот на борците од НОБ до тетовските локални власти да нема преименување на улиците

Општинската организација на Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна од Тетово (и граѓаните што ја продолжуваат таа традиција, а кои живеат во Тетово) испрати отворено писмо до тетовскиот градоначалник во кое се бара „да нема преименување на градските улици што носат имиња од антифашистичкото минато на македонскиот народ и народности“. Во отвореното писмо има обраќање и до Советот на Општината, каде што исто така се бара „да нема именување улици и инфраструктурни објекти со имиња на личности, настани и датуми што слават фашистичка, терористичка, милитаристичка или радикална личност, односно група“!
– Ова писмо е јавен израз на најостра реакција, предупредување и споделување длабока загриженост на државотворниот Сојуз на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна и граѓаните продолжувачи од Тетово, а поради повторните вознемирувачки најави на градоначалникот на општина Тетово, г. Билал Касами, за промена на имињата на улиците во градот и определување имиња на претходно неименувани улици на територијата на општината – се вели во писмото на тетовскиот Сојуз на борците.
Во писмото, Сојузот на борците од НОБ има директно обраќање до градоначалникот Касами дека тој треба да биде градоначалник на сите граѓани што живеат во општината, да гради општествена кохезија помеѓу етникумите, а не да ги дели жителите на општината Тетово по етничка припадност, вера, јазик…
– Прво, во вашиот речник не треба да постојат македонски, турски, ромски или албански партии, туку политички партии и чинители што се повикани на соработка во демократски услови и амбиент на градење општествена кохезија помеѓу етникумите. Второ, дали отсуството на политичките субјекти во одреден процес вам ви дава за право да бидете градоначалник само на Албанците што живеат во вашата општина? Зарем вие јавно признавате дека живееме во племенска заедница и иако земате плата од сите граѓани, вие не се грижите за сите нас. Трето, спротивно на вашето правно непознавање, Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во ч. 4. стр. 2, експлицитно пропишува дека Одлуката за определување на име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект на подрачјето на општината ја носи Советот со мнозинство гласови, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на Советот, кои припаѓаат на заедниците, кои не се мнозинско население во општината – се вели во писмото на Сојузот на борците од Тетово.
Во писмото се потсетува дека промената на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти не смее да се прави шест месеци пред одржувањето редовни избори, а се наведува и делот од законот каде што се вели дека на листата на имињата не смее да се најде име со кое се нарушува угледот на Република Македонија, се навредуваат чувства на граѓаните на републиката и на граѓаните на други држави и со кое се нарушуваат односите меѓу заедниците, обичаите и јавниот морал.
Отвореното писмо е испратено до Владата, министерствата, амбасадите на ЕУ и на САД. Р.Н.М.