Постојат две причини зошто поддржувам дел од научните активности да постојат заради себе, без никакви дидактички, политички или општествени обврски
Во 1611 година Кеплер, одговарајќи на прашањето: кој е најефикасниот начин продавачите на зеленчук и овошје да ги редат портокалите во гајба, постави хипотеза за пакување на сфери со иста големина во тридимензионален простор (на пример, во кутија). Тривијален проблем, нели? Дали решавањето на хипотезата на Кеплер е само губење време и пари на даночните обврзници? Проблемот е навидум едноставен, меѓутоа, дури по 400 години, беа потребни шест години (од 1992 до 1998), 250 страници забелешки, три гигабајти компјутерски програми, податоци и резултати, Томас Хејлс да го реши проблемот на Кеплер. Списанието „Аналс оф математикс“ (англ. „Annals of Mathematics) се согласи, во 2005 година, да го публикува резултатот – по четиригодишна работа, панел од 12 експерти, оценувачи се согласија дека 99 отсто се сигурни во точноста на доказот. Што се однесува до примената на овој и други резултати добиени во последните дваесетина години (за пакување на сфери во осум и во 24 димензии, во 2022 г. Марина Вјазовска го доби престижниот Филдсов медал), пакувањето на сфери има изненадувачка примена во кодовите за корекција на грешки, што ги прави проблемот на Кеплер и неговите генерализации особено релевантни денес во ерата на дигиталните комуникации.
Прашањето дали уметноста и науката треба да бидат ангажирани вклучувајќи се во општествените процеси или уметничкото и научното творештвото може да има, делумно или исклучиво, естетски и/или интелектуален порив, и има милениумска историја. Во Платоновата „Држава“ на прашањето: „Но ако некој не праша кои раскази ги нарекуваме добри?“, одговорот на Сократ: „ние сега не сме поети, ни ти ни јас, туку основачи на државата“ укажува дека под „добар расказ“ поетот и основачот на државата мислат на различни нешта – за основачот, расказот, сепак, помалку или повеќе, треба да биде средство за ангажирано дејствување. Ларпурлартизмот на одреден начин ја оспорува перспективата на „основачот на државата“, критикувајќи ја, помалку или повеќе, општествената ангажираност на уметникот. Пред стотина години Крлежа го разгледува прашањето на Чернишевски: „Што е поважно: еден колбас или еден Шекспир?“, на кое Чернишевски одговара – колбасот, заклучувајќи дека „нема нетенденциозна уметност“. Историјата на уметноста изобилува со примери за и против ларпурлартизмот, па така, на пример, за некои „првата задача на Друштвото на писателите на Македонија е активно вклучување на писателите во историскиот процес на раѓањето на новиот социјалистички човек кај нас“ (цитирано од Веле Смилевски „Полемиките во македонската литература“, 2007 г.), додека, пак, за други уметноста треба да постои заради себе, без никакви дидактички, политички или општествени обврски.
Неодамна, се разви една интересна полемика во врска со прашањето: дали науката треба да биде фундаментална или применета? Полемиките се ретки во македонскиот научен простор, оттука, овој текст е обид да придонесе кон размислите за научниот развој во Македонија. Во дискусиите за наука, наместо терминот фундаментална наука понекогаш се користат синонимите „наука заради наука“ и „наука поттикната од љубопитност“. Поттикнати од ненаучни мотиви, некои го употребат терминот „претурање од шупливо во празно“, алудирајќи дека фундаменталната наука е токму тоа – претурање од шупливо во празно, иако, поверодостојно е таквиот термин да се користи за да се опишат неквалитетни (и фундаментални и применетите) истражувања. Сепак, според моето мислење, недопустливо е во академските средини, прашањето за квалитетот на научните истражувања да се адресира повикувајќи се на мислењата на македонската паланка, а не на светската научна заедница: сите истражувања – и фундаменталните и применетите истражувања, мора да ги верификува светската научна заедница, што подразбира само едно: публикување во врвни списанија. Според Фраскатиевата класификација на науките, постојат шест научни подрачја: природно-математички науки, инженерство и технологија, медицински и здравствени науки, земјоделски и ветеринарни науки, општествени науки и хуманистички науки – во сите шест подрачја – без исклучок, постојат врвни списанија и врвни издавачки куќи, а МАНУ треба да биде предвесник во тоа.
