Војната во Украина и континуираната нестабилност на Блискиот Исток се чини придонесоа ЕУ конечно да сфати дека не може во недоглед и на неодредено да го држи процесот на проширување, туку дека мора да одреди јасна временска рамка како дополнителна мотивација за земјите кандидати дека она што го прават за членство ќе биде валоризирано. Затоа некако меѓу редови почна да се лицитира со 2030 година како можен датум за зачленување на земјите од регионот во Унијата. Дали ќе станува збор за членство со полн капацитет или, пак, за некаква втора, но сепак официјална европска лига без комесари и право на вето, засега не се открива
Анализа на Извештајот на ЕК – слабости и можности за напредок (4)
Денеска го објавуваме последниот текст од серијалот написи поврзани со заклучоците наведени во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија. Редакцијата се обиде да направи пресек, анализа и синтеза на она што е наведено во извештајот, како и на актуелната состојба, за она што државата реално може да направи за да го забрза процесот на евроинтеграции. На овој начин, тимот од редакцијата се обиде да направи паралела меѓу она што забележала ЕК и каква е фактичката состојба на терен, па да ги констатира слабостите и предностите во одредени подрачја. Наедно во текстовите се направи обид да се предложат и решенија за тоа како да се надминат одредени слабости и да се детерминираат точки на наша конкурентска предност. Во основа, поентата на серијалот е да се покаже проактивност и да се тргне во реализација на сето она што се бара од неа во извештајот, на начин компатибилен со националните интереси, а пред сѐ да ги реализира потребните реформи, не толку заради ЕУ, туку многу повеќе заради доброто на своите граѓани
Извештајот на Европската комисија за напредокот на секоја земја е во функција таа да го приспособи домашното законодавство и да ги подготви институциите за членство во Европската Унија, па од тие причини напредокот се оценува секоја година.
Македонија веќе две децении добива оценки за повеќе области што се предмет на европското скенирање, но ЕК никогаш не излегла со јасна временска рамка до кога е подготвена да чека да се надминат детектираните слабости за да се премине во следната фаза, односно зачленување во Унијата.
Токму непостоењето временска рамка до кога би можело да се развлекува пристапниот процес влијаеше врз инертноста на владејачките структури во земјава, кои секоја година се обидуваа, правејќи мали козметички интервенции што ги нарекуваа реформи, да ги прикажат состојбите розови пред Европа, иако во суштина работите не се воопшто помрднати од место. Отрезнувањата следуваа со секој нов европски извештај.
ЕУ еднаш ќе мора да одреди временска рамка за зачленување на Западен Балкан
Војната во Украина и континуираната нестабилност на Блискиот Исток се чини придонесоа ЕУ конечно да сфати дека не може во недоглед и на неодредено да го држи процесот на проширување, туку дека мора да одреди јасна временска рамка како дополнителна мотивација на земјите кандидати дека она што го прават за членство ќе биде валоризирано. Затоа некако меѓу редови почна да се лицитира со 2030 година како можен датум за зачленување на земјите од регионот во Унијата. Дали ќе станува збор за членство со полн капацитет или, пак, за некаква втора, но сепак официјална европска лига без комесари и право на вето, засега не се открива, но очигледно сѐ посилен е притисокот и од страна на САД, кои го притискаат Брисел да донесе политичка одлука со која ќе го заокружи проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан.
Тука треба да се бараат причините зошто ЕК во заклучоците за Албанија ги поддржа амбициите на оваа земја за затворање на поглавјата за преговори со ЕУ на крајот на 2027 година, што за дел од аналитичарите е изненадувачки бидејќи оваа земја има малку повеќе работа. Во извештајот на ЕК, напорите на Албанија се ценат, иако се сметаат за „ограничени“, што ја наметнува дилемата дали ЕУ ќе стане малку пофлексибилна околу исполнувањето на критериумите, исто онака како што покажа флексибилност при приемот на Бугарија и Романија во 2007 година.
Несомнено Брисел праќа извесни сигнали дека 2030 година е рамката до која земјите кандидати мора да ги исполнат условите што се поставени пред нив, но и да ги надминат слабостите посочени во извештајот на ЕК. Новата македонска влада покажа позитивен пристап кон она што од земјава го бара ЕУ, со надеж дека 2030 година станува реална цел кога Македонија конечно, по четири децении самостојност, ќе ја оствари својата втора стратегиска цел, зачленување во ЕУ.
