Отсекогаш сум размислувал, сум посакувал и ние да имаме ликовна институција што ќе можеме да ја наречеме национална галерија! Формално имаме таква институција, која работи под такво име и дејствува во три објекта, тоа се „Даутпашин амам“, „Чифте-амам“ и „Мала станица“. За да нема недоразбирања или погрешни толкувања, сегашнава наша Национална галерија си функционира одлично. Во овие три објекти се случуваат важни ликовни манифестации, од домашен и од меѓународен карактер, и како таква не можеме, ниту имаме право да ѝ замериме за што било. Ниту за нејзината годишна програма уште помалку, за нејзиното постоење и за богатата ликовна дејност што ја врши во текот на една година, според програмата понудена и прифатена од Министерството за култура.
Кога реков сум размислувал, сум посакувал и ние да имаме национална галерија или национален музеј, сум мислел и мислам на нешто друго, кое е близу до тоа што го имаме, но е поразлично и подалечно.
За што станува збор, односно која е мојата „стара желба“? И овде сакам да нагласам, дури мојата идеја, желба никој да не ја почитува или прифати, дури сите да мислат дека таа е погрешна и не знам каква, јас имам право да го мислам спротивното, дека мојата идеја е добра и посакувам мојата ликовна желба еден убав ден се реализира, со што убеден сум дека од културен и ликовен аспект ќе бидеме побогати и ценети, за Балканот да не зборуваме, туку ќе бидеме повеќе почитувани во Европа и во светот.
За да се разбереме уште подобро, ќе се повикаме малку на историјата, односно што се случува денес, истовремено со мал, брз поглед кон минатото и повторно враќање кон сегашноста. За да го разбереме ова треба да си го поставиме прашањето, што значи национална галерија или музеј и што треба да содржи една ваква институција за да се стекне со вакво име, со тоа и со ликовен амблем, односно дејност.
Една ваквата висока ликовна институција, односно национална галерија, за да може така да ја наречеме и за истата таа да може да опстојува, треба да поседува ликовни дела на ликовни творци што ѝ припаѓаат на одредена средина, држава или нација, оттука и „национална“, но, многу битно, секоја национална галерија, може дури е и пожелно да поседува и дела од автори што не припаѓаат на таа средина, туку се дел од друга држава, нација и култура.
Кога веќе спомнуваме изложби, односно збир на ликовни дела, од еден или од повеќе автори, понудени на увид на јавноста, знаеме дека изложбите во форми какви што денес ги доживуваме не се случувале пред петстотини или илјада години, тие се од поново време, и често сум се прашувал од кога почна да се применува таквата пракса.
Во 1648 г., кардиналот Мазарен, советник за култура или министер за култура, ако можеме да го наречеме така, при кралскиот двор на Франција, ја создава Академијата за ликовни дејности, за по дваесетина години Жан Баптис Колбер, исто советник за култура за време владеењето на Луј Четиринаесетти, одвреме-навреме пред кралот да нуди ликовни дела на тогаш поуспешните сликари што излегувале од Академијата за убави уметности.
Слободно можеме да заклучиме дека Колбер е првиот човек што почнува да приредува „изложби“ во кралскиот двор на Франција за потоа тоа да стане не редовна туку периодична навика и по стотина години ваквите парцијални ликовни манифестации да прераснат во „Државен салон“ кога еднаш на две години сликарите од Франција ги нудеа на увид, на „изложба“ своите најнови дела. Да напоменеме дека ваквите ликовни манифестации се случувале во просториите на тогашниот кралски дворец „Лувр“.
Со времето ликовните дела се множеле, просториите почнале да стануваат претесни за да ги соберат сите расположливи ликовни дела на домашни автори, но со почетокот на освојување и запознавање нови територии, оттаму почнаа да доаѓаат нови ликовни дела, што во одреден временски период ваквата пракса стана своевиден „спорт“! Многу кралства како Велика Британија, Франција, Холандија, Шпанија, едно време и Русија за време на Петар Велики ги практикуваше ваквите ликовни забави.
