Доколку се удоволи на сѐ уште неиспратеното барање на Албанија до ЕУ да бидат одвоени двете земји, Македонија и Албанија, во поглед на почнувањето на преговорите со ЕУ, тоа ќе значи дека Унијата (повторно) нема да си опстои на ставот. Двете земји треба заедно да ги почнат преговорите: на ова особено инсистира Германија, но и САД, иако последниве се надвор од ЕУ. Но што би значело одвојувањето на Албанија и на Македонија од преговарачкиот пакет на ЕУ?
Што би значело двоењето на преговарачкиот пакет: одделен настап на Албанија и Македонија за ЕУ
Завршени се „трпеливоста и солидарноста на Албанија спрема Македонија“ за заеднички почеток на преговорите со ЕУ. Албанскиот премиер Еди Рама јавно најави дека Албанија ќе побара од Европската Унија да го продолжи процесот на пристапување во Унијата одвоено од Македонија, која сè уште се соочува со бугарско вето. Рама во своето обраќање рече дека не е оптимист оти Бугарија наскоро ќе го тргне ветото што го стави на почетокот на официјалните преговори за пристапување на земјава кон ЕУ во 2020 година, тврдејќи оти не е почитуван Договорот за пријателство од 2017 година. Бидејќи кандидатурите на двете земји се поврзани и почнувањето на пристапните преговори бара едногласно одобрување од земјите на ЕУ, ветото, исто така, ја спречи Албанија да оди напред.
Ваквиот развој на настаните во однос на заедничкото пристапување во ЕУ на Македонија и Албанија воопшто не е неочекуван, што, сепак, не оди во прилог на коректноста и добрососедските политики меѓу двете земји. Нетрпеливоста на Албанија за самостојно почнување на преговорите (без оглед дали ќе ѝ биде удоволено на барањето од страна на ЕУ), во голема мера е дискутабилно дали е коректна, особено што Македонија во неколку наврати не добиваше одлука за почеток на преговорите токму поради оцените на некои земји-членки за нејзината неподготвеноста да го почне преговарачкиот процес.
– Албанија веќе не може да чека двата соседи да го решат спорот – рече албанскиот премиер Еди Рама, додавајќи дека Албанија има добри односи со двете земји.
Индикативно е што Рама најавата за барањето до ЕУ за издвојување на неговата земја од пристапниот пакет со Македонија ја даде при претставувањето на резултатите од националната анкета со повеќе од половина милион испитаници, која покажа дека 67 отсто од граѓаните на Албанија сакаат патот на членството на двете земји да се одвои, но еден ден по официјалната посета на албанскиот претседател Илир Мета на Софија. Интересно е што Бугарија уште на претходниот, декемвриски самит на ЕУ имаше предлог за Албанија да биде издвоена од преговарачкиот пакет со Македонија, но тој не беше прифатен од претставниците на другите земји-членки. Сепак, најавата на албанскиот премиер го наметнува прашањето што би значело за Македонија издвојувањето на Албанија од пристапниот пакет за ЕУ доколку се удоволи на барањето на Еди Рама. Наедно, на тоа се надоврзува и очекувањето за процена колку е реално да се очекува позитивен одговор од ЕУ на барањето на Еди Рама?
– Доколку се удоволи на сѐ уште неиспратеното барање на Албанија до ЕУ да бидат одвоени двете земји, С. Македонија и Албанија, во поглед на почнување на преговорите со ЕУ, тоа ќе значи дека Унијата нема да си опстои на ставот – двете земји треба заедно да ги почнат преговорите (на ова особено инсистира Германија, но и САД, иако се надвор од ЕУ). Постојат и земји што би ги отпочнале преговорите со С. Македонија без Албанија, така што општиот став на ЕУ е – двете земји да ги почнат преговорите заедно. Ваквиот став има смисла за секој сериозен политичар, дипломат и аналитичар, имајќи ги предвид геополитичкиот, економскиот, демографскиот и одбранбениот, да не речам, воениот момент во цела Европа, а особено во Југоисточна Европа, најпрецизно на Западен Балкан.
Премиерот Еди Рама влече (за внатрешни услови) добар политички потег, почитувајќи ја волјата на албанските граѓани изразена на анкета спроведена на огромен број испитаници. Ако, сепак, се удоволи на ова барање, тоа не би било добро за напредокот на С. Македонија, ниту за стабилноста на земјата и регионот на Западен Балкан. ЕУ би го изгубила и онака слабиот кредибилитет кај Македонците, но не само кај нив, туку и во другите земји на Балканот. Тоа не би било добро ниту за Бугарија, зашто ќе се наруши позитивната клима на македонско-бугарските односи што владее моментално и би поминало долго време да се врати на ова ниво на кое е сега. Накратко, колку и да изгледа правилно и оправдано барањето за одвојување на двете земји, тоа не би било добро решение за стабилноста на Југоисточна Европа… Сметам дека не е реално во дадениов политички момент во Европа да му се удоволи на барањето на премиерот Рама. Се разбира, секогаш има едно „но“. И, ако се случи, нема да биде првпат ЕУ да донесе нелогични одлуки за нас обичните набљудувачи, зашто ние ја гледаме само бината, не знаеме што се случува зад завесите – оценува македонскиот амбасадор Ѓорѓи Филипов.
Имајќи ја предвид честата растегливост на принципите пред политичката прагма, еднаков е интересот за тоа дали постои некој правно обврзувачки момент до кој ЕУ треба да се придржува во однос на проширувањето во пакет.
– Не сум правник и детално не ги познавам правните процедури. Како дипломат сметам дека проширувањето се одвива во согласност со безбедносната и политичката клима (примањето на Романија и Бугарија, на пример), потоа во согласност со подготвеноста на земјата-кандидат (копенхашките критериуми и новите правила донесени по француската препорака), а на трето место се правните моменти, каде што секогаш може да се случат исклучоци, што барем во ЕУ може да се види оддалеку (случајот Кипар, на пример) – вели амбасадорот Филипов.
Директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, укажува дека пакет-аранжманот за почеток на преговори на земјите-кандидатки е креиран исклучиво според политичката процена на одредени земји-членки на ЕУ дека двете земји треба да се движат заедно низ процесот на пристапување, но не постои правна обврска за тоа така и да остане.
– Не постои правен акт со кој двете земји се врзани заедно, така што ништо не ја обврзува ЕУ, ако одиме во суштината на ова прашање. Како што одамна велевме, пакетот е резултат на тоа што двете земји се придвижија во исто време, меѓутоа пред сѐ беше креиран од страна на лидерството на дел од земјите-членки во однос на ставот дека двете земји треба да се движат заедно. Не знаеме отсега каков би бил ставот на земјите-членки за јуни. Од она што го знаеме досега, нема дефинитивно расположение за одвојување, иако знаеме дека имаше земји што ја поддржуваа Албанија во изминатите неколку години. Сепак, процесот е долг и секако некоја земја ќе оди пред другите. Гледаме и од случајот на Србија и Црна Гора дека и ако се движат во процесот, немаат некоја особена брзина. Несомнено е дека може да се креираат прашалници во Македонија и дискурс во однос на кредибилитетот на пристапувањето, но тоа не значи дека постои основа Албанија да биде држена со нас во овој пакет, надвор од ставовите на земјите-членки – вели Симонида Кацарска.