На прашањето за животот на некоја далечна планета: Дали се надева дека планетата е стерилна карпа, неплодна како Месечината, или се надева дека има живот?, професорот по филозофија на Калифорнискиот универзитет во Риверсајд, Ерик Шуитцгебал (англ. Eric Schwitzgebel) ќе рече: „Меѓу работите на коишто најмногу би се надевал е изразена љубопитност… – суштества со интелект што им овозможува да поставуваат длабоки прашања за потеклото на универзумот…, структура на реалноста, природата и границите на сопствениот ум. Би се надевал на суштества, чии истражувања не се ограничени од непосредното и практичното…, суштества кои се чудат ‘Зошто?’ дури и без предвидлив метод за да се постигне одговор. Интелигентните суштества без таков шпекулативен импулс би пливале само во плиткото. Дури и да има љубов, радост, уметнички дела, атлетски натпревари и висока архитектура, тие би размислувале само во термини на надворешна вредност (или инструментално)“. Според „Оксфордскиот прирачник за теоријата на вредности“ (англ. „Oxford Handbook of Value Theory“), разликата помеѓу внатрешна и надворешна (или инструментална) вредност е „разлика помеѓу она што е добро ‘само по себе’ и она што е добро ‘како средство’“.
Што се однесува до истражувањата поттикната од љубопитност, впрочем многу применети истражувања се тесно поврзани со такви истражувања, моите ставови за нивната оправданост се совпаѓаат со ставовите за ларпурлартизмот. Според моето мислење, дел од научниците што практикуваат наука заради наука би можеле да се залагаат за следниве ставови (и јас ги поддржувам во тоа): во вредносната инверзија што науката заради наука ја воведува, не само што треба да се осуди поврзувањето на истражувањата за некаква корист, туку треба да се изврши негација на целокупниот поглед на светот заснован врз користа; не само што треба да се брани науката заради наука како вредност по себе, туку треба да се прокламира дека таа, за некои истражувачи, може да биде идентична со нивното битие, а дека животот надвор од науката заради наука е безвреден. Науката поттикната од љубопитност е наука што ги конституира некои научници, додека, пак, користа и интересот ги деградира. Во материјалниот и утилитарен свет, научниците и уметниците можат да се чувствуваат заробени – над нивниот светоглед натежнува инструментализација на духот, што се заканува да ја укине автономијата на научното, уметничкото и духовното творештво.
Постојат две причини зошто поддржувам дел од научните активности да постојат заради себе, без никакви дидактички, политички или општествени обврски. Прво, дел од резултатите добиени истражувајќи од љубопитност често се трансформираат, понекогаш и по повеќе од стотина години по нивните откритија, во пронајдоци што директно им користат на луѓето, за што сведочат многубројни примери во сите научни подрачја, од медицинските науки преку техничките науки до општествените науки. Второ, исклучителна вредност на истражувањата поттикнати од љубопитност нè водат кон најшироките и најосновните прашања за нас и нашиот Универзум – најдлабоките достигнувања на науката, класичната механика на Исак Њутн, теоријата на природна селекција на Чарлс Дарвин, теоријата на релативност на Алберт Ајнштајн, квантната механика, неодамнешните откритија во генетиката и невронауката, го трансформираа нашето разбирање за космосот и нашата позиција во него.
Употребата на терминот „претурање од шупливо во празно“ ме потсети на прашањето што Ленин го поставил, во 1908 година, во писмото до Горки: „Кога мислата го стигнала прагот на мисливото, како ќе изгледа мислата?“, со што започнува ерата на марксистичката нетолеранција кон филозофијата (нема веќе филозофи што треба да се проучуваат, со исклучок, се разбира, на Маркс и Енгелс). Ќе го завршам овој текст, цитирајќи го повторно Шуитцгебал: „Посебната вредност на науката лежи во нејзината филозофска моќ – нејзината моќ да нè води кон најшироките и најосновните прашања за нас и нашиот Универзум. Уметноста е иста: во своите најдобри и најамбициозни проекти, уметноста ги надминува украсите и забавата, соочувајќи нè со загатките на човековото постоење. Во нивните исклучиво импресивни манифестации, уметноста и науката“, особено уметничките креации поттикнати од естетски пориви и научните истражувања поттикнати од љубопитност, „се спојуваат во филозофијата“. Оттука, филозофијата треба да биде столб на образованието, што ќе овозможи растеж на човештвото во 21 век.