Фото: Игор Бансколиев

И додека фудбалските импресии и натаму не стивнуваат, оваа нација уште еднаш е исправена пред дилемата како може на спортските терени да се постигнуваат толку големи победи против врвните светски велесили, а истовремено на меѓународната политичка сцена да се поразуваме самите себеси со прифаќање на соседските притисоци и ултиматуми, кои се во целосна спротивност и со меѓународното право

Македонските фудбалери им одржаа лекција и на политичарите

Големата победа на македонската фудбалска репрезентација над Италија во Палермо, во рамките на бараж-натпреварот за пласман на Светското првенство во Катар, предизвика масовна еуфорија во земјава, потврдувајќи уште еднаш дека нема недостижни цели кога се работи мудро, посветено, храбро и пожртвувано.
Македонија повторно за миг се искачи на врвот на светот и докажа дека е способна да потчини и еден светски гигант и повеќекратен светски првак во фудбал, како што е Италија. И ова не е првпат да се вивнеме во светските спортски височини. Македонија има поразено и други светски величини во разни спортови. И додека фудбалските импресии и натаму не стивнуваат, оваа нација уште еднаш е исправена пред дилемата како може на спортските терени да постигнува толку важни победи против врвните светски велесили, а истовремено на меѓународната политичка сцена да се поразува самата себе.

Сè уште се свежи сеќавањата и горчливиот вкус по потпишувањето на Преспанската спогодба, кога заради некакви наводни повисоки цели земјата без борба се откажа од вековното име и прифати географска одредница. Тој пораз како да ги поништи сите претходни победи на меѓународен план и на дипломатско поле, бидејќи не смее да се заборави дека Македонија претходно беше признаена под своето уставно име од над 140 држави во светот, меѓу кои и од трите најголеми светски сили, САД, Русија и Кина, како членки на Советот за безбедност на ОН. Таков политички автогол на себепогазување, прифаќање на грчкиот ултиматум, кој е спротивен и на меѓународното право, и потоа наше преименување, остави длабоки лузни во македонското општество и меѓу граѓаните.
Горчината на евентуален сличен пораз, со истите методи на притисоци и уцени и спротивно на меѓународното право, веќе почна да се насетува и сега во преговорите со Бугарија, кога повторно заради ветување за некаква волја за почнување на пристапните преговори со Европската Унија се бара од македонскиот народ уште еднаш да се самопорази, откажувајќи се од својот идентитет, јазик, историја и култура. Повеќе од јасно е дека тоа е крајната цел на уцените и притисоците што доаѓаат од Софија.
Нема сомневање дека Македонија како држава и нација е подготвена да постигне навистина високи цели ако верува во себе и сопствениот потенцијал, и тоа досега во многу наврати го покажа на спортските терени, фрлајќи на колена една Италија, Германија, Англија, светски фудбалски велесили. Но исто така и во други спортови, како ракометот, шахот, во кои сме биле европски клупски прваци, потоа кошарката, таеквондо, стрелаштво, каде што исто така имавме врвни резултати и медали итн.
Истовремено, ова е порака и до нашите политичари, дека со пожртвувана, мудра и храбра работа можат да ги остварат сите цели, вклучувајќи и да ја добијат битката со Бугарија и Македонија да ги започне преговорите со ЕУ без да доживее уште еден горчлив пораз. Како аналитичарите гледаат на овие контрасти, од една страна врвни светски успеси на Македонија, пред кои ни се поклонува целиот свет, и од друга страна болни примери на политичко самопоразување со потклекнување под туѓите притисоци?

– Кога Македонија ќе започне да си ги избира политичарите и дипломатите на истиот начин како што го избра победничкиот и шампионски фудбалски тим, тогаш ќе имаме фантастични резултати и во меѓународната политика, а и дома државата ќе ни заличи на модерна европска држава – вели Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор.
Според него, тајната на успехот се крие во тоа секогаш да се избираат најдобрите играчи, а не тие во тимот да влегуваат преку ургенции и лобирање.
– Оваа шампионска генерација е избрана откако сите младински селекции на Македонија започнаа да ги бараат најдобрите македонски фудбалери, и дома и во дијаспората, па токму од најперспективните направија тимови и ги градеа и уигруваа со години. Додека во младинските тимови се избираа нечии синчиња, кумчиња и братучеди, додека се рекетираа одлични таленти за да бидат вклучени на репрезентативните списоци, резултатите беа заникаде – европско дно и национален срам – истакнува Боцевски.
Тој смета дека истиот концепт од фудбалот може да се примени и на македонската политичка сцена ако државата сака да бележи победи и на политички план, а не да живее со порази.
– И македонската политика може да има исти резултати ако и таму се направи истата оваа промена што Фудбалската федерација на Македонија ја направи во претходната деценија – заклучува Боцевски.
Идентичен став има и политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, кој смета дека Македонија не е помалку вредна од другите држави, но дека ја претставуваат погрешни играчи.

– Ова покажува дека избираме погрешни играчи на политички план. Имаме погрешни тренери, погрешни лидери, погрешни претставници. Ние не сме ништо помалку вредни од другите, едноставно изборите што ги правиме се многу погрешни од различни причини. И кога правиш погрешни избори, нормално е да не можеш да очекуваш резултати и постојано да се соочуваш со порази – вели Пекевски.
Тој додава дека сè додека се избираат погрешни и неспособни играчи, нема успех за Македонија на политичката сцена.
– Пандев да останеше во Македонија, сигурно немаше да биде толку ценет. Во најголем дел фудбалерите што играат во репрезентацијата играат во странство. Таму не ги интересира кој од каде доаѓа, туку што може да направи. И кај нас кога ќе се избираат такви политичари, според нивната способност, тогаш ќе имаме и политички победи, не само спортски – заклучува Пекевски.
Универзитетскиот професор Живко Андревски, пак, смета дека секогаш може да се постигнат добри резултати ако се направат добра процена и стратегија на моменталните околности.
– Фудбалската репрезентација е доказ дека може понекогаш да се постигнат резултати и над очекувањата, ама треба претходно да се проценат околностите и можностите во кои треба да се дејствува. На мали земји како нашата, моделот за дејствување треба да им биде на тој начин што ќе ги избираат слабостите кај противникот и така да ги остваруваат целите. Нашата шанса е во тоа ние да ја приспособиме нашата концепција, односно политика што ќе ја спроведуваме, да соодветствува на можностите што се нудат во рамките на структурата на меѓународните односи – појаснува Андревски.