Ректоратот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во соработка со Амбасадата на НР Кина во Скопје обезбеди 40 награди, стипендии во висина на едногодишна уписнина за редовни студенти на прв циклус студии.
Како што информираат од секторот за односи со јавност на УКЛО, наградите се во износ од 12.600 денари и ќе се доделат во три категории, односно награда за највисок успех во студирањето, најдобри трудови и категорија за извонредност во студирањето.
– Категоријата највисок успех во студирањето е за студенти запишани во академските 2022/2023 и 2023/2024 година и притоа ќе се доделат 22 стипендии, по две на секоја универзитетска единица. За оваа категорија, селекција на најдобрите ќе извршат самите единици во согласност со нивната евиденција. За категоријата најдобри трудови на годишната студентска конференција, како и за категоријата извонредност во студирањето, може да конкурираат сите студенти на прв циклус студии. Постигнатиот успех ќе се анализира врз основа на успехот во студирањето, учеството во воннаставни активности, како и учество во проектните активности на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС – информираа од УКЛО-Битола.
Рангирањето во третата категорија ќе го врши комисија, во која членуваат проректорите Јасмина Буневска Талевска и Цветко Андрески, академската раководителка на УКЛО КОЛОРС, Рената Петревска Нечкоска, и два претставника на студентите, односно претседателот на Универзитетскиот студентски сојуз Димитар Атанасовски и студентската правобранителка Стојанка Ќупчева.
С.Т.