Фото: „Нова Македонија“

Деновиве, повторно, етноцентричните истапувања на лидерите на албанските опозициски партии се совпаднаа со старо-новата иницијатива за албанската академија, каде што се рециклираат некакви анахрони сеништа од минатото што ја деградираат секоја идеја на интеграција и заедништво, на кохезија и конструктивност…

Реакции на повторното актуализирање на идејата за посебна албанска академија на науките во Македонија

Во интерес на јавноста и јавувањето и реакциите на граѓаните за дообјаснување на гореспоменатите појави, пак, се консултиравме со нашите постојани соработници, универзитетски професори, искусни правници, судии и адвокати, при што повторно издвојуваме нивни поенти и ставови.
Случајот на т.н. академија на Албанцитe повторно ја разбранува јавноста со писмото на професорот Хасан Јашари, објавено во вчерашниот број на нашиот весник. Професорот во воведот на обраќањето и самиот тврди дека „албанската академија на науките во Македонија уште еднаш го крена адреналинот во албанско-македонските односи“. За волја на вистината, редакцијата на „Нова Македонија“ кон крајот на јуни и почетокот на јули годинава во серија написи се консултираше со повеќе соговорници по ова прашање, а даде и свој редакциски став, коментар и анализа. И тогаш во јавноста се појавија многу реакции, чиј заеднички именител беше осудата на сите нови и стари форми на сегрегација, натамошни тенденции на дезинтеграција и сецесионизам. Осудувајќи ја иницијативата за нова етничка „научна институција“ на Албанците, граѓаните сугерираа афирмирање на иницијативи за кохезија и севкупен национален просперитет, мисловни обликувања и практични иницијативи што би значеле национален исчекор во науката, образованието, здравството, економијата итн. И сега, повторно деновиве, етноцентричните истапувања на лидерите на албанските опозициски партии се совпаднаа со старо-новата иницијатива за албанската академија, каде што се рециклираат некакви анахрони сеништа од минатото што ја деградираат секоја идеја на интеграција и заедништво, на кохезија и конструктивност…
Во интерес на јавноста и јавувањето и реакциите на граѓаните за дообјаснување на гореспоменатите појави, повторно се консултиравме со нашите постојани соработници, универзитетски професори, искусни правници, судии и адвокати, при што повторно издвојуваме нивни поенти и ставови.

Албанската академија – нова форма на двојство на државна институција, овој пат во академската сфера

Според анализите на соговорниците, називот „Академија за науки и уметности на Албанците од Република Северна Македонија“ (испечатено на вратите на седиштето во Тетово), веќе и како иницијатива, несомнено имплицира феномен на паралелизам, односно, според соговорниците, „воспоставување паралелна институција на нашата државна највисока научна и академска институција – Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ)“. Паралелното егзистирање на една етничка албанска „академија“ во основа означува двојство на институциите на државата по етничка формула, уште попрецизно, тенденција кон државна биполарност, која води кон загрозување на целовитоста на државата. Тоа значи дека со такви и слични општествени феномени, како што е сега појавата на албанската академија, уставниот карактер и пред сѐ унитарноста на Македонија се – фундаментално загрозени. Паралелната албанска научна институција не попусто цели кон МАНУ. Тоа се прави, според соговорниците, со една умисла, „да биде дезавуирано, раздробено и поделено ткивото на најесенцијалниот супстрат на македонската врвна научна и академска мисла, авангардата на овој народ и држава“. МАНУ е еден сѐ уште силен бедем на македонизмот, градбен елемент на кохезија на македонскиот народ и држава. Затоа, не случајно некој одбира да цели во срцето на Македонија, токму во таа институција.

Што е разликата во називите „Академија за науки и уметности на Албанците од Република Северна Македонија“ и новоупотребуваниот назив „Албанска академија на науките и уметностите“

Соговорниците потенцираат дека треба да се направи разлика помеѓу називот „Академија за науки и уметности на Албанците од Република Северна Македонија“ (испечатено на вратите на седиштето), и другиот, најчесто употребуван назив „Албанска академија на науките и уметностите“. Имено, називот „Албанска академија на науките и уметностите“ е многу поширок и се однесува на сите Албанци во регионот, не само во Македонија. Употребата на тој назив, подвлекуваат соговорниците, е „класичен политички иредентизам“. Тој се става под капата на еден еднонационален „академско-научен ентитет“ во чија основа, со умисла или несвесно, се промовира еден „паналбански (сеалбански) концепт на националистичко движење и идеологии што се заложуваат за спојување на албанските ентитети од сите држави во регионот и нивно лоцирање и омеѓување во еден друг државен ентитет што во таа држава би бил окрупнет“! Соговорниците се прашуваат дали научниците што тврдат дека „не се политичка организација“ веќе длабоко влегле во политичко-партиските агенди на некоја од политичките партии со дезинтегрирачки цели и се инструментализирани?! Бидејќи, преочигледна е тенденцијата на именската манипулација, која со поедноставен описен наратив идентификува „академија на науки и уметности на Албанците од сите држави во регионот на Балканот“!?
Соговорниците регистрираат дека „не случајно повторно ова сценарио се совпаѓа апсолутно со анахроното сценарио на недосонуваната албанска Призренска лига, односно со концептот на голема Албанија, кој, сакале да признаеме или не, сѐ уште во голема мера е жив, а е толериран од меѓународната заедница“.