– Нашите претходници требало и морало да направат повеќе и подобро, но да го оставиме тоа зад нас, мора да ги надминеме политичките препукувања и да се фокусираме на она што треба сите ние заеднички да го направиме. Немаме време за губење. Нѐ очекува уште многу работа, сите нас, бидејќи реформите и европскиот пат се долгорочен и сеопфатен процес. Затоа ве уверувам дека ние како нова влада работиме интензивно и посветено за подобрување на состојбите во сите области, особено во оние области на живеење каде што проблемите и слабостите на системот се најголеми. За тоа ни е потребен ангажман од сите нивоа на власт – извршната, но и законодавната и судската, како и од нашата администрација, и преостанатите чинители во општеството – приватниот сектор, граѓанското општество, академската заедница – рече Мицкоски.
Премиерот беше дециден дека нема отстапување од реформите, бидејќи тоа е единствениот начин за да им се подобри животот на граѓаните и да се зајакне македонското досие на патот кон членството во ЕУ.
Насоките во извештајот на ЕК го трасираат побрзиот пат кон европското семејство
Несомнено сите забелешки што се дадени во последниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија се јасни и дадени се уште попрецизни насоки што треба да се направи, така што пет години се доволен период да се отстранат голем дел од забелешките на ЕУ и земјава да биде на задоволително ниво за пристапување во Унијата.
Вакви пораки беа упатени и од Бледскиот самит минатата година, но и од официјален Вашингтон, дека за нив е логично членството на сите земји од Западен Балкан во ЕУ да се заокружи во 2030 година. Во тој контекст е и префрлањето средства од Планот за раст за земјите од регионот, со што тие треба да се адаптираат кон единствениот европски пазар во краток рок.
Поранешниот американски амбасадор во Македонија, а сега во Србија, Кристофер Хил, истакна дека ЕУ ги сака сите земји од Западен Балкан што поскоро, но не и нивните проблеми и затоа тие мора да се решат.
– Можете да ја нарекувате ЕУ со кое име и да сакате, можете да се жалите на бирократијата, на Западна Европа што ѝ попува на источна и која е арогантна кон земјите што ги набљудува под око, но на крајот на денот тоа е местото каде што сакате да бидете и тоа сите го знаат. Мислам дека тоа бара луѓе што можат да ја следат целта, кои од нивните намери нема да бидат одвраќани од разни коментари и други работи – рече Хил, говорејќи неодамна за време на Белградскиот економски форум.
Според него, не може да се одреди колку ќе трае патот кон ЕУ, дали тоа ќе биде 2028 или 2030 година, но е дециден дека со членство во Унијата проблемите полесно ќе се надминуваат.
– Очигледно животот не е толку едноставен бидејќи некои од тие проблеми полесно би се решиле кога би се пристапило во ЕУ. Но потсетете се дека ЕУ има право да бара одредени работи, односно да се решат проблемите со цел позитивен развој на самите земји, но и придонес кон Унијата – нагласи поранешниот американски амбасадор во Македонија, Кристофер Хил.
Дел од аналитичарите, под свежи импресии од неодамнешните заклучоци во Извештајот за напредокот на Македонија, се оптимисти и сметаат дека ЕУ сепак полека исцртува некаква временска рамка.
– Ако подобро се анализираат забелешките во извештајот на ЕК, станува јасно дека се дадени прецизни насоки и препораки како да се надминат тие слабости. Тоа значи дека од ЕУ ќе притискаат да се отстрануваат посочените слабости во извештајот, дел по дел во секој нов извештај во годините што се пред нас, за во еден момент по пет години од сега, да можат да кажат дека државите кандидати се подготвени за членство. Реално гледано, пет години не е многу долг период и може со малку желба голем дел од тие препораки што ги дава ЕК да се применат. Не мора сите, но барем повеќето за да почнат состојбите во државата да наликуваат како оние во земјите членки. Ако ЕК бара реформа на администрација, на судството, ако бара борба со корупцијата, развој на инфраструктурата, подобри економски услови, почиста животна средина, сметам дека е доволно дури и со мали пробиви секоја година до 2030 година да бидеме на доволно развиено ниво за да може да станеме дел од Унијата. Се разбира, сите работи не можеме да ги подобриме, но многу ќе биде полесно да се надминуваат недостатоците кога ќе бидеме дел од европското семејство и нема да се занимаваме со работи од типот чиј бил Гоце, каква историја ќе учиме и слично – посочуваат аналитичарите.
Според нив, без оглед што ЕК во извештајот нема одредено јасна временска рамка кога земјите кандидати ќе ги прими во членство, сигналите говорат дека тоа ќе биде 2030 година.
– ЕУ мора да реши, или се проширува или не. Геостратегиските придвижувања се такви што Брисел можеби уште веднаш треба да го прими Западен Балкан во ЕУ со некакви редуцирани ингеренции, за да го затвори прашањето за влез на трети страни, па потоа ингеренциите да се стекнуваат со напредок во реформите. Тоа, според мене, можеби би било и најдобрата формула да се стимулираат реформи и еднаш засекогаш да се заокружи европскиот проект – нагласуваат аналитичарите.