Американската амбасадорка Анџела Агелер неодамна на социјалната мрежа Икс, честитајќи го изборот на новата влада, изрази очекување таа да се зафати со зајакнувањето на владеењето на правото, подобрувањето на економскиот, енергетскиот и инфраструктурниот развој, социјалните структури и придвижувањето на земјата на нејзиниот евроатлантски пат.
Македонија ја доби 20-та влада, од која граѓаните очекуваат сериозно да се зафати со сите предизвици пред кои е исправена државата, пред сѐ во делот на воспоставување функционални институции, владеење на правото, борба со корупцијата, подобра економија, инфраструктура, енергетика, здравство и образование или, едноставно кажано, да обезбеди подобар живот на граѓаните.
Тоа се клучните точки околу кои постои натполитички и надетнички консензус во македонското општество, така што задачата пред која е исправена новата влада е тешка и одговорна бидејќи и очекувањата на граѓаните се големи.
Честитки со очекувања каде треба да биде тежиштето на новата влада
Меѓународната заедница (свесна за респектабилниот габарит на легитимитетот што македонските граѓани низ високодемократска процедура ѝ го дадоа на новата власт, која вети дека ќе ги среди состојбите дома) полека како да ја напушта мантрата за уставни измени, па сѐ друго, насочувајќи ја опсервацијата сега кон новите власти врз исполнувањето на копенхашките критериуми, кои се клучни токму за средување на состојбите дома.
Американската амбасадорка Анџела Агелер неодамна на социјалната мрежа Икс, честитајќи го изборот на новата влада, изрази очекување таа да се зафати со зајакнувањето на владеењето на правото, подобрувањето на економскиот, енергетскиот и инфраструктурниот развој, социјалните структури и придвижувањето на земјата на нејзиниот евроатлантски пат.
– Со нетрпение очекуваме да го продолжиме нашето партнерство во зајакнувањето на владеењето на правото, подобрувањето на економскиот, енергетскиот и инфраструктурниот развој, социјалните структури и придвижувањето на земјата на нејзиниот евроатлантски пат – напиша амбасадорката Агелер на мрежата Икс.
И евроамбасадорот Дејвид Гир во честитката напиша дека за ЕУ се важни суштинските реформи внатре во земјата.
– Европската Унија тесно ќе соработува со новата влада во постигнувањето напредок на суштинските реформи и унапредувањето на патот кон ЕУ – порача Гир.
Ако малку подобро се анализираат двете пораки што доаѓаат од Брисел и од Вашингтон, ќе се разбере дека странците во следниот период ќе очекуваат средување на внатрешните состојби во земјата, кои, според нивните претходни изјави, не се на нивото на кое треба да бидат. Тука треба да се споменат постојаните забелешки во изминатите години токму од дипломатите, дека земјава нема функционални институции, не постои владеење на правото, нема вистинска борба со корупцијата, економијата е во колапс, така што во една таква ранлива состојба, постојаните уцени и блокади однадвор беа очекувани.
Тоа што евроинтегративните процеси се ставени на крајот на пораките на Агелер и Гир јасно покажува што е приоритет пред воопшто да се говори за каков било напредок на патот кон ЕУ, особено во услови кога Унијата и сама се наоѓа на крстопат, дали ќе почне со суштински внатрешни реформи веднаш или и натаму ќе ја продава приказната за некакви европски вредности во кои повеќе не веруваат ниту самите земји членки.
Стратегиското партнерство на дело
Несомнено, САД сериозно работат со македонските власти на средување на внатрешните состојби, пред сѐ во делот на владеењето на правото, како и на борбата со корупцијата. Најавите на амбасадорката Агелер дека „црната листа“ ќе продолжи да се проширува со лица за кои официјален Вашингтон ќе утврди дека се вмешани во коруптивни дејства јасно говорат дека Американците ќе продолжат да ја помагаат борбата со корупцијата во земјава, но за тоа е потребно и македонските институции да почнат да си ја работат работата како што треба, без какви било политички влијанија, туку врз основа на факти и јасно утврдени истражни постапки што ќе покажат дали некој направил криминал или, пак, не.
Фокусот се става и на заживување на економијата, на енергетскиот и инфраструктурниот развој, како клучни за воспоставување здрави темели врз кои ќе може државата да функционира непречено и развојно.
Она што го најавуваат САД, како македонски стратегиски партнер, тоа е дека ќе ги помогнат сите политики што значат градење на државата врз основа на критериумите што ќе ја подготват за членство во ЕУ, кога и да се случи тоа. Официјален Вашингтон токму затоа инсистира на внатрешниот реформски процес, бидејќи знае дека на тој начин земјава станува подготвен и посакуван партнер на ЕУ, така што какви било опструкции од типот на уставни измени, употреба или неупотреба на придавката „северна“ стануваат целосно беспредметни и илузорни. Дека е тоа така потврди неодамна и американскиот Стејт департмент, кој истакна дека изјавата на Мицкоски дека ќе го користи уставното име на државата во сите официјални контексти е во согласност со Договорот од Преспа, што, од друга страна, е нормално толкување на договорот од Нивици, во кој не е забранета употреба на името Македонија во неофицијално својство.
