Остри реакции поради ставот на францускиот претседател за интервенцијата на САД во Венецуела
- Во Франција несекојдневно гласно се изрази негодување поради интервенцијата на Вашингтон во Каракас, Венецуела, но уште повеќе и поради тоа што францускиот претседател Емануел Макрон НЕ ги осуди американските бомбардирања на Каракас и кршењето на меѓународното право
Францускиот претседател Емануел Макрон „го призна“ во саботата крајот на „диктатурата на Мадуро“, од која „венецуелскиот народ“ е „ослободен“ и може само да „се радува“, како што рече тој.
Но оваа негова политичка позиција е опишана како „срамна“ од страна на француската политичка левица, која го обвинува францускиот претседател дека е премногу калкулирачки попустлив кон Соединетите Американскиот Држави, заборавајќи на правото и правдината.
„Венецуелскиот народ сега е ослободен од диктатурата на Николас Мадуро и може само да се радува“, напиша шефот на француската држава на Икс. (?!)
– Со преземањето на власта и газењето на основните слободи, Николас Мадуро сериозно го нападна достоинството на сопствениот народ – инсистираше тој, без да ги спомене во својата објава американските напади што доведоа до заробувањето на венецуелскиот претседател.
Службата на Емануел Макрон кратко потоа објави дека „американската операција“ е „земена предвид“. „Диктаторот е соборен“. „Меѓународното право сега мора да се почитува“, тврди истиот извор.
Непокорна Франција: „Темен ден за нашата земја“
Но за Жан-Лук Меланшон, лидерот на Непокорна Франција, „ставот на Макрон не е гласот на Франција“. „Тој нè срами. Тој го напушта меѓународното право. Темен ден за нашата земја“, напиша Меланшон на Икс, поддржан од неговиот сопартиец Мануел Бомпард, кој се жалеше дека гледа како „Франција е сведена на фалење на Трамповото преземање на моќта“.
Социјалистичката партија изрази слична огорченост. Според нејзиниот прв секретар, Оливие Фор, „Франција не е вазална држава на САД, а францускиот претседател не може да се однесува како обичен гласноговорник на Белата куќа“.
– Емануел Макрон ја гази целата наша дипломатска историја. Срам – додаде Патрик Канер, шеф на социјалистичките сенатори. „Понижувачки срам“, дури и според шефот на Француската комунистичка партија, Фабиен Русел, кој верува дека Франција е „сведена на статус на 51. држава на САД“.
Во саботата попладне, повеќе од илјада луѓе, некои мавтајќи со венецуелски знамиња, се собраа на Плоштадот на Републиката во Париз за да протестираат против нападот, по повик на Непокорна Франција (ЛФИ) и Комунистичката партија, меѓу другите, забележа новинар на АФП. Меѓу нив беше и Жан-Лук Меланшон, кој рече дека „без двоумење, мора да побараме ослободување и итно враќање на Николас Мадуро во Венецуела како слободен човек“.
Макрон ја нагласи „транзицијата што доаѓа“
Владата зазеде поагресивен став во саботата попладне, а министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека американската операција „го крши“ меѓународното право. „Франција повторува дека никакво трајно политичко решение не може да се наметне однадвор и дека само суверените народи одлучуваат за својата иднина“, напиша тој на Икс.
Жан-Ноел Баро започна со потсетување дека Париз отсекогаш го поддржувал „суверенитетот“ на венецуелскиот народ, наспроти Николас Мадуро, кој „сериозно го нарушил нивното достоинство и нивното право на самоопределување“, додека „го лишил од нивните основни слободи“.
Баро додаде, со малку подипломатски тон, дека повторените прекршувања од ваков вид веројатно ќе имаат и „сериозни последици за глобалната безбедност, кои нема да поштедат никого“ и дека во овој поглед, Франција „се подготвува за нив“ и „ја повторува својата посветеност на Повелбата на Обединетите нации, која мора да продолжи да ги води меѓународните активности на државите, секогаш и насекаде“.
Емануел Макрон претпочиташе да ја нагласи „претстојната транзиција“, која „мора да биде мирна, демократска и да ја почитува волјата на венецуелскиот народ“. Во овој поглед, тој се залага оваа транзиција да биде обезбедена „што е можно побрзо“ од страна на Едмундо Гонзалез Урутија, кандидатот на опозицијата за претседателските избори во 2024 година. Во меѓувреме, Доналд Трамп изјави дека САД ќе ја „водат“ Венецуела сè додека не се случи „безбедна“ политичка транзиција.
– Она што е важно сега е венецуелскиот народ да го каже своето мислење што е можно поскоро – додаде придружбата на Макрон, прецизирајќи дека тој во саботата разговарал со Доналд Трамп, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и со бразилскиот претседател Лула.
Европските „либерални елити“ со слична реторика како Макрон
Кој во Европа ја поддржа акцијата на САД?
Европските канцеларии реагираа претпазливо и со голема грижа во однос на кризата во Венецуела, при што Европската Унија ја нагласи потребата од почитување на меѓународното право во јужноамериканската држава. Огласувајќи се на Икс, шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, изјави дека повикала на „воздржаност“ за време на телефонскиот разговор со американскиот државен секретар Марко Рубио. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од своја страна, повика на „мирна и демократска транзиција“ во Венецуела. „Секое решение мора да ги почитува меѓународното право и Повелбата на ОН“, порача таа на Икс.
