Во текот на последните два века знаењето, главно, имаше третман на економска стока, а не на јавно добро, што особено имаше негативни последици – во последниве неколку децении, врз секторот образование, додека, пак, колективната креативност се замени со индивидуална креативност, а монополите на незнаење им се придружија на постојните монополи на знаење. По појавата на дигиталните технологии, истражувачите и корисниците почнаа да го редефинираат статусот на знаењето и да сугерираат реформи што ќе го преиспитаат креативното искуство во светлината на споделеното минато, барајќи споделена иднина. Дали, кога и како овие реформи, кои во одредени сфери се веќе започнати, во целост ќе бидат спроведени, е предизвик што треба да се адресира поскоро
Овој текст е продолжение на текстот „Споделена иднина: издаваштво“, објавен во „Нова Македонија“ на 14 септември 2024 година. Во поемата „Слепите луѓе и слонот“ (1871 г.) од Џон Годфри Сакс (John Godfrey Saxe), инспирирана од древна хинду басна, шестмина слепи луѓе истражуваат објект – тоа е слон што се наоѓа пред нив и притоа, избирајќи да истражуваат различни делови од слонот, доаѓаат до различни перцепции за него: тие заклучуваат дека објектот пред нив е ѕид, копје, змија, дрво, лепеза (за ладење) и јаже. Оттука, „Иако секој беше делумно во право / Сите грешеа… И зборуваа за слон / Но, ниту еден од нив не виде (слон)!“ Пораката на поемата е добар вовед за темата на денешниов есеј: како може интердисциплинарна група луѓе (научници) најдобро да анализираат сложен, голем, несмасен, незгоден, што брзо се развива ресурс како што е знаењето? Обидот да се опфати знаењето како споделен ресурс, за кој секоја заинтересирана страна има еднаков интерес, е уште поголем предизвик кога ќе се земат предвид неговите шест компоненти: економската, правната, технолошката, политичката, социјалната и психолошката компонента – секоја сложена сама по себе, што го сочинуваат ова глобално јавно добро.
За да се поддржи тезата дека во поголем дел од историјата на човештвото, креативноста означува пред сè кумулативна и колективна креативност и дека највредните културни творби се создадени под целосно отворен режим во однос на пристапот до веќе постојните творби и нивна повторна употреба, истражувачите, често, повикуваат неочекувани сведоци – бардови на книжевноста: Хомер, Вергилиј, Кретјен де Троа (роден околу 1130, починат помеѓу 1180 и 1190), Џефри Чосер (1340 – 1400), Лудовико Ариосто (1474 – 1533), Вилијам Шекспир (1564 – 1616) и Семјуел Колриџ (1772 – 1834). Просторот не дозволува да се задржам подетално на сите, затоа ќе се осврнам само на Хомер и Вергилиј.
Помеѓу 1933 и 1935 година, Милман Пери (Milman Parry) – во тоа време доцент на Универзитетот Харвард, оствари две посети на Кралството на Југославија, каде што ја студираше усната традиционална поезија. Тој и неговите соработници направија илјадници часови снимки во оддалечените планински села на гусларите што пееја епски песни. Една од песните – „Свадбената песна на Мехо Смаилагиќ“, која ја изведува гусларот Авдо Меѓедовиќ, се состои од околу 13.000 линии и трае пет дена – песна што по квалитетот и квантитетот беше најблиска до творештвото на Хомер. Кога Пари забележа дека „има огромно чувство дека, на некој начин, го слуша Хомер“, Меѓедовиќ се пофали дека тој знае и подолги песни. Трудовите на Пери, на неговиот асистент Алберт Лорд (Пери почина во 1935 г., на триесет и тригодишна возраст) и други истражувачи покажаа дека усната поезија нема потекло, туку претставува процес на развој, префинетост и елаборација. Според тоа, во усната поезија и во еповите на Хомер „зборовите ‘автор’ и ‘оригиналност’ или немаат никакво значење… или тие имаат значење сосема различно од она што обично им се доделува“. Трудовите обезбедија, меѓу другото, деконструкција на митот за оригиналната креативност, блиску до современото западно општество. Всушност, трудовите на Хомер би можеле да се сметаат за производ на колективен гениј наспроти романтичната идеја за индивидуален гениј: тие ги вознемируваат сите романтични концепции за природата на уметноста и уметникот – концепции што се самиот темел на естетиката на деветнаесеттиот век, оттука, еповите на Хомер не се производ на индивидуална поезија, туку, напротив, тие се уметнички производ на многу генерации. Римскиот писател, филолог и неоплатонист Макробиј (Macrobius), во „Седумте книги на Сатурналии“ (Saturnaliorum Libri Septem) во петтиот век од нашата ера, пишувајќи за делото на Вергилиј, ќе напише: „Но, ако се признае дека писателите на проза и поезија треба да се вклучат во ова споделување и размена на материјали, кој би го обвинил Вергилиј ако позајми некои работи од постари писатели за да ја зголеми својата префинетост? Ние дури му должиме благодарност поради тоа, бидејќи со вклучување на дел од нивниот материјал во сопственото дело, кое е предодредено да живее вечно, тој се погрижи да не ги заборавиме целосно оние антички автори кои – како што покажува сегашното мислење – почнавме да сметаме дека не се само занемарливи, туку всушност смешни“ (книга 6, точка 5).