Несомнено, САД имаат намера да го демонстрираат стратегиското партнерство така што ќе ги мониторираат и поттикнуваат реформските процеси во земјава, кои досега и финансиски ги помагаа, а кои, повеќе од веројатно, ќе продолжат и натаму да ги помагаат. Она што е од клучно значење, тоа е дека за Американците сега е приоритет Македонија да стане функционална и средена држава, а потоа низ дијалог со соседите да се наоѓаат заемно прифатливи решенија, кои во иднина нема да предизвикуваат дополнителни проблеми и тензии. На тој начин се стабилизира и регионот, што е од круцијално значење за американските интереси во светлината на војната во Украина и на експлозивната состојба на Блискиот Исток.
Меѓународната заедница (свесна за респектабилниот габарит на легитимитетот што македонските граѓани низ високодемократска
процедура ѝ го дадоа на новата власт, која вети дека ќе ги среди состојбите дома) полека како да ја напушта мантрата „прво уставни измени, па сѐ друго“, насочувајќи ја опсервацијата сега кон новите власти врз исполнувањето на копенхашките критериуми, кои се клучни
токму за средување на состојбите дома
ЕУ ја разбра пораката од македонските граѓани
Повеќе од јасно е дека и официјален Брисел ја сфати пораката што македонските граѓани ја упатија до Европа, дека сакаат достоинствено членство во Унијата врз основа на копенхашките критериуми, а не евроинтеграциите да бидат пат преполн со уцени, омаловажувања и закани.
Во време кога и самата ЕУ се соочува со внатрешни предизвици, илузорни стануваат каприците на одделни членки за прашања што немаат никаква допирна точка со европските критериуми, туку многу повеќе со некои анахронизми, кои сѐ посилно почнуваат да се јавуваат и во срцето на самата Европа.
Унијата е свесна дека ако продолжи со политиките на неисполнети ветувања и двојни критериуми, особено кон Македонија, целосно ќе го изгуби легитимитетот и внатре, а јазот меѓу одделни земји членки во Унијата ќе стане толку голем, што ќе се наметне дилемата дали воопшто станува збор за унија или на интересни групи.
Затоа евроамбасадорот Гир, кој до пред извесно време повторуваше дека уставните измени се приоритет, сега го менува наративот и во честитката до новата влада бара најпрво да ги спроведат суштинските реформи што се важни за средување на домашните состојби.
Пораките од Брисел доаѓаат во момент кога се конституираат новиот Европски парламент и новата Европска комисија и во време кога на европските избори беше испратена јасна порака до европските челници дека повеќе нема место за недоследни и дволични политики.
Респектабилно искажаната граѓанска волја мора да се почитува од сите
Во двете честитки на Агелер и Гир до новата влада се даваат јасни индикатори за тоа кои се очекувањата на меѓународната заедница, а кои се во корелација со она што го очекуваат и македонските граѓани. Таквата синергија во очекувањата може само да придонесе за враќање на општествената енергија, толку потребна за заживување на секој реформски процес, а загубена изминатите години поради неостварените ветувања и пропаднатите проекти.
Познавачите на меѓународните состојби сметаат дека и Вашингтон и Брисел јасно кажале кои треба да бидат приоритетите на новата влада.
– Значи, зад онаа куртоазна честитка повеќе не се споменуваат уставните измени, слегнува и прашината што ја крена Грција за тоа дали некој функционер кажал „северна“ или не кажал, сега очекувањата на меѓународниот фактор се внатрешни реформи и средување на државата. И ним им е јасно до која мера беше девастирана земјата, но го толерираа сето тоа со надеж дека ќе поминат некои политики со кои сакаа да затворат одредени прашања, кои, за жал, во најголем дел беа на штета на македонските интереси. Изборите ја сменија ситуацијата и истиот тој меѓународен фактор стана свесен дека граѓаните не сакаат да бидат лажени и понижувани, а респектабилно искажаната граѓанска волја мора да биде почитувана. Затоа сега се смени и наративот на меѓународните партнери, кои ќе притискаат на реформските процеси за да видат дали земјава има капацитет да биде дел од ЕУ или, пак не. Ако реформските процеси успеат, тогаш ниту притисокот на Бугарија ниту, пак, на Грција ќе биде доволен за да се спречи евроинтегративниот пат на земјава. За да се случи такво нешто, мора да покажеме резултати. Во меѓувреме, ЕУ ќе мора да се реформира, тоа значи дека ќе се менува и системот на одлучување, така што додека ние си ја средиме државата дома, и во Европа многу работи ќе бидат појасни. САД се константни во нивната поддршка и треба што повеќе да ги искористиме како наш стратегиски партнер за да ги подобриме нашите состојби – заклучуваат познавачите на состојбите.