Фото: Маја Јаневска-Илиева

Несомнено спортската дипломатија е уште една моќна алатка што државата мора да ја употребува доколку сака нејзините интереси да бидат предмет на пошироко внимание и поголема поддршка, кои ќе се стекнуваат преку настапите на македонските спортисти на европските арени, но и преку организација на големи спортски настани. На тој начин ќе се стекнува поголема симпатија за борбата на една мала земја и на нејзиниот народ да бидат дел од европското семејство, онакви какви што со векови постоеле, без ничии интервенции, резолуции и декларации

Повеќеслојна опсервација на настанот – „Европски младински олимписки фестивал“

Имиџот на една земја се гради преку нејзиниот капацитет да се претстави пред светот во своето најдобро светло, а несомнено спортот отсекогаш бил најмоќната македонска дипломатска алатка секогаш кога требало Македонија да се претстави себеси на европската и на светската мапа.
Несомнено спортската дипломатија е исклучително моќна алатка што државата мора да ја употребува доколку сака нејзините интереси да бидат предмет на пошироко внимание и поголема поддршка, кои ќе се стекнуваат преку настапите на македонските спортисти на европските арени, но и преку организација на големи спортски настани. На тој начин ќе се стекнува поголема симпатија за борбата на една мала земја и на нејзиниот народ да бидат дел од европското семејство, онакви какви што со векови постоеле, без ничии интервенции, резолуции и декларации.
Деновиве одлична можност за практикување на таканаречената спортска дипломатија е организацијата на „Европскиот младински олимписки фестивал Скопје 2025“ (ЕМОФ), во чии рамки државата е домаќин на околу 4.000 младинци и уште 700 волонтери од повеќе европски земји, од кои најголем дел првпат доаѓаат во Македонија.
– Олимпискиот фестивал е ретка можност за учесниците и за гостите да остварат непосредна средба со македонската култура… Посакувам да ја оправдаме укажаната доверба. Верувам дека како држава, како општество и како граѓани, уште еднаш ќе покажеме и ќе докажеме дека сме хумани и добри домаќини и дека имаме страсна спортска публика што знае да бодри, да поттикнува и да наградува – истакна на отворањето македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова.

Македонското гостопримство во прв план

Младинците од сите европски земји деновиве се впечатливи како на спортските терени, каде што ги одмеруваат силите со своите врсници од другите европски држави, така и шетајќи низ улиците на Скопје и Куманово, будејќи го интересот меѓу граѓаните, кои ги запираат за да ги прашаат од каде доаѓаат.
– Во понеделникот возев четири ракометари од Португалија, млади деца по 15-16 години, па сакаа да се запознаат со најинтересните работи тука во центарот на градот. Ми кажаа дека првпат се во Македонија и дека климата тука е слична со нивната, жешка. Прашуваа за Калето, за Камени мост, а првпат слушнаа и дека градот бил погоден од катастрофален земјотрес во 1963 година кога поминавме покрај Музејот на Град Скопје и кога им објаснив зошто стои таа разурната зграда покрај големиот трговски комплекс. Во меѓувреме, низ градот гледав и други групи младинци облечени во идентични маички во зависност од земјата од која доаѓаат. Сите сакаат да се запознаат со средината во која дошле, се сликаат со мобилните на разни локации, пред фонтаната со Александар Македонски на плоштадот, весели, се смеат, така што мојот впечаток е дека убаво си поминуваат без оглед на горештините. Добро е што како држава сме домаќини на младинци што утре повторно ќе сакаат да се вратат, ќе им раскажуваат за Македонија и на другите и така ќе се шири нашата приказна. Така се гради имиџот на државата – вели Горан Стојчевски, таксист од Скопје.
Забележливи се и кратките средби со граѓаните низ скопските улици, кои се задоволни што една ваква убава манифестација се случува во земјава.
– Во наше време одевме на работни акции да се дружиме со младите од поранешните републики и така подобро се запознававме. Во 1972 година Скопје беше домаќин на Светската шаховска олимпијада кога во земјава дојдоа шахисти од целиот свет и кога преку спортот светот уште еднаш, овој пат позитивно слушна за Македонија и Скопје откако девет години претходно главниот град беше погоден од катастрофалниот земјотрес. И тогаш како домаќини се покажавме во најдобро светло, така што сега оваа младинска олимпијада е нешто најдоброто што ѝ се случило на земјава во последно време по сите оние тажни и траурни настани. Европа нека види дека ние сме нејзин дел, а за да им остане на младите нашата земја во најубави спомени треба да се погрижиме ние како домаќини – раскажува Вера Донева, пензионерка од Скопје.

