Ако Франција навистина верува во својата визија и моќ да ги менува животите на луѓето на подобро, како што спортот може да ги менува животите, може да започне со праведен и принципиелен однос во процесот на проширувањето на Европската Унија со Запaден Балкан, па и со Македонија. Вистинската трансформативна моќ не се гради со лажни ветувања! И спортот има моќ да менува животи, само додека цел се вистинските спортски вредности – слободата на духот и телото, во пакет со олимпиското мото: побрзо, повисоко, посилно! Кога политиката и интересите ги релативизираат вистинските вредности, визиите се претвораат во лоши илузии, а маскотата на Олимписките игри станува обична играчка со недефинирана симболика
Денеска, кон крајот на попладневните часови, голем дел од планетата ќе го задржи здивот додека се отвораат 33. Игри (Олимпијада) од модерната ера во Париз. Шеснаесетте дена на натпреварување ќе ги соберат повеќето од најголемите светски спортисти. Гулабите на мирот ќе се вивнат кон небото, ќе се подигне олимпиското знаме, ќе се развијат знамињата на државите и ќе се интонираат химните. Летните олимписки игри во 2024 година ќе бидат официјално отворени пред 1,5 милијарда луѓе.
Во Олимписката повелба, преку олимписките игри гласно се прокламира идеалот за „спорт што му служи на хармоничен развој на човештвото“ и „мирно општество, кое се грижи за зачувување на човечкото достоинство“. И маскотата на олимписките игри „Олимпик фриж“, односно црвената беретка што ја носеле многу познати историски личности во Франција, е избрана затоа што е симбол на слободата! На официјалната интернет-страница на Олимписките игри е напишано оти „визијата на Олимписките игри во Париз во 2024 година е дека спортот може да менува животи“, па дури и дека маскотите „ќе играат голема улога со тоа што ќе ја водат таа револуција преку спортот“. Во тој контекст, ние граѓаните на светот силно се надеваме дека таа слобода и револуција не се само декларации и пусти зборови туку дека навистина ќе се случи тоа. Ако Франција е колепка на демократијата, на слободата, на еднаквоста, на братството, тогаш ние во Македонија очекуваме Париз така и да се однесува. Да се заземе токму во согласност со споменатите универзални вредносни принципи, што уважуваат идентитет – искажан како македонски, јазик – изречен како македонски, историја – испишана како македонска, а не да наметнува ултиматуми, ограничувања и врамувања во некакви „париски рамки/стеги“ што немаат допир со слободата и правото. На олимписката маскота можеби истура пороен дожд, но ниту таа ќе накисне ниту, пак, македонскиот олимписки факел ќе згасне, ниту за време на Олимписките игри ниту потоа! Македонскиот оган ќе биде вечен, а со тоа и македонскиот народ и држава! Вечна Македонија!
Нека се честити почетокот и витешките борби на Олимписките игри 2024!
Симболиката на маскотата на ЛОИ 2024 – „Олимпик фриж“
Вечерва, со церемонијата на свеченото отворање, официјално започнуваат 33. Летни олимписки игри во главниот град на Франција, Париз. Иако „работниот дел“ на Олимпијадата веќе е започнат уште од 24 јули, одиграни се неколку фудбалски и ракометни натпревари (дури и се случија контроверзии и хаос со ВАР-системот и поништен гол на Аргентина, два часа по завршувањето на првиот фудбалски меч Аргентина-Мароко), но официјално најголемиот светски собир на спортистите започнува со палење на олимпискиот оган, кој ќе гори до 11 август, во луксузно „огниште“ изработено од брендот „Луј Витон“.
Според митовите од антиката со кои се поврзуваат Олимписките игри, додека траеле спортските натпреварувања запирале сите војни во античкиот свет. Дури и модерните олимписки игри се возобновени со идејата да го променат светот на подобро и надежта дека „меката моќ“ – спортот, културата, уметноста можат да ги запрат војните, како „продолжение на политиката, но со оружени средства“. Денес, пред почетокот на 33. модерни Олимписки игри, се чини дека никој од учесниците, организаторите, посетителите, гледачите пред ТВ-екраните нема илузии дека за време на Олимпијадата можат да запрат војните и глобалните политички текови. Напротив, спортските случувања, особено олимпијадите, во предворјето и зад сцената на спортските арени, се терен од кој се испраќаат политички пораки, закани, казни… Уште од времето на Студената војна, кога американските спортисти не отидоа на Олимпијадата во Москва во 1980 година, а четири години подоцна тоа го сторија спортистите на тогашниот Советски Сојуз на Олимпијадата во Лос Анџелес во 1984 година. Како политички детаљ од годинашната Олимпијада е фактот дека руските и белоруските спортисти настапуваат како индивидуалци и нема да ги носат знамињата на своите земји на церемониите на отворање и на затворање на Олимписките игри во Париз 2024, поради улогата на нивните земји во војната во Украина.
