И богати и сиромаси, и дебели и слаби, кралеви и обични граѓани, високи и ниски, убави и помалку убави, сите тежнеат (еме) да бидат вечно среќни! Досега никому не му пошло од рака да ја исполни својата желба, да биде вечно среќен и постојано убав! За жал, ова суштествена животна битка завршува со фатален пораз и со вечен крај!
Оваа мисла е на еден француски филозоф, името нема да му го споменам, ниту името на книгата во која е забележана оваа негова поразителна животна приказна, бидејќи мислата на францускиот книжевник и филозоф ја имам прочитано одамна, овде за потребите на моето писание е во парафразирано издание, оттука ако некој пронајде лоша насока на неговата мисла, тоа нека се подразбере како моја неспособност, никако грешка на почитуваниот мислител и филозоф.
Обиди и желби да се помисли на вечна среќа, сместена во младоста и убавината имало отсекогаш, повеќе постојат во творештвото, и тоа од многу, многу години наназад! Како потврда за таквите преокупации имаме книги, скулптури, слики дури и музички дела во кои се тежнее и пее за младоста, убавината, со тоа и за среќата! Овие три елементи секогаш се поврзани, претставуваат една целина бидејќи едно без друго не може! Полно филмови се производ или инспирација од слика, од литературно дело или самата тема на одреден филм е убавината, без разлика во каква форма се јавува таа!
Повод за оваа колумна или писание, како било и да го наречеме, е заминувањето од овој „обичен“ свет на, како што некои го нарекуваа „современ Аполон, господинот со ангелско лице, филмскиот актер Ален Делон. Истиот господин, не толку одамна, на новинарско прашање што мисли за староста, одговори, стареењето е потоп! Ако погледнеме во животот на сите нас, некој ќе рече, староста е поле на мудроста, друг мисли дека стареењето е мирно и спокојно море, но Ален Делон вели, стареењето е потоп! Мислам сите се во право, можеби Делон најмногу е во право кога кажува и зборува за потоп.
Ако добро се анализира, животот на Ален Делон е вистинска приказна за одличен филм. Роден е во 1935, во Со, предградие на Париз, на возраст од четири години неговите родители се разведуваат, десетина години живее во дом за деца без родители. Во раната младост, решение за својата иднина бара во војска, четири години како војник дејствува во Камбоџа. Судбината сакаше, поради кражба на воен џип, Делон да биде отпишан од улогата на војник, поради што е принуден да се врати во Франција, во Париз.
Како во античките митови, во кои живее имагинарниот Аполон, така и во животот на младиот Делон, среќата го пресретнува кога режисерот Рене Клемен го повикува за улога во филмот „Под сонце“ заедно со Морис Роне и Мари Лафоре. Рене му ја понудува улогата на добриот од филмот, Делон вели дека повеќе му одговара другата улога, лошиот од филмот. По мала расправија меѓу Рене и Делон, жената на режисерот Рене, од кујната извикува, „шери“ малиот е во право!
Така, судбината на младиот Делон му го подарува филмскиот ореол и од шеесеттите до осумдесеттите години од минатиот век, актерот Ален Делон дејствуваше како своевиден современ филмски Аполон.
Ако во раното детство Делон заличува на личноста Кејн, од филмот на Орсон Велс, „Граѓанинот Кејн“, кој за време неговиот живот изградува империја од богатство и општествено влијание, но, кога Кејн заминува од овој свет изговара „трендафил“! Мајката на малиот Кејн, разведена, во присуство на очув, му подарува санка на која има нацртано трендафил. Детството на Делон поседува многу трендафили, можеби не толку колку што неговите фанови, љубителите на личноста Ален Делон, оставија пред железните порти од неговиот имот во малото место Души, каде што Делон решил да го продолжи вечниот живот во фараонската филмска пирамида во Души, исто како митскиот Аполон, кој го живее својот вечен живот на планината Хеликон, заедно со музите, инспирација на творците, каков што творец, актер беше и Делон.
Во филмот и Делон имаше своја планина, во која дејствуваа многу млади, талентирани „музи“ како Натали Делон, со која го доби синот Антони, со манекенката од Холандија, Розали ван Бремен, има две деца, Анушка и Ален Фабиен, со Роми Шнајдер имаше голема љубов, исто и со Миреј Дарк, како и со Далида, со која имаат направено музички хит, песната „Paroles, paroles“ и многу други музи.
Делон не се сметаше себеси за глумец, туку за инцидентен актер, исто како Жан Габен или Лино Вентура, кои без никаква школска подготовка дојдоа во филмот и направија успешни кариери. Режисерот Жан Пиер Мелвил, со кој Делон има снимено неколку филa, како „Базен“, „Мелодија во подземјето“ или „Самурај“, има кажано, Ален Делон поседува силна аура, Ален не треба да глуми, туку само да се појави пред објективот и камерата е полна со телесна и духовна убавина. Со такви предзнаци, за Делон може да се каже, во животот и во филмот тој на некој начин ја игра улогата на Доријан Греј, јунакот од книгата на Оскар Вајлд, „Портретот на Доријан Греј“, каде што желбата за вечната убавина ги прескокнува сите природни процеси, Оскар Вајлд, улогата за стареењето му ја дава на сликарскиот портрет, а Доријан Греј останува млад и убав повеќе отколку што дозволува еден човечки живот, но и во прекрасната книга на Оскар Вајлд, на крајот, кога се случува потоп, секој си го зазема своето вистинско место.
Филмското богатство на Ален Делон е создадено од деведесетина филма, покрај тие што ги кажавме ќе споменеме уште неколку, како „Гепард“ од Лучино Висконти, „Господинот Клајн“, „Борселино“ и редица други.
Во едно телевизиско интервју, водителот го прашува Делон: „Господине Делон, што сакате да ви се случи во животот, нешто што досега не ви се случило?“ На тоа Делон одговори: „Би сакал да ми се случи моите родители повторно да ги видам заедно и покрај нив, барем еднаш во животот ќе бидам среќен! Моите родители се околу себе здробија и искршија! Затоа знам дека такво нешто не може да ми се случи“. Повторно доаѓаме до Граѓанинот Кејн и до трендафилот.
Ако во овој овоземски живот, на Ален Делон некои работи не можеа да му се случат, во имањето во Души, од сто и педесетина хектари, каде што по негова желба е сместен, надвор од камерите и рефлекторите, во отсуство на неговите филмски музи, ќе има доволно време како египетски фараон или филмски Аполон, да трага по среќата и вечната убавина. Да му посакаме на Ален Делон да му се случи тоа и, како што самиот вели, барем еднаш во животот биде среќен!
Коле Манев