Фото: „Нова Македонија“

Случајот „27 април“ е еден од Гордиевите јазли што мора да се одврзат или да се пресечат. Јасно е дека со евентуалното ослободување на тројцата „организатори“ тој случај нема да биде завршен, бидејќи останува прашањето што ќе се случи со осудените за тероризам? Може ли судот да се извиши над дневната политика и да донесе една историска пресуда од значење за иднината на Македонија? Притоа, да се потсетиме дека пресудите на Судот за човекови права и политичкиот азил за инволвирани во овој случај практично ги открија „стаклените нозе“ на оваа судска пирамида, кои очигледно под тежината на аргументите почнуваат да се кршат…

ЌЕ БИДЕ ЛИ 2025 ГОДИНА НА СЕЧЕЊЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ГОРДИЕВИ ЈАЗЛИ?

Годината што измина, 2024, донесе драматичен пресврт на македонската политичка сцена од повеќе причини, а главна е промената на власта на парламентарните избори со плебисцитарно единство на електоратот што се изјасни во корист на борбата за зацврстување на националниот идентитет и против распродажба на истиот тој, како и неселективната борба против криминалот и корупцијата, која се беше вкоренила во највисоките слоеви на власта. Натаму, и претседателката Гордана Силјановска-Давкова, како кандидат на најголемата партија, исто така ги доби изборите – триумфално. По 23 години, ДУИ на Али Ахмети не е во власта и таа е испратена на патеката на нејзиното морално чистилиште, за што главен збор изгледа нема да има политиката, туку обвинителството, судовите и МВР. СДСМ од главна партија во власта и креатор на политиките за државата и нацијата, сега е во потрага по сопствен идентитет и опстанок, откако со катастрофални политички одлуки и со сомнежи за корупција го продаде идентитетот на македонската држава и нација.
Во 2025 година, логично е да очекуваме да продолжи расчистувањето со сите криминални дејанија на ДУИ, но Македонија има уште свои Гордиеви јазли што немилосрдно ги задушуваат македонската демократија и нејзиниот развој. А државата мора да ги расчисти, зашто темните петна од минатото не е добро да останат како предмет за манипулации и шпекулации, а такви има повеќе. Да наведеме само неколку: нерасчистениот атентат врз претседателот Киро Глигоров, агресијата од Косово во 2001 година и статусот на тој судир, хашкиот товар на случаите за воени злосторства, загинувањето во авионска несреќа на претседателот Борис Трајковски и членови на неговиот кабинет… и секако случајот „27 април“ поттикнат од настани и политички замешателства за промена на името и идентитетот на Македонија и Македонците. Тој јазол мора да се одврзе или да се пресече.

ШТО СЕ СЛУЧИ НА 27 АПРИЛ?

Што се случи на 27 април 2017 година – бунт, планиран терористички напад на Собранието, одбрана на Уставот од нелегалниот избор на Талат Џафери…?
На почетокот на годинава тој јазол ќе почне да се одврзува, а правниот систем има можност со сиот свој капацитет да ја врати довербата во нашето судство, кое е на ниски гранки, откако Јавното обвинителство констатираше „дека нема основ за поведување постапка против таканаречените организатори на 27 април“. Обвинителството утврди дека биле направени важни пропусти во целата постапка и не биле земени предвид важни факти и настани. Главен факт што е прескокнат е издадената амнестија од тогашниот претседател Ѓорге Иванов, по што целиот случај се обои со силни политички и реваншистички бои. Втор факт што како да е изваден од политичка кујна е квалификативот на делото. Зошто тероризам?
Како организатори на случувањата за 27 април беа обвинети Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и нивниот сопартиец и претседателот на Собранието, Трајко Велјановски. На првата судска инстанца во 2021 година тие беа осудени, значи прогласени за виновни, а обвинетите не добија можност да се повикаат на амнестијата. Дури имаше толкувања дека амнестијата не може да важи?! Но Апелацискиот суд по две години ја укина првостепената пресуда.
Во меѓувреме случајот се фокусира на лица што учествувале во „насилно уривање на државата или имале цел да сеат страв и да предизвикаат штета“, односно на тие што влегоа во Собранието. Шеснаесет лица беа осудени на вкупно 179 години затворски казни (првично беа 211 години), а најдолга затворска казна му беше изречена на Митко Чавков, тогашен директор на Бирото за јавна безбедност. На обвинетите им се судеше по членот 313 од КЗ, кој гласи: „Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години“.

СТРАЗБУР И ПОЛИТИЧКИОТ АЗИЛ НЕ СЕ НА РАДАРИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ПРАВЕН СИСТЕМ?!