Кога истражувачите од Англија, во името на Обединетото Кралство, одеа во Персија или во Грција, од таму си земаа, си носеа во сопствената земја сѐ што им се допаѓаше. Истото тоа го правеше и Франција, нешто помалку го правеа Холандија и Шпанија, ама и тие го практикуваа. И така едно огромно ликовно богатство временски направено и оставено во неколку континенти, за краток период се пресели во метрополите на Европа!
И сега што? Одеднаш многу ликовни дела, простор за нив нема. Одозгора не каков било простор, туку простор и услови што одговараат и ги бараат насобраните ликовни дела од разни страни на светов. Времето на Колбер помина, кога кардиналот на кралот му покажуваше едно или повеќе дела за монархот да се задоволи.
Сега покрај кралот, ако го имаме, треба да се задоволат и народот, широките маси, државата и нацијата. Да се покаже што и колку една држава поседува како вредно национално, ликовно богатство, без разлика дали таквото ликовно богатство е создадено во конкретната земја или е донесено од четирите страни на светов?
Така почна да се размислува за градба или приспособување на одредени објекти, кои поседуваат големи простории и салони каде што ќе бидат сместени, сега, нивните ликовни богатства и вредности.
Ако милувате да видите скулптури од античкиот период на Грција, од времето на Фидијас и Скопас, може да видите во Грција, но ако сакате повеќе ќе треба да одите во Лондон, каде што во Британскиот музеј се сместени во постојана поставка дела од хеленскиот период. Ако имате намера да видите ликовни дела од некоја египетска династија, може да одите во Египет, но ако сакате нешто повеќе ќе треба да одите во Париз, каде што во музејот „Лувр“ имате можност да видите писари, хиероглифи и саркофази од различни династии од египетската култура, и тоа во постојана поставка. (Подоцна ќе објаснам зошто повторувам „постојана поставка“.)
Национални галерии или музеи имаме насекаде во Европа. и тоа со постојана поставка. Во Амстердам го имаме „Раикс музеј“, (Кралски музеј), во Шпанија „Прадо“, во Германија „Пинакотека“ од Минхен, во Италија – Фиренца целата е музеј, во Англија покрај Британскиот музеј е и Националната галерија, наречена „Теит галерија“, во Париз се разбира покрај многуте други е и музејот „Лувр“.
Сите овие познати галерии и музеи имаат своја постојана поставка, што значи, ако сакате да ја видите „Ноќна стража“ од Рембрант, ќе треба да одите во „Раикс музеј“ во Амстердам, ако ви значи „Мона Лиза“ ќе одите во „Лувр“. Сликите на Тарнер се наоѓаат во Националната галерија во Лондон, на Гоја во „Прадо“, на Риепин во „Ермитаж“ итн.
Сигурно некој може да се запраша која е мојата стара желба? Мојата стара и нова желба е, во нашата Национална галерија да има постојана поставка! Во ниту еден од трите објекти нема постојана поставка. Сите служат за изложбен простор. Постојана поставка и изложбен простор се две различни работи!
Ние имаме вредно ликовно богатство од светски размери. Ако сакаме да ги видиме сликите на нашите доајени како Мартиновски, Личеноски, Пандилов, Мазев, Коџоман или Белогаски нема каде да се видат, освен во приватни колекции, но тоа е друга работа. Ако, пак, некому му текне, да посака да ги види нашите средновековни икони, тој ќе треба да се почеша по тилот и да гледа угоре кон небото. Лично не знам каде се чуваат нашите вредни икони? Едно време во Охрид имаше некаков простор! Не дај Боже ако се чуваат во некои подруми! И уште еднаш не дај Боже, да не му текне на некој наш сосед и си помисли, така лудо, дека средновековниот период не ни припаѓа нам туку на Мефистотел, кој ни случајно не беше Македонец како што тие абдалите од Нивици заклучија, исто лудо, дека сѐ што ќе се пронајде на наша територија е од времето на Аристотел, кој сосема случајно бил Антички Македонец.
Ете зошто посакувам мојата стара желба да се исполни!