Повторувајќи ги ставовите на Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц набргу потоа изјави дека венецуелскиот претседател „ја довел својата земја во пропаст“. Николас Мадуро „играл проблематична улога во регионот“, особено со „вклучување на Венецуела во трговија со дрога“, тврди канцеларката, истакнувајќи дека Германија не ги признала последните венецуелски избори, кои ги сметала за „наместени“.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони, од своја страна, потврди дека „надворешната воена акција не е начин за ставање крај на тоталитарните режими, но во исто време ја смета за легитимна одбранбената воена интервенција против хибридни напади“.
Конечно, британскиот премиер Кир Стармер го смени ставот. Откако првично нагласи дека сите земји мора да го „почитуваат меѓународното право“, британскиот функционер нагласи дека „Мадуро е нелегитимен претседател“ и дека „нема да пролее солзи поради крајот на неговиот режим“.
Шпанската влада понуди да посредува во кризата меѓу Венецуела и САД, а Мадрид повика на „деескалација и воздржаност и секогаш да се дејствува во согласност со меѓународното право“. А полскиот премиер Доналд Туск изјави: „Настан како денешниот американски напад врз Венецуела влијае на целиот свет. Ние ќе реагираме и ќе се подготвиме за оваа нова ситуација“. Т.Г.
Некои коментари на американскиот и на европскиот печат за воената операција во Венецуела
Од „апсурдно“ и „нелегално“ до „чин на чистење“
Многу коментатори ги доведуваат во прашање легалноста на апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на американската војска и причините што ги наведе Доналд Трамп. Тие, исто така, ги истакнуваат ризиците што таквата интервенција ги претставува за светскиот поредок.
„Инвазијата на Трамп врз Венецуела е апсурдна“. „Никој не го побара ова“, пишува Рекс Хапке во „Ју-ес-еј тудеј“, осврнувајќи се на претседателската кампања на републиканците.
– Се сомневам дека многу Американци, или дури и некои, гласале за Трамп затоа што сакале промена на режимот во земја што би имале проблем да ја лоцираат на мапата – додава тој.
– Се чини дека републиканците сега ја вовлекле Америка во скапа окупација на странска земја, слабо сугерирајќи дека венецуелската нафта ќе помогне во финансирањето на сè – исто така се жали тој.
„Волстрит џурнал“, пак, го поздравува „чинот на чистење на јужната хемисфера против диктатор што посеал хаос низ целата земја“ и ја смета американската интервенција за оправдана, „и покрај повиците од левицата дека била нелегална од меѓународна перспектива“.
„Отстранувањето на Мадуро испраќа добредојдена порака до противниците на Америка. Сè што му преостанува на Трамп е да ја направи оваа окупација успешна“, пишува медиумот.
„Венецуела се чини дека стана првата земја што стана жртва на овој современ империјализам, а ова претставува опасна и нелегална концепција за местото на Соединетите Американски Држави во светот“, тврди „Њујорк тајмс“.
Многу весници, исто така, укажуваат на ефектите што таквата интервенција ги има врз светскиот поредок. „Дејствувајќи без никаков меѓународен легитимитет, валиден правен авторитет или домашна поддршка, Трамп ризикува да ги оправда авторитарните режими што се стремат да доминираат над своите соседи“, тврди „Њујорк дејли“.
Конечно, американскиот печат се прашува што ќе се случи следно во Венецуела, со оглед на тоа што Доналд Трамп рече дека Соединетите Американски Држави „ќе ја водат земјата сè додека не можат да обезбедат безбедна, правилна и разумна транзиција“.
„Па, каков е планот, ако постои, за ерата по Мадуро?“, прашува Макс Бут во „Вашингтон пост“. „Во Мајами, каде што толку многу наши соседи и пријатели најдоа засолниште од угнетувачките влади, овој момент длабоко резонира“, објаснува „Мајами хералд“, додавајќи дека „Мадуро ја дестабилизираше Венецуела со фалсификување избори, уништување на нејзината економија и принудување милиони луѓе да емигрираат во Соединетите Американски Држави и во други земји“.
„Не тагуваме по Мадуро, но патот напред е полн со пречки. Венецуела без Мадуро не е гаранција за демократија“, додава весникот „Флорида“.
„Ако има една суштинска лекција што треба да се научи од американската надворешна политика од минатиот век, тоа е дека обидот за соборување дури и на најнеподносливиот режим може да ја влоши ситуацијата. Соединетите Американски Држави поминаа дваесет години обидувајќи се, залудно, да воспостават стабилна влада во Авганистан и ја заменија диктатурата во Либија со расцепкана држава“, забележува „Њујорк тајмс“.
„Како Џорџ В. Буш по инвазијата на Ирак, Трамп го уживаше својот момент на триумф во саботата. Но ако има една лекција што треба да се научи од последните дваесет и пет години, тоа е дека многу е полесно да се соборат тираните отколку потоа да се изградат стабилни и безбедни општества“, заклучува „Вашингтон пост“.
Автор: Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција
































