Фото: Игор Бансколиев

По разочарувањето што го предизвика кај македонската јавност дека може да ни вети само „волја за почеток на преговорите“, од шефот на ЕУ-дипломатијата, Жозеп Борел, пристигнаа нови оптимистички најави дека се надева дека Македонија и Албанија „ќе ги почнат преговорите за членство во Унијата до крајот на актуелното француско претседателство“, односно „до јуни годинава“. Притоа тој изрази надеж дека ќе бидат надминати проблемите меѓу Македонија и Бугарија. Борел оценува дека станува збор за историски момент и апелира да се забрза решавањето на проблемите што го кочат почетокот на преговорите

Безбедносните проекции во Брисел отвораат брза лента за евроинтеграции

Безбедносниот предизвик со кој се соочува Европа, поради настаните во Украина, ја промени реториката на главните политички актери во Европската Унија, кога станува збор за продолжување на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан. Имено, за три недели од руско-украински воен конфликт, од Брисел пристигнуваат различни изјави, во кои откочувањето на процесот на проширување се става во каузалитет со безбедносните состојби во Украина и таквите пошироки рефлексии, вклучувајќи го и безбедносниот импакт на Балканот!
Во исто време, реториката на македонските функционери е малку поразлична од онаа во Брисел, по однос на прашањата за прелевање на безбедносната криза во Македонија, па, така, кај нас може да се слушнат смирувачки тонови за тоа дека „безбедносната состојба во земјата и во регионот е стабилна“.

Безбедносната криза го забрзува најавувањето почеток на преговорите за во јуни

По разочарувањето што го предизвика кај македонската јавност дека може да ни вети само „волја за почеток на преговорите“, од шефот на ЕУ-дипломатијата, Жозеп Борел, пристигнаа нови оптимистички најави дека се надева дека Македонија и Албанија „ќе ги почнат преговорите за членство во Унијата до крајот на актуелното француско претседателство“, односно „до јуни годинава“. Притоа тој изрази надеж дека ќе бидат надминати проблемите меѓу Македонија и Бугарија. На прашањето дали војната во Украина ќе ја забрза или ќе ја забави одлуката за почеток на преговорите, Борел оценува дека станува збор за историски момент и апелира да се забрза решавањето на проблемите што го кочат почетокот на преговорите.
– Војната во Украина е повик за будење за цела Европа. Војната во Украина ја истакна потребата од поголемо единство. Таа ја покажува потребата да не се остави Западен Балкан да заостанува зад европскиот развој. Војната во Украина покажува дека Европа треба да биде посилна, пообединета и да забрза некои процеси што заостануваа. Затоа мислам дека е добра можност, дека е историски момент и би сакал да им испратам порака на сите инволвирани во овој процес да ги зголемат напорите да се надминат проблемите и пред крајот на француското претседателство, двете земји да ги започнат преговорите – изјави Борел.
Шефот на дипломатијата на ЕУ објаснува дека Западен Балкан и досега беше и во иднина ќе остане важен за ЕУ и дополнува дека војната во Украина била катализатор за уште повеќе да се насочи вниманието на Брисел кон регионот, бидејќи, како што рече тој, „Русија ќе го зголеми влијанието на Балканот и ќе се обиде да ги придобие луѓето преку многу кампањи со дезинформации“.

Оптимизам и умерен песимизам во македонската јавност

За тоа дали постојат ризици конфликтот во Украина да се прелее во регионот на Западен Балкан, македонската министерка за одбрана Славјанка Петровска изјавува дека нема реални закани за загрозување на безбедноста на земјите во регионот, но, како што забележува таа, „ваквиот тип конфликти покажуваат колку е важно земјите од Западен Балкан да бидат вклучени во европските интегративни процеси, со што ќе се елиминираат можностите за влијание од трети земји“.
Политичкиот аналитичар Александар Пандов не е преголем оптимист во однос на забрзување на процесот на преговорите за полноправно членство на Македонија во Европската Унија, а поврзувањето на тоа со можната дестабилизација на регионот е само хипотетичко прашање.
– Би посакал да се отвори брза лента за наш прием во ЕУ. Секој граѓанин на Македонија посакува помалку или повеќе да бидеме дел од Европската Унија, по сето она што моравме да го направиме, со промената на името и сѐ друго. Доколку има таква опција да добиеме датум за почеток на преговори, поради состојбата со Украина, би било добро. Но лично не верувам и не сум оптимист за некаков брз прием. Максимум што можеме да добиеме е некаков датум за пристапните преговори, но и тоа нема да значи премногу, ако знаеме дека низ тој процес веќе поминуваат Црна Гора, Турција и Србија, а по толку години нема изгледи за нивно полноправно членство – ни изјави Пандов.
Според поранешниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров, поголемо прашање не е толку брзината на процесот, туку дали воопшто членството во ЕУ е возможно.
– Пристапниот процес често е заложник на индивидуални вета што немаат врска со критериумите. Накратко, проширувањето се претвори во политичка игра и глума без никаков кредибилитет. Во овој пресвртен момент за континентот, ЕУ мора повторно да ја види големата слика, да дејствува стратегиски и да го третира проширувањето сериозно. Ако сака да биде праведна кон Украинците, кои се борат и гинат за да можат да бидат рамноправен член на европското семејство, ако сака вистински да ги задржи земјите од Западен Балкан на нивниот европски пат и да ги затвори џебовите на нестабилност што можат да бидат потпалени од Кремљ, ако сака да избегне неуспешни наративи и натамошни разочарувања, ако сака да им покаже на Грузија и на Молдавија дека проширувањето може да биде успешно – тогаш мора итно да создаде кредибилен и остварлив процес на интеграција базиран на реформски достигнувања и навремен поттик – нагласува Димитров, во својот авторски текст за „Дојче веле“.
Политичките структури во Бугарија, исто така, го наметнуваат проблемот со Македонија како безбедносно прашање со намера да го оправдаат блокирањето на процесот за пристапување во Европската Унија. Досега бугарскиот претседател Румен Радев трипати го свика Советот за безбедност, поради преговорите со Македонија, што претставува и обид за политичка манипулација и злоупотреба на прашањето за безбедноста во регионот. Посебно што нашата земја е членка во НАТО, а наши воени партнери се и трите соседни земји.
– Апсурдни се тврдењата што доаѓаат од Софија дека нашето членство во ЕУ би било „тројански коњ“. На Бугарија не ѝ одговара да ги почнеме преговорите. Колку повеќе нѐ држат подалеку од европските процеси, толку повеќе сакаат да нѐ видат осиромашени – вели Александар Пандов.