Спортот може да биде нашата најсилна дипломатија

Ставот на повеќето соговорници со кои поразговаравме околу можностите Македонија преку спортот и организацијата на спортски манифестации подобро да се претстави пред Европа и светот е дека и тоа треба да биде активна алатка на дипломатијата.
– Спортот можеби е најсилната дипломатска алатка со која можеме да ја претставиме Македонија пред целиот свет. Со ракометот станавме европски шампиони и цела Европа слушна за Македонија и македонскиот ракомет. Сите паметиме како одекна моќното четврто место на македонската кошаркарска репрезентација на Европското првенство во Литванија, кога светот прашуваше која е оваа мала земја што се најде пред многу посилни земји. Прашуваа и која е таа Македонија што ја победи Италија и се пласираше на Европското првенство во фудбал, прашуваат кој е тој Иџе што ги освојува европските шампионски титули во автотрките. Факт е дека преку спортот сите дознаваат за Македонија и на тоа треба да му се посвети многу повеќе внимание од страна на државата – велат соговорниците.
Според нив, едно е класичната дипломатија, а сосема друга работа е спортската дипломатија, која во многу нешта може да биде подобар репрезент на државата и нејзините интереси.
– Спортот не познава граници, така што како земја треба да се посветиме на стимулирање на нашите спортисти да можат што подобро да ја претставуваат нашата држава. Имаме успешни каратисти, кик-боксери, дури и шампионски тимови во е-спортови на кои им треба поддршка. Значи не само класичните спортови туку и сите други, бидејќи колку почесто Македонија е присутна како учесник, но и бележи добри резултати, толку повеќе ќе расте интересот за неа. Организацијата на младинската олимпијада во Скопје и во Куманово е огромен настан за нас, има многу млади деца што првпат се во земјава и ако ние им ја раскажеме нашата приказна, утре тешко дека некој друг ќе може да ги убедува во спротивното. Се градат пријателства, а она што ќе го понесат со себе треба да биде нашето гостопримство и на тој начин да заминат со позитивни впечатоци. Тоа се млади деца, најголем дел од нив можеби и нема да останат во спортот и ќе се определат за други професии, некој можеби и за политика, но секогаш ќе се сеќаваат за Македонија. Некои впечатоци остануваат цел живот и наше е да направиме тие впечатоци да им бидат најубави – посочуваат соговорниците.
Уште додаваат дека Македонија како држава треба да се бори за организација на спортски настани и од повисок калибар и така да станува повидлива на европската мапа.
– Имавме младинско европско првенство во кошарка, зошто да не бидеме домаќини на една квалитетна европска ридско-брзинска трка на Водно, чија патека е една од подобрите во Европа. Тука се Маврово и Попова Шапка, па кога Хрватска успеа на Сљеме да донесе трка од Светскиот куп во скијање, зошто и ние да не го направиме тоа кога имаме над 40 планини повисоки од 2.000 метри. Треска е одлична за кајак на диви води, а Македонија би изгледала прекрасно од птичја перспектива ако се вози една велосипедска трка низ земјава како онаа во Словенија. Мора преку спортот да се промовираме и сите да дознаат за земјава. Погледнете што значи еден Новак Ѓоковиќ за Србија, еден Тадеј Погачар и Лука Дончиќ за Словенија, еден Модриќ за Хрватска, сите тие се своевидни спортски амбасадори на своите земји. Затоа е клучно за нас и ние да ја промовираме таа спортска дипломатија, да им помагаме на спортистите, да лобираме за организација на спортски манифестации и на тој начин да ги промовираме Македонија, македонскиот идентитет, култура, традиција и сите обележја карактеристични за еден народ. Сето тоа чини пари, но вистински инвестираните средства носат многу поголем бенефит подоцна – заклучуваат соговорниците.