Спротивставување со факти на бугарската кампања за дискредитирање на карактерот на македонската средновековна држава
- Во англиската верзија на книгата „Историја на Византија“ пишува дека „Македонското кралство суштински се разликувало од поранешното кралство на Бугарите. Според составот и карактерот, тоа претставува нов и дистинктивен феномен“
- Со намера да се дискредитира искажувањето на Георгиј Острогорски за карактерот на македонската средновековна држава, во интернет-просторот и во бугарските медиуми можеме да прочитаме или да слушнеме дека тој не е сигурен како извор, дека е југословенски историчар, дека работел за Југословенската академија на науките во еден контроверзен период итн. Меѓутоа овие неосновани тези, како и другите што можат да се прочитаат или да се слушнат немаат реална основа. Острогорски, врз основа на историските извори и сведоштва, јасно образложува дека Самуил создал нова држава со центар во Македонија, која се повикувала на бугарската традиција, нешто што е во согласност со средновековната идеолошка мисла, слично како што Византија или Карло Велики се повикувале на староримската традиција и се именувале себеси како Римско Царство или римски цареви
Во историјата, како наука, се водат полемики за карактерот на македонската средновековна држава. Еден дел од светските историчари, за направат дистинкција помеѓу Самуиловата држава и Првото Бугарско Царство, понекогаш новата средновековна држава што била создадена од Самуил ја именуваат како Македонско Царство или Македонско Словенско Царство. Помеѓу историчарите од светски ранг што ја застапуваат тезата дека Самоил создал нова средновековна држава со седиште во Македонија може да се вброи и Георгиј Острогорски, еден од најголемите авторитети од областа на византологијата и средниот век. Острогорски во своите научни трудови јасно образложува дека Самуил создал ново средновековно царство, кое го именувал како Македонско Царство. Поради ова искажување, Георгиј Острогорски постојано е критикуван од бугарските историчари, а одредени бугарски центри шират и одредени дезинформации и невистини за неговите научни ставови околу прашањето за карактерот на Самуиловата држава.
Без реални факти, но со цел да се релативизира научното искажување на Острогорски, се води негативна кампања против него во медиумите и на социјалните мрежи. Со намера да се дискредитира искажувањето на Георгиј Острогорски за карактерот на македонската средновековна држава, во интернет-просторот и во бугарските медиуми можеме да прочитаме или да слушнеме дека тој не е сигурен како извор, дека е југословенски историчар, дека работел за Југословенската академија на науките во еден контроверзен период итн. Во оваа кампања на дискредитирање на споменатиот истакнат историчар се приклучи и поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски, кој неодамна, меѓу другото, изјави дека Острогорски ја застапувал тезата за македонскиот карактер на Самуиловото царство само во рамките на Југославија, но не и во рамките на пошироката европска и светска историографија. Поранешниот македонски премиер исто така изјави дека во ниеден научен труд што бил објавен надвор од Југославија, Острогорски не ја застапувал тезата за македонско средновековно царство, како нешто одделно од средновековна Бугарија.
Меѓутоа овие тези, како и другите што можат да се прочитаат или да се слушнат немаат реална основа. Во делото „Историја на Византија“, книга што неколкупати беше реобјавувана во изминативе години, Георгиј Острогорски го пишува следното: „Идеолошки, Самуиловото царство било поврзано за старото Бугарско Царство, затоа и самите негови творци и Византија го нарекувале бугарско. Бидејќи традициите за царство и патријаршија, освен во Византија, постоеле уште само во Бугарија. Самуил ги прифатил тие традиции и го презел наследството на Симеоновото и Петровото царство, кое паднало под ударите на Византијците. Всушност неговото царство значајно се разликувало од Симеоновото и Петровото царство. И по составот и по карактерот тоа било ново царство. Неговиот центар се преместило спрема југозапад и Македонија го сочинувало неговото јадро. Ако главната цел на Самуил би бил воспоставување на старото Бугарско Царство, тој секако би се свртел кон бугарските земји и на прво место би се стремел да ги ослободи. Меѓутоа интересот на Самуил кон старите бугарски земји бил впечатливо мал. Во текот на сите негови борби во областите источно од Сердика играле изненадувачки скромна улога, така што изворите скоро и не ги спомнуваат. Експанзијата на Самуиловото царство било пред сѐ свртено кон југ“.
Доколку внимателно се проследи искажувањето на Острогорски, неизбежен е заклучокот дека тој врз основа на историските извори и сведоштва, јасно образложува дека Самоил создал нова држава со центар во Македонија, која се повикувала на бугарската традиција, нешто што е во согласност со средновековната идеолошка мисла, слично како што Византија или Карло Велики се повикувале на староримската традиција и се именувале себеси како Римско Царство или римски цареви.
Острогорски во своите научни трудови, кои се објавени на англиски и германски јазик, но се разликуваат и со одредени содржини, прави уште појасна дистинкција помеѓу Самуиловата држава и Првото Бугарско Царство, кога царството на Самуил го именува како Македонско Царство. Ова може да се забележи во германската верзија на книгата „Историја на Византија“, објавена во 1963 година, каде што Острогорски јасно пишува за Македонско Царство и освојување на македонските простори од страна на Византија. Слична содржина можеме да прочитаме и во англиската верзија, која е објавена во Оксфорд, 1968 година. Во оваа верзија, која е преведена од страна на Џоан Хаси (истакната британска научничка и историчарка), можеме да прочитаме дека „Македонското кралство суштински се разликувало од поранешното кралство на Бугарите. Според составот и карактерот, тоа претставува нов и дистинктивен феномен“.
Ако се земат предвид неколкуте меѓународни изданија, како што се германската и англиската верзија, искажувањата дека Георгиј Острогорски не ја застапувал тезата за одделно македонско средновековно царство во светската историографија немаат основа.
Кој е Георгиј Острогорски?
Георгиј Острогорски беше еден од најголемите авторитети од областа на византологијата и средниот век, а особено доби светски углед во областа на византиската историја. Роден е во Санкт Петербург, а своите универзитетски студии ги започнал во Хајделберг, Германија (1921), каде што првично се посветил на филозофијата, економијата и социологијата, иако одел и на класична археологија. Меѓу неговите наставници биле Карл Јасперс, Хајнрих Рикерт, Алфред Вебер и Лудвиг Куртиус. Неговиот интерес за историјата, особено средновековната римска историја, го разбудил еден млад доцент по име Перси Ернст Шрам. По проучувањето различни аспекти на средновековната византологија во Париз (1924–1925), Острогорски докторирал на Хајделбершкиот универзитетот (1927 година) со дисертација во која ги комбинира своите интереси за економијата и средновековната византиска историја. Потоа предавал како приватен доцент во Бреслау од 1928 година и се преселил во Белград во 1933 година. Неговото најпознато дело е стандардната „Историја на Византија“ (германски: Geschichte des byzantinischen Staates), кое има три германски изданија (1940, 1952, 1963) и четири изданија на англиски јазик, како и преводи на повеќе од десет други јазици. Д.Ст.