Прашањата за правата на малцинствата во Македонија, вклучувајќи го и правото на користење и изучување, па и употреба на мајчиниот јазик на малцинствата во јавната сфера, на начинот на кој се бара од Бугарија и од Албанија се толкуваат како иредентизам кога истите права се бараат реципрочно, за македонското малцинство во тие земји. Резултатите од последниот попис во Албанија, каде што првпат по стотина години попишувачка практика се појави дотогаш непостојно бугарско малцинство, на сметка на намалување на македонското малцинство, кое фигурира од првите пописи во оваа земја, мошне симптоматично навестуваат (некаква) синхронизирана непринципиелност на албанската и бугарската политика во односите спрема Македонија
Синхронизираност на надворешните политики на источниот и западниот сосед за прашањата врзани за Македонија
Одржувањето коректни добрососедски односи според европските манири и стандарди е сериозен предизвик во контекст на балканските земји, па дури (или особено) со оние што се членки на Европската Унија. Вообичаено, по првичните протоколарни изјави за „заедничката цел – заедништво во Европската Унија“, реториката во дипломатската комуникација веднаш се префрла на барања и на условувања, па и на уцени кон соседите за задоволување на сопствените национални интереси, анахрони национални агенди, нереални аспирации… Притоа, тоа се прави некритички и нетактички, без промисла за состојбата за прашањата што се упатуваат како барања до соседите во сопствената држава. Македонија веќе редовно се соочува со такви дипломатски ситуации како предизвик во односите со соседите, но изминатата седмица некако временски се совпаднаа побарувања од соседите Албанија и Бугарија што во голема мера личат на мешање во внатрешните работи на земјава.
При официјалната посета на македонското собрание, претседателката на соодветната институција во Албанија, Елиса Спиропали, мошне „комотно“ се впушти во давање забелешки, со тон на задавање задачи за македонските институции, во контекст на преиспитувањата на Уставниот суд во Македонија за уставноста на алатката балансер за вработување во јавната администрација, како и за Законот за употреба на јазиците. Тонот на барањата на албанската спикерка на парламентот се подигна до ниво за заклучок дека албанскиот јазик е загрозен во Македонија, како и идентитетот на Албанците во Македонија.
На таквите забелешки на претседателката на Собранието на Албанија, премиерот Христијан Мицкоски одговори со аргументи што ја демантираат нејзината „загриженост“.
– Тамам работа. Ние не сме како одделни земји членки на ЕУ, кои сакаат да го загрозуваат идентитетот на другите народи. Ние немаме таква намера. Напротив, ги почитуваме тој идентитет и посебноста на албанскиот јазик, македонскиот јазик и сите други јазици што ги користат граѓаните во Македонија. Јас лично ги почитувам. На прославата на 2 Август годинава на Мечкин Камен, Манифестот беше прочитан и на албански јазик, не само на македонски јазик, така што ние не зборуваме, ние со дело покажуваме. Има политичари што зборуваат а ништо не прават, јас сум од оние политичари што покажуваат со дела и апсолутно го почитувам албанскиот јазик. Секоја година го честитам Денот на албанската азбука – 22 Ноември. Градоначалникот на Битола, кој е од ВМРО-ДПМНЕ, вчера ѝ посака добредојде во Битола на претседателката на албанскиот парламент токму во една таква институција што е значајна за албанскиот јазик. Така што не само што не е загрозен туку и е надграден… – реплицираше Мицкоски на изјавите на Спиропали од Албанија.
Речиси во ист временски период, од Бугарија повторно се интензивираа изјавите и дејствата со поплаки од Македонија до ЕУ за непочитување на бугарските политичари, на асиметричните добрососедски договори и на отпорот во македонската јавност за исполнување на непринципиелниот и нереципрочен услов за внесување на бугарското малцинство во македонскиот устав за започнат преговорите со Унијата. Тоа што пред петнаесетина дена започна со итроштината на бугарскиот протокол со неистакнување на македонското знаме при неформалната средба во Софија на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев, деновиве кулминира со предлог-декларација во бугарското собрание за „поплака“ пред ЕУ од однесувањето на Македонија и македонските политичари. И секако – за непочитување на правата на бугарското малцинство во Македонија, притоа затворајќи очи и уши во Бугарија за очекувањата на Советот на Европа да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права во интерес на оние што се изјаснуваат како Македонци во Бугарија, па и да си го смени Уставот – за да ги регистрира македонските здруженија.
Она што зачудува во дипломатската стратегија на соседите во градењето односи со Македонија се настојувањата за извртување на тезите и состојбите, па постојано настојуваат да ја „обвинат“ македонската држава за прашања што се целосно регулирани во земјава, дури и над општите меѓународни стандарди, а притоа и самите не ги почитуваат и спроведуваат. Во тој контекст прашањата за правата на малцинствата во Македонија, вклучувајќи го и правото на користење и изучување, па и употреба на мајчиниот јазик на малцинствата во јавната сфера, на начин што во Бугарија и во Албанија (би) се толкува(л) како иредентизам кога истите права би се побарале за македонското малцинство во тие земји. Резултатите од последниот попис во Албанија, каде што првпат по стотина години попишувачка практика се појави дотогаш непостојно бугарско малцинство на сметка на намалување на македонското малцинство, кое фигурира од првите пописи во оваа земја, мошне симптоматично навестуваат некаква синхронизирана непринципиелност на албанската и бугарската политика во односите спрема Македонија.
– Ваквиот недипломатски и постојано „побарувачки“ однос спрема Македонија од соседите во однос на правата на малцинствата секако дека има одреден историски контекст. Колку повеќе го напаѓаат македонскиот идентитет толку повеќе ги покажуваат историските комплекси од несигурноста во сопствениот национален идентитет, кој го хранат преку Македонија. Во денешен реален контекст соседите чувствуваат дека Македонија е историски ослабната со потенцијал за одбрана на македонските интереси, па притискаат политички за реализација на своите национални агенди, колку и да се анахрони и нереални. До неодамна политиката на Македонија во соседските односи беше – што и да побараат соседите, ние дававме. Па, затоа сега продолжуваат според поговорката да бараат преку леб погача. Македонската политика и дипломатија секако треба да ја прекинат таквата досегашна практика и да ги бранат македонските национални интереси – вели поранешната амбасадорка Мелпомени Корнети.