До просветителството, науката и уметноста се развиваа користејќи ги придобивките на споделената креативност. Од Конфуциј, Махабхарата, Библијата и Куранот, до еповите на Хомер, Банту песните во Јужна Африка и европските трубадури, од мимезис на Платон до „позајмените пердуви“ на Шекспир, културата, со милениуми, се создава под претпоставка дека постојните творби се достапни за повторна употреба, а заедничкото авторство преставува конститутивни елементи на творечкиот момент. Со милениуми, креативноста се толкуваше како подарок според „знаењето е дар од Бога, па затоа не може да се продаде“ (scientia donum Dei est, unde vendi non potest). Концептот на интелектуална сопственост – идејата дека знаењето може да се поседува – е производ на европското просветителство. Дури кога луѓето почнаа да тврдат дека знаењето доаѓа од човечкиот ум наместо, барем делумно, преку божествено откровение, стана возможно луѓето да се етаблираат како креатори, а со тоа и сопственици на новите идеи и знаења наместо пренесувачи на вечните вистини. По просветителството, перцепцијата на креативноста драстично се смени: колективната креативност се замени со индивидуална креативност, нагласувајќи ја апсолутната оригиналност, претворајќи ја креативноста во ексклузивен наместо инклузивен процес и заборавајќи дека во светот, со милениуми, се споделувале вредностите за колективна и кумулативна креативност.
Во изминатата две децении, по појавата на „иницијативите за отвореност“: отворен пристап во издаваштвото, отворен код во софтверското инженерство, отворен…, вклучувајќи ги напорите за институционална, практична и правна поддршка на иницијативите за отвореност, реализирана, на пример со концептот „криејтив комонс“ (англ. creative commons), сведоци сме на поместување во разбирањето и перцепцијата на терминот знаење, што имплицира поттик во развој на принципите за управување со знаењето и на принципите што треба да ги поттикнат политиките за креативност. Англискиот збор „commons“, според нобеловката Остром (Elinor Ostrom), значи „општ поим за споделени ресурси во кои секоја заинтересирана страна има еднаков интерес“, оттука насловот на книгата што таа ја приреди, во 2006 г., заедно со Хес (Charlotte Hess) може да се преведе како: „Разбирање на знаењето како јавно добро: од теорија до практика“ (англ. Understanding Knowledge as a Commons: From Theory to Practice).
Авторското право и неговите комплементарни концепти се срцевината на современиот концепт на интелектуална сопственост. Во осумнаесеттиот век термините „знаење“ и „сопственост“ првпат контактираа, создавајќи правна врска. Меѓутоа, идејата за интелектуалната сопственост на знаењето е оспорувана во континуитет: од нејзината појава до денес, особено во дигиталната ера. Денес повеќето карактеристики на знаењето третирани како јавно добро се последица на дигиталните технологии. Во моментот кога огромното количество знаење почна дигитално да се дистрибуира, по развојот на „Ворлд вајд веб“ (англ. World Wide Web) – накусо Веб, во 1992 година, знаењето доби сè повеќе карактеристики на јавно добро. Споделувањата на научните истражувања, знаењето, образованието и културата, овозможени со интернетот, мрежата Веб и другите дигитални технологии, наидуваат на пречки во постојните правни системи. Авторското право е создадено долго пред дигиталната ера, оттука е потребна рамнотежа помеѓу реалноста на дигиталната ера и реалноста на законите за авторски права.
Во текот на последните два века знаењето, главно, имаше третман на економска стока, а не на јавно добро, што особено имаше негативни последици – во последниве неколку децении, врз секторот образование, додека, пак, колективната креативност се замени со индивидуална креативност, а монополите на незнаење им се придружија на постојните монополи на знаење. По појавата на дигиталните технологии, истражувачите и корисниците почнаа да го редефинираат статусот на знаењето и да сугерираат реформи што ќе го преиспитаат креативното искуство во светлината на споделеното минато, барајќи споделена иднина. Дали, кога и како овие реформи, кои во одредени сфери се веќе започнати, во целост ќе бидат спроведени, е предизвик што треба да се адресира поскоро.