Маргарита Николовска

ИНТЕРВЈУ СО М-Р МАРГАРИТА НИКОЛОВСКА, ПСИХОЛОГ И ПСИХОТЕРАПЕВТ

 

  • Да го живееме животот во свесност и гледање на работите од позитивна перспектива, да се сакаме и почитуваме себеси и другите, да најдеме рамнотежа помеѓу грижата за себе и за другите, да помагаме каде што можеме без притоа да си наштетиме, да најдеме рамнотежа помеѓу моменталните задоволства и долгорочните цели и на крајот да им дадеме смисла, сето тоа може да ја вдоми и зацврсти среќата во нашите животи, вели Николовска, психолог, психотерапевтка, универзитетска предавачка
  • Среќа може да има(ме) насекаде: овде, во нас, околу нас, кога правиме нешто друго, додека се посветуваме на работата што ја сакаме, кога правиме добро за другите, додека уживаме во активности со семејството и со саканите и слично. Утврдено е, меѓу другото, дека за среќа е потребна и рамнотежа меѓу моменталното задоволство и долгорочниот стремеж кон остварување на целите. Среќата се зголемува кога се дели, а несреќата се намалува исто така кога се дели, вели Николовска

Сите копнееме по среќа, која е една од најзначајните суштини на човековото постоење.
За среќата разговараме со Маргарита Николовска, магистерка по психолошки науки (отсек Клиничка психологија и психолошко советување), дипломиран психолог и сертифицирана психотерапевтка. Николовска е претседателка на Надзорниот одбор на Комората на психолози на Македонија, при крај е на нејзиниот втор мандат. Таа е предавачка и асистентка на Факултетот за психологија при Универзитетот. Активно практикува индивидуална и групна психотерапија и психолошко советување со поединци и групи, координира и учествува во домашни и меѓународни проекти, постојано посетува семинари и работилници од различни психотераписки пристапи, често е вклучена во хуманитарни акции на заедницата.

Што е среќа?
– Кога зборуваме за среќа, мислиме на надворешните околности и на внатрешното чувство. Велиме дека нѐ следи среќа тогаш кога ни се случуваат околности што одат во прилог на она што го сакаме и што ни треба, кога имаме благосостојба во повеќе области од нашите животи. Како чувство, среќата е многу комплексна и се состои од повеќе позитивни емоции.

Што ги прави луѓето среќни?
– На тоа колку се чувствуваме среќно значајно влијание имаат многу фактори, од кои дел се: нашата генетика, животните околности, достигнувањата во животот, брачниот статус, односите со другите луѓе (дури и со колегите на работа и со соседите), индивидуалните начини на размислување и изразување чувства…
Истражувањата покажуваат дека голем дел од среќата е под наша контрола, зашто ние луѓето им даваме смисла на работите, од нас зависи како ги гледаме работите. Има една зен-приказна дека еден монах бил бркан од тигар и кога, бегајќи, стигнал до бездна, имал избор да му се предаде на тигарот или да оди во бездната, тој тргнал да се спушта низ бездната и се фатил за една гранка. Држејќи се за гранката, видел покрај себе јаготки. Ја пружил раката и каснал од јаготките. Што ни кажува оваа приказна? Кажува дека во човечкиот живот, колку и да е тежок, сепак, можеме да каснеме од јаготките. И овде не мислам на хедонизам – како на барање моментални задоволства, зашто и тие даваат чувство на среќа, кое е краткотрајно, сѐ додека не се јави друга потреба – туку на тоа дека можеме во текот на денот да гледаме околу нас и да ги најдеме и јаготките.

Колку се важни личната перцепција и она што го бараме, за да бидеме среќни?
– Според истражувањата, доколку среќата ни е цел сама по себе, тешко можеме да ја достигнеме. Имено, кога ја бараме, таа бега како илузија. Среќа може да има(ме) насекаде: овде, во нас, околу нас, кога правиме нешто друго, додека се посветуваме на работата што ја сакаме, кога правиме добро за другите, додека уживаме во активности со семејството и со саканите и слично. Утврдено е, меѓу другото, дека за среќа е потребна и рамнотежа меѓу моменталното задоволство и долгорочниот стремеж кон остварување на целите. Едната и/или другата крајност можат да направат да се почувствуваме несреќно. Што е тоа што нѐ прави среќни е поврзано и со културата и возраста, тоа во крајна линија е индивидуално. Забележано е дека концептот за тоа е променет во последните 20-30 години, односно по информациската револуција. Не знам дали се употребува овој термин, но појавата на интернетот и широката достапност до информации силно влијаеја на тоа да се променат некои работи околу тоа што е тоа што нѐ прави среќни. Ова зашто луѓето почнаа да градат нереални слики за себе и да се споредуваат со нереални идеали, што од една страна може да ги прави многу несреќни (дава чувство на неадекватност, несоодветност, неприпаѓање и отфрленост од идеалот) или, пак, инстант среќни, каде што добиваат инстант гратификација, која, пак, не е реална заради идеалот што го прикажуваат, а во реалноста не постои. Но има универзални вредности, кои не се менуваат и важат за сите возрасти и култури, а тоа е дека сме среќни кога имаме чувства на сигурност, безбедност, припаѓање, прифатеност, разбраност, достигнување, кога се почитуваме и нѐ почитуваат, сме се оствариле како индивидуа, сме ги реализирале своите потенцијали. Сето ова се скалила од познатата „пирамида на човечки потреби на Маслов“ и, всушност, задоволувањето на нашите потреби, од најбазичните до најсуптилните и апстрактните е тоа што влијае на чувството на среќа.