Светски македонски конгрес: Наместо интеграција во општеството и државата, обид за натамошна сегментација, гетоизација и сецесионизам

Светскиот македонски конгрес (СМК) смета дека големината на една цивилизација е во универзалноста на нејзините вредности. А основни вредности на македонската цивилизација на која сите ние заедно припаѓаме се: мирот и љубовта наспроти војната и омразата; толеранцијата и коегзистенцијата наспроти дискредитацијата и сегрегацијата. Во еден таков контекст, Светскиот македонски конгрес ја смета за неодржлива и неприфатлива албанската академија на науките и уметностите онака како што се замислува и прикажува, при што смета дека таа иницијатива претставува нов модел и обид за натамошна сегментација, гетоизација и сецесионизам на Албанците.
– Наместо нивна интеграција во општеството и државата, нивниот лајтмотив е со единствена цел – бинационална држава и етничко разграничување по сите основи и на сите нивоа, што е во спротивност со основите на Охридскиот договор од 13 август 2001 година: унитарност и почитување на етничкиот и верскиот баланс во државата, затоа што не постојат територијални решенија за етничките прашања! Институции од културен, образовен и научен карактер да се во духот на интеграција, а не на сегрегација и уште помалку на двоење и сецесија.
СМК смета дека токму формирањето албанска академија на науките и уметностите на етничка основа во Македонија претставува девалвација на науките и уметностите!
СМК издвојува и уште еден аспект на небулозниот предлог за етничка албанска академија на науките и уметностите: Даночните обврзници не можат да финансираат академии на сите национални малцинства во државата, доволна е една државна академија на науките и уметностите за сите! П.Р


Забележителни реакции на академици и професори во врска со т.н. албанска академија на науките и уметностите

Академик Божин Павловски
За три години МАНУ ќе влезе во седмата деценија од основањето. Ќе се види дека остварила импресивни постигнувања во науките и уметностите… Не смее МАНУ да стане алатка за политичко и етничко пазарење. Тоа во науките и уметностите не е дозволено.

Академик Алајдин Абази
Според принципите, не може да има две национални академии на науките и уметностите. Имаме една академија за сите!

Академик Таки Фити
Во науката не смеат да се инкорпорираат етнички или политички принципи. МАНУ е независна, самостојна, највисока научна и уметничка институција – така е формирана по закон и така ќе опстои во иднина. Тука не правиме никакви компромиси. Албанска академија на науките е апсурдна идеја. Во ниту една современа земја нема две национални академии. Постои само една, која е репрезент на научната мисла на конкретната земја. Тоа е небулозна идеја.
Битни се науката и придонесот на потенцијалните членови на академијата во соодветната област…
Академијата е национална, но тоа не значи само на Македонците туку на сите други етникуми во Македонија. И порано имало и сега има академци што биле високопочитувани со различна етничка припадност. Имало и Власи, Турци, Албанци, дури има и една Полјачка. Денес во академијата имаме четири члена од албанска националност, од кои двајца се активни и работат. Академиците Беџети и Абази како редовни членови, додека како дописен член е академикот Зеќири.

Академик Владо Камбовски
Во една држава не може да има две национални академии. Во ниту една држава во светот не постојат две национални академии на науките и уметностите. Можно е да се формираат, на пример, здравствени здруженија, но невозможно е да има две национални академии.

Проф. д-р Солза Грчева
Во која држава има две национални академии по етничка основа? Ова никако не смее да се дозволи. МАНУ е столбот на нашата државност и никој не смее да ја дели и размножува во провинциски манир и најмалку по етничка основа!


Потсетување на ставови од политички партии во врска со т.н. албанска академија на науките и уметностите

ВМРО-ДПМНЕ
Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е единствената институција што ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници. Критериум за членството во академија на науките не може да биде етничка или политичка припадност, туку научните достигнувања и придонесот во општеството. Науката не е нешто што треба и може да се политизира и етнизира.
Науката бара посветеност, напорна работа и високи академски стандарди, кои се основа за постигнување извонредност и иновации. Само преку строгите критериуми и мерила можеме да осигуриме дека најдобрите и најквалификуваните ќе ги водат нашите научни институции и ќе придонесуваат за нашето општество. Затоа, мораме да ги задржиме високите стандарди и да се осигуриме дека нашата Академија на науките останува репрезентативна и престижна, базирана на заслуги и академски достигнувања.

ЗНАМ
Науката не смее да се политизира ниту пак да се етнизира, таа има своја генеза и континуитет. Ваквите обиди и идеи се резултат на постизборен популизам.
Во Македонија постои МАНУ како една и единствена aкадемија што им припаѓа на сите и никаков паралелизам не е дозволен.
Партнерите во власта од Вреди е потребно да се свртат кон економски раст и развој на државата, подобар живот на сите граѓани на Македонија и суштинска заложба во сузбивање на криминалот и корупцијата, вклучувајќи ја и политичката корупција. За тоа е потребна и понуда на кадри со чисто минато, без криминал и опашки.

СДСМ
МАНУ треба да остане единствена институција во која членуваат реномирани научници од сите етнички заедници. МАНУ исто така треба да биде институција што не смее да се партизира или да се злоупотребува од страна на поединци за дневнополитички потреби. Ова е нешто што се случуваше во минатотo.

ВРЕДИ
Почнавме како иницијатива од четири општини, а понатаму се надевам дека ќе најдеме решение што би било прифатливо за сите ние што живееме во Република Македонија. Науката никогаш не се етнизира, тамам работа, имаме повеќе универзитети, не ја етнизираме и ќе имаме повеќе институции што се занимаваат со наука и со уметност и да ги развиваме овие институции и што повеќе да ги поддржуваме, бидејќи секоја година кога се објавуваат резултатите на рангирањето на универзитетите, нашите, за жал, се за никаде. Сите да дадеме максимум од себе науката и уметноста на сите етнички заедници што живеат во Македонија сѐ повеќе и подобро да се развиваат, рече Арбен Таравари, еден од лидерите на коалицијата Вреди и актуелен министер за здравство.