- Зошто запреа одлуките на Брисел со кои растеше чувството на припадност кон европското семејство, каква што беше одлуката за визна либерализација?!
- Во тој контекст, и примената на одлуката за ЕТИАС (т.е. задолжителна најава за влез во ЕУ 96 часа пред пристигнување на некој што не е граѓанин на Унијата, а сака да помине граничен премини на ЕУ) побрзо би стапила во сила отколку кога беше донесена одлуката на ЕУ – за визна либерализација! Или, народски кажано, „лошите работи доаѓаат со експресен воз, а добрите – пешки“
- Во услови кога евроинтегративните процеси на Македонија (и другите земји од Западен Балкан) практично се замрзнати и се одолжуваат со измислување нови апсурдни и непринципиелни уцени од разни земји членки, ограничувањето на слободата на движење во ЕУ за граѓаните од земјите кандидати секако не придонесува во овие држави за стабилизирање на опаѓањето на популарноста и довербата во ЕУ.
Речиси дваесетгодишниот кандидатски статус на Македонија, со статус на условено отворени преговори, но непочнат преговарачки процес (не се отвораат поглавјата), мошне сликовито говори како Европската Унија носи одлуки кога станува збор за поттикнување и забрзување на евроинтегративниот процес или, подобро кажано, какви дестимулирачки одлуки носи и го забавува евроинтегративниот процес.
Неверојатна креативност на Брисел за носење одлуки од ограничувачки карактер, со кои се опструира напредокот во евроинтеграциите
Само во дваесетте години на Македонија во чекалницата (или предворјето) на ЕУ, не земајќи ги предвид годините претходно и исполнувањето услови и пополнување прашалници до кандидатскиот статус, има неброени докази за „креативноста“ на бриселската бирократија во оправдувања за носење одлуки од ограничувачки карактер, со кои практично се опструира напредокот во евроинтеграциите. Наводно, стандардизираните критериуми за проширување на Унијата (копенхашките критериуми) се модифицираат речиси во од, кога дојде на ред да се размислува за условите за Македонија да ги започне преговорите. Некогаш фамозниот датум за почеток на преговорите се релативизираше низ процесот за Македонија, а сите можни процеси беа неколкукратно парцијализирани, па сега имаме мошне контрадикторен статус – отворени но непочнати преговори! Или можеби е обратна формулацијата – започнати но неотворени преговори?!
Зошто запреа одлуките на Брисел со кои растеше чувството на припадност кон европското семејство, каква што беше одлуката за визна либерализација?!
Како една од најголемите придобивки од напредокот на Македонија (и на другите земји кандидати од Западен Балкан) во процесот евроинтеграциите, која можеби најконкретно како позитивна и олеснувачка мерка ја почувствуваа граѓаните, беше визната либерализација. Иако и понатаму патувањето во ЕУ на граѓаните од Македонија не е на ист начин и со ист статус како за граѓаните од земјите членки на Унијата, укинувањето на визите за влез и престој во Унијата во 2009 година имаше ефект на перцепција дека сепак сме некако поблиску и на некој начин – дел од Европа. Бидејќи во изминатите петнаесетина години немаше значителен напредок во евроинтеграциите на земјите кандидати од Западен Балкан, најавата за воведување на системот за влез/излез на ЕУ (ЕЕС), односно придружниот Европски систем за информации и овластување за патување (EТИАС), испраќа порака за повлекување или барем редуцирање на одлуката за визна либерализација. Иако спроведувањето на оваа одлука за ЕТИАС се одложува во неколку наврати, најновите информации се дека ќе почне да се применува од есенва, најдоцна до почетокот на 2025 година. Во секој случај, и покрај одложувањата, примената на одлуката за ЕТИАС, односно најава за влез во ЕУ, 96 часа пред пристигнувањето на некој од граничните премини на Унијата, сепак, побрзо би стапила во сила отколку кога беше донесена одлуката за визна либерализација. Во услови кога евроинтегративните процеси на Македонија (и другите земји од Западен Балкан) практично се замрзнати и се одолжуваат со измислување нови апсурдни и непринципиелни уцени од разни земји членки, ограничувањето на слободата на движење во ЕУ за граѓаните од земјите кандидати секако не придонесува во овие држави за стабилизирање на опаѓањето на популарноста и довербата во ЕУ.
Никовски: ЕУ најавува неприфатливи, нецивилизациски мерки, спротивни на основните постулати на Унијата
– Заканите дека ќе се ограничува пристапот до ЕУ за граѓаните од земјите што не се членки на Унијата се неприфатливи, нецивилизациски и спротивни на основните постулати на Унијата – за слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал. Меѓутоа, очигледно Унијата тера во негативна насока, по сите основи што ги засегаат кандидатите за членство и другите земји. За жал, како земја кандидат немаме никакви услови и моќ да влијаеме на таквите чекори, но би било во ред барем нашата влада, заедно со другите балкански земји што се засегнати од ваквата одлука, заеднички да реагира и да стави до знаење дека таквиот потег е на долгорочна штета за самата Унија. Со други зборови, од таквиот третман би морало да се изземат, да се ослободат земјите кандидати. Ваквиот потег со мерката за ЕТИАС е нов доказ дека Брисел, кога станува збор за „негативни“ одлуки, во контекст на евроинтеграциите, многу брзо ги носи и спроведува, додека за да одлучи за сѐ што би било „позитивно“, потребни му се години, да не речеме децении – вели поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.
Се чини динамиката на носење и спроведување одлуки во Брисел, кога станува збор за оние за поддршка и забрзување на процесот на евроинтеграциите, наспроти оние со ограничувачки карактер е 1:3, или еден чекор напред, а назад – три!
Што е ЕТИАС?
ЕТИАС подразбира дека секој граѓанин на Македонија (и другите земји што не се дел од ЕУ) што сака да влезе во Европа и да остане подолго од 90 дена мора да поднесе барање за одобрение за патување 96 часа пред поаѓањето. Европскиот информативен систем за патувања (EТИАС) треба да почне да функционира во првата половина на наредната година. Ова е најновата информација, иако овие рокови досега неколкупати се одложуваа. Како што е најавено, повеќе од 1,4 милијарда граѓани од повеќе од 60 различни земји низ светот од тој момент ќе мора да добијат патничко овластување за да влезат во 30-те земји од шенген-зоната. Европската Унија работи на овој систем и на воведувањето дозволи за патување од 2016 година за да се зголеми безбедноста во Европа, така што однапред ќе се знае кој доаѓа во оваа област.
Пријавувањето ќе се врши преку веб-страницата, а наводно се подготвува апликација. Процесот на добивање на ова одобрение ќе биде едноставен и ќе трае околу десет минути, а патниците ќе треба да ги скенираат пасошот и својата фотографија, како и да одговорат на неколку кратки прашања. Беше наведено дека програмата ќе започне да се спроведува од 2025 година и е наменета за контрола на патниците што пристигнуваат од странство како одговор на глобалното зголемување на терористичките активности.
Кога станува збор за ЕЕС, системот за влез и излез, тој опфаќа сè, од компании за траект до туристички агенти. На пример, Британците и другите туристи од „трети земји“ ќе мора да го пријават своето пристигнување и заминување од земјите на ЕУ и шенген-зоната така што ќе им бидат земени фотографии и отпечатоци од прсти при пасошка контрола. Ова ќе го замени рачниот печат во пасошот. Постои загриженост дека ЕЕС може да го зголеми задржувањето на граничните премини, што дополнително може да влијае на туризмот.