Вистинитоста на пораките во маскотите и симболите
Организацијата на грандиозни спортски настани како олимписките игри сама по себе претставува симбол на политички, економски (па и воен) престиж на глобален план, што ја објаснува гордоста на земјата на која ѝ припаднала честа да биде домаќин на елитата на спортскиот свет и нејзините придружници. Олимписките игри во Париз можеби не ги запреа војните во светот, но францускиот претседател Емануел Макрон одлучи француската политичка криза да ја стави „на пауза“ за време на Олимпијадата, па го одложи формирањето на Владата, што треба да произлезе од неодамнешните парламентарни избори во оваа земја, за по 11 август. Неговото образложение е дека не треба да се менуваа власта и управата пред таков грандиозен светски настан, за да не се наруши функционалноста на системот. Но, зошто не ги стави „на пауза“ припадниците на Легијата на странци распоредени на боиштето во Украина?
Олимписките игри треба да се искористат за Франција да се претстави во најдоброто миротворно светло и покрај сите предизвици што ја очекуваат и на внатрешен и на надворешен план.
Обично, сублиматот на „најдоброто светло“ на земјата што организира некој голем спортски настан се претставува преку официјалната маскота. Таков маскотен симбол на ЛОИ Париз 2024 е насмеаната црвена „играчка“, која го привлече вниманието на многумина, но веројатно луѓето од прва и не знаат за што точно станува збор. Всушност, маскотата претставува црвена беретка, која ја носеле многу познати историски личности во Франција, а наречена е „Олимпик фриж“.
На интернет-страницата на Олимписките игри (ОИ) може да се прочита дека името и маскотата се избрани како симбол на слободата и ја претставуваат формата на Република Франција.
„Бидeјќи визијата на Олимписките игри во Париз во 2024 година е дека спортот може да менува животи, маскотите ќе играат голема улога со тоа што ќе ја водат таа револуција преку спортот“, се наведува на интернет-страницата на Олимписките игри.
Она што е интересно е дека дизајнерскиот тим вешто успеал да ги вклопи трите бои на француското знаме – црвена, сина и бела, а во средината има големо лого на ОИ во Париз во златна боја. Црвената беретка се наоѓа на многу евромонети направени во Франција, а е еден од симболите на Француската револуција. Значи нешто во прогрес и развој: на човековата индивидуа и на колективитетите, а никако за стагнација или регрес.
Се претпоставува дека визијата на ЛОИ Париз 2024, сублимирана во маскотата – дека спортот може да менува животи (на подобро) – е визија создадена во креативниот интелектуален, уметнички и политички амбиент на земјата-домаќин, што наведува дека Франција верува за себе дека може да придонесе во менувањето на животите на луѓето (во целиот свет) на подобро. Симболиката на маскотата говори за самодовербата на Франција да влијае нештата и односите во светот да се менуваат на подобро, како преку нејзината политичка моќ, овој пат пренесена преку грандиозноста на спортскиот настан што го организира. Но дали секогаш самоувереноста дека со своите самодопадливи визии и дела го менувате светот/животот на подобро, се реализира на праведен начин за сите на кои сакате да им го смените животот?
lНа Олимписките игри во Париз, Македонија во спортскиот дел ќе ја претставуваат шестмина спортисти. Претседателката Гордана Силјановска- Давкова во една пригода изјави дека се заблагодарила на поканата на францускиот претседател Емануел Макрон да присуствува на отворањето на Олимписките игри, но дека нема да отпатува во Париз, во знак на солидарност со младите ученици од Македонија, кои немале финансиски средства да учествуваат на меѓународни научни олимпијади
Како се вклопува Македонија во француската визија за „менување животи“?
На Олимписките игри во Париз, Македонија во спортскиот дел ќе ја претставуваат шестмина спортисти. Претседателката Гордана Силјановска- Давкова во една пригода изјави дека се заблагодарила на поканата на францускиот претседател Емануел Макрон да присуствува на отворањето на Олимписките игри, но дека нема да отпатува во Париз, во знак на солидарност со младите ученици од Македонија, кои немале финансиски средства да учествуваат на меѓународни научни олимпијади. Сѐ уште свежите доживувања во Македонија за активната „визија“ на Франција за нејзино „влијание што менува животи“ се мошне контроверзни, без простор за верба дека промените што ги замислува политиката на оваа моќна земја членка на ЕУ се сосема за „доброто“ на македонските граѓани. Во најблиското минато Македонија од Франција, т.е. од францускиот претседател Макрон, доживеа лажно ветување за брз прием во ЕУ доколку го прифати Преспанскиот договор, па вето за почеток на преговорите (наводно заради менување на методологијата за преговарање), за да заглави на евроинтегративниот пат со т.н. француски предлог, доста уценувачка преговарачка предлог-рамка, со која преговарачкиот процес на Македонија практично се става под надзор и уцени на соседите Бугарија и Грција. Ако Франција навистина верува во својата визија и моќ да ги менува животите на луѓето на подобро, како што спортот може да ги менува животите, може да започне со праведен и принципиелен однос во процесот на проширувањето на Европската Унија со Запaден Балкан, па и со Македонија. Вистинската трансформативна моќ не се гради со лажни ветувања или, пак, некакви декларации! И спортот има моќ да менува животи, само додека цел се вистинските спортски вредности! Кога политиката и интересите ги релативизираат вистинските вредности, визиите се претвораат во лоши илузии, а маскотата на Олимписките игри станува обична играчка со маглива симболика.