Дека овој случај наликува на обвинителско-судска пирамида изградена на „стаклени нозе“ покажуваат повеќе индикатори, но како клучни да посочиме два: четворица наведени како едни од најважните во овој случај добија политички азил во Унгарија, Никола Груевски, поранешниот премиер, потоа двајца во Грција и еден во Шведска. Тамошните судови врз основа на доказите испратени од македонското Министерство за правда процениле дека нашето домашно обвинителство нема цврсти докази дека делото е тероризам и процениле дека случајот има политичка заднина, па дури и дека обвинетите нема да имаат фер судење.
Повеќемина од обвинетите се обратија и до Судот за човекови права во Стразбур каде што извојуваа правна победа. Но работите не одат во добра насока во Македонија. За жал! Велиме за жал, затоа што правниот систем мора да им гарантира на граѓаните правна сигурност и да се носат пресуди со силата на аргументите, а не смее да се дозволи судовите да бидат место каде што ќе се вршат политички егзекуции.
Според она што сега е изгледно, тоа е дека на 23 јануари е закажано ново рочиште (судијата Трпков е судечки судија) за случајот кога се очекува да се урне еден мит на недопирливата обвинителка Вилма Рускоска, која го водеше случајот „Организатори“. Овој случај треба да покаже и докаже дали во нашиот правен систем со сите негови механизми има луѓе со капацитет да можат да направат вкрстено истражување и компарации за едно дело во однос на Уставот, законите, меѓународните конвенции и врз основа на таков пристап да носат пресуди.
– Случајот е многу компликуван, но сметам дека сега се оди во насока, а тоа се гледа меѓу редови во одлуката на Обвинителството, „организаторите“ да бидат ослободени. Впрочем тие беа и амнестирани. За мене е проблем што со осудените за тероризам? Имам чувство дека тие уште долго ќе чмаат во затворите и веројатно ќе им остане надежта да чекаат евентуална амнестија. Но тоа значи дека ќе останат во затвор неодреден период – вели еден поранешен адвокат, кој поради чувствителноста на случајот и на предметот сакаше да остане анонимен.

ПОВЕЌЕ ВАРИЈАНТИ, НО КЛУЧНО Е ШТО СО ДЕЛОТО

Што е клучот во случајот? Не е еден, секако. Првин иако станува појасно дека тројцата таканаречени организатори ќе бидат ослободени, прашањето е што ќе стане со квалификативот на делото? Потоа, ако тие се ослободени од вина, што со таканаречените извршители? Дали делото ќе остане истото? Дали ќе има ново судење врз основа на нови докази? Дали сите докази се претставени во процесот и ако има некои што не биле изведени, прашање е зошто не се сторило тоа?
Дали ќе се има волја и потреба да се вратат стрелките на часовникот на гласањето за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието и дали е изведено тоа деловнички? Постојат многу индиции дека тоа не било според законски процедури, но има обвинувања дека дел од тој видеоматеријал е избришан од архивската меморија на Собранието?! Дали е тоа точно?


Што научивме од „Големото уво“?

Па, навистина е лошо кога има повеќе прашања од одговори, а тоа за секој правен систем е недозволиво. Затоа сметаме дека ова е еден од Гордиевите јазли што мора да се одврзат или да се пресечат. А јасно е дека со евентуалното ослободување на тројцата „организатори“ случајот „27 април“ нема да биде завршен. Останува прашањето што ќе се случи со осудените за тероризам? Може ли судот да се извиши над дневната политика и да донесе една историска пресуда од значење за иднината на Македонија? Да потсетиме на пример на еден голем случај што влијаеше на состојбата во државата – случајот „Големото уво“, или прислушување бр. 1 што го обелодени тогашниот премиер Бранко Црвенковски. Тогаш во судскиот процес, кој го поведоа повеќе новинари од неколку редакции, дознавме дека „Телеком“ имал опрема да прислушува новинари, политичари… Кој нарачал, со која цел…? Не добивме одговор.
– Сметам дека делото би требало да се преквалификува од тероризам во учество во толпа. Не смееше да се дозволи обвинетите да се судат според членот 313 од КЗ. Во тој случај ќе може да се примени и Законот за помилување, кој најверојатно во скора иднина ќе добие нова верзија – додава адвокатот.


Да потсетиме кои беа осудени

Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, е осуден на затворска казна од 18 години, а полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров и Горан Ѓошевски добија затворска казна од 15 години. Оливер Поповски е осуден на 13 години затворска казна, Мунир Пепиќ на 15 години, Абдуљфета Алими на седум години, Оливер Радулов на 10 години, Јане Ченто на 15 години, Игор Југ на 12 години, Александар Василевски-Нинџа на осум години, Никола Митревски-Кољо на 15 години, Младен Додевски на 12 години, Горанче Ангеловски на 12 години, Влатко Трајковски на 15 години и Вилијам Михајловски на 14 години затвор.
За настаните во Собранието беа обвинети 33 лица. Тие се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок. Петнаесет од обвинетите беа амнестирани со Законот за амнестија. Обвинетите во судскиот процес за „27 април“ во текот на постапката ја негираа својата вина. Х.И.