Како да бидеме задоволни и исполнети, со што среќата многу би ни се зголемила?
– Наоѓањето задоволство и исполнетост е еден процес што се одвива во континуитет, а на тој пат кон среќата се идентификувани многу од принципите што им помагаат на луѓето. Некои од овие принципи се одамна познати, а сега само се потврдуваат во психолошките истражувања. Овде спаѓа и принципот дека среќата се зголемува кога се дели, а несреќата се намалува, исто така, кога се дели. На среќата уште влијаат пријателите и семејството, кои можат да ги слават достигнувањата и да обезбедат поддршка по неуспесите. Колку сме поспособни да толерираме непознато и ризик, колку сме пољубопитни за светот и за себе и похрабри да се соочиме со неизвесноста – толку сме посреќни (среќата ги следи храбрите, кој не ризикува – не добива, среќата е од другата страна на стравот и слично). Среќата вклучува способност да се признае и прифати секоја емоција (дури и непријатните) и вклучува гледање на целосната слика, наместо да се заглавуваме во деталите. Животот што се живее со свесност, значење и цел е живот во кој среќата е присутна во голема мерка.

Дали може да појасните, вклучувајќи и од еволуциска перспектива, зошто некои активности и случувања нѐ прават да се чувствуваме среќно, а други несреќно?
– Од еволутивна перспектива, човечките емоции настанале бидејќи се во функција на тоа да ни дадат еволутивни придобивки, помагајќи на крајот за зголемување на веројатноста за преживување и/или за репродукција. Сите емоции, и оние што ги доживуваме позитивно и тие што ги доживуваме негативно, имаат своја функција во опстанокот на човекот. Во таа смисла, среќата, за која рековме дека е сет позитивни емоции, еволуирала, меѓу другото, и за да помогне во мотивирањето на адаптивното однесување.
Работите што и денес нѐ прават среќни, а тоа важело и за нашите предци, носат резултати што би довеле до зголемени веројатности за преживување и/или репродукција. Такви се на пример: храната (особено онаа богата со масти и протеини и шеќери), сексот со лица што зрачат со посебни особини на убавина, интелигенција и слично, вклучувањето во забавни моменти со пријатели, поминувањето време со семејството, успехот во социјални контексти, завршувањето на задачите. Сето ова важи и за праисторискиот, но и за денешниот човек. Од еволуциска гледна точка, среќата е афективна состојба што нè мотивира да се вклучиме во дејства што веројатно ќе доведат до резултати што, во просек, би довеле до зголемување на веројатноста за преживување и/или репродукција. Спротивно на ова, немањето ресурси, раскинувањето со партнер, немањето пријателска поддршка или неприфаќањето од страна на групата, губењето на општествениот статус, прават да се чувствуваме несреќно, што е, пак, збир на негативни емоции, кои се доживуваат заедно. Сите овие наброени случувања, што прават да се чувствуваме несреќно во крајна линија, се (биле) насочени против: опстанокот на човекот, неговото размножување, а порано повремено и за неговото преживување. Отфрлањето од пријателите, губењето на општествениот статус, неуспехот, за првобитните луѓе некогаш значело и смрт, а денес истото тоа ќе го преживееме сите, само што, ако се случи, ќе се чувствуваме несреќно некое време. Но, сакам да кажам и дека ние луѓето сме многу резилиентни, посилни сме отколку што мислиме дека сме, имаме голем број психички механизми што дејствуваат главно несвесно и може да надминеме многу тешки ситуации во животот. Емоциите што ги доживуваме, и позитивно и негативно, како и чувството на среќа, па и несреќа, се наши, не многу освестени, мотиватори во функција на поддржување и продолжување на животот и родот. Да го живееме животот во свесност и гледање на работите од позитивна перспектива, да се сакаме и почитуваме себеси и другите, да најдеме рамнотежа помеѓу грижата за себе и за другите, да помагаме каде што можеме, без притоа да си наштетиме, да најдеме рамнотежа помеѓу моменталните задоволства и долгорочните цели и на крајот да им дадеме смисла, сето тоа може да ја вдоми и зацврсти среќата во нашите животи.

Живко Здравкоски