Според досегашните археолошки истражувања, најраниот приказ на сончевата розета е шематизираниот приказ на бронзената дијадема од 9 век пред нашата ера, која беше најдена во некрополата во Вергина (Кутлеш). Розетата исто така ја има и на монетите на кралот Филип Втори и Касандар (крал на Македонија бил најстариот син на Антипатар и основач на краткотрајната династија Антипатриди, познат е како основач на градот Солун, кој го нарекол по својата сопруга), како и на саркофагот на Филип Втори. За оваа проблематика, сега покојната проф. д-р Наде Проева нагласуваше дека на златните листови плочки во македонските гробници чести се соларните мотиви слични со оние на монетите од ова време, одраз на култот кон сонцето
По последното епохално откритие во струшкото село Корошишта: Сончевата розета – еден од најчестите симболи кај Античките Македонци
Македонија во еден поширок историски, географски и културен аспект низ вековите се одликувала и се одликува со одредени особености што се типични само за македонското поднебје. Во овој контекст е и последното епохално откритие во струшко Корошишта каде што беше откопана гробница со богати артефакти, како што се златни прстени, златни фолии со различни форми и декорација, сребрени игли итн. Од многубројните пронајдени артефакти може да се одвои стилизираното сонце со дванаесет зраци, кое наликува на сончевата розета (позната како сонцето од Вергина) на златната урна што беше пронајдена во гробницата, за која се верува дека му припаѓа на македонски крал Филип Втори во античкиот град Ајга, прва престолнина на Македонското Кралство, денес Вергина (Кутлеш) во Грција. Според добро упатените, стилизираното сонце, кое може да се забележи на еден од артефактите од струшко Корошишта, не треба да ја зачудува пошироката јавност затоа што станува збор за поврзаност со култ кон сонцето, еден од најважните и најраширени култови кај Античките Македонци.
Култот на сонцето е специфичност на македонската религија
Повеќе историски извори потврдуваат дека сонцето било најважниот автохтон култ на Античките Македонци, нешто што се потврдува и од многубројните археолошки наоди пронајдени на територијата на современата македонска држава, како што се пајонските монети од 6 век пред нашата ера или теракотата од 3 век пред наша ера од Охрид, но и артефактите што беа пронајдени кај нашиот јужен сосед, особено во гробниците на македонската кралска династија Аргеади (династија на кралевите основоположници на Македонското Кралство, кои владееле со Македонија до 309 година пред нашата ера).
Најстарото споменување на култот на сонцето се сретнува кај Херодот (старогрчки историчар, познат како татко на историјата), кој ја раскажува легендата за потеклото на македонската кралска династија Аргеади. Според Херодот, „Од Аргос избегале кај Илирите тројца браќа, кои биле потомци на Темен, тоа биле Гаван, Аероп и Пердика… Таму се главиле слуги за плата кај кралот… Кралот кога слушнал дека зборуваат за плата, покажувајќи на она место на подот каде што се спуштале сончевите зраци што влегувале низ оној отвор на покривот низ кој излегува чадот од куќата, рекол – Еве ви ја давам платата што ја заслужувате. Гаван и Аероп, постарите браќа, слушајќи го тоа, останале стаписани, а најмладиот рекол вака – Го примаме, кралу, тоа што ни го даваш. Притоа со ножот, што случајно го имал кај себе, го заокружил тоа место на куќниот под каде што паѓале зраците. Откако така ги оградил зраците, трипати зацрпнал од нив и си ги ставил во пазувите, а потоа и тој и неговите браќа заминале“.
Анализирајќи ја оваа легенда, проф. д-р Наде Проева своевремено истакна дека овој гест симболично го прикажува божеското потекло на кралската власт, добиена од богот Сонце. Наде Проева, како истакната познавачка на оваа проблематика, нагласи дека соларната симболика не им е блиска на Античките Грци, единствено кај Јонците се среќава крилестиот лав – грифон, но тој е преземен од Блискиот Исток.
– За разлика од нив, кај Античките Македонци сончевата розета е еден од најчестите симболи. Таа најчесто е претставена на македонскиот штит, што често е прикажуван на македонските монети. Розетата ја има и на многу други предмети, како на накитот и оружјето. Сонцето, пак, односно Хелиј во антропоморфен облик, како глава со зрачна куќа, се среќава многу поретко, и тоа на монетите на македонските кралеви – како што истакнува проф. д-р Наде Проева.
Според досегашните археолошки истражувања, најраниот приказ на сончевата розета е шематизираниот приказ на бронзената дијадема од деветтиот век пред нашата ера, која беше најдена во некрополата во Вергина (Кутлеш). Розетата исто така ја има и на монетите на кралот Филип Втори и Касандар (крал на Македонија бил најстариот син на Антипатар и основач на краткотрајната династија Антипатриди, познат е како основач на градот Солун, кој го нарекол по својата сопруга), како и на саркофагот на Филип Втори.
За оваа проблематика, Наде Проева своевремено нагласи дека на златните листови плочки во македонските гробници чести се соларните мотиви слични со оние на монетите од ова време, одраз на култот кон сонцето.
– Шематизирани прикази на розетата се среќаваат на македонските штитови, честопати придружена со ѕвезди или со полумесечини, исто како и на надгробните споменици од римско време, најчесто по средното течение на реката Вардар, во некогашната Пајонија. Сонцето во култот на мртвите ја симболизира бесмртноста, т.е. вечно враќање, а според астралната есхатологија сонцето е дом на покојниците. Задржувањето на култот на сонцето сѐ до крајот на антиката е специфичност на македонската религија, така што сончевата розета со право се вбројува во македонските симболи – посочува Проева.
Сонцето кај Пајонците
Култот на сонцето е посведочен и кај Пајонците, македонско племе што живеело од средниот до долниот слив на реката Вардар. Ова се потврдува и од Максим од Тир, кој во 2 век од нашата ера запишал дека „Пајонците го слават Хелиј носејќи лик на пајонскиот Хелиј во вид на мал диск ставен на долга мотка“.
Сонцето како симбол се сретнува и во пајонската нумизматика, покрај скромните литературни и епиграфски извори, пајонското монетоковење ја дополнува сликата за повеќе сегменти од животот на Пајонците. Тука може да се споменат и монетите од Пајонската збирка на НБРМ, кои потекнуваат од регионот Велес – Св. Николе – Штип – Радовиш, каде што може да се види шематизирана претстава на сонцето.
Според д-р Ефтимија Павловска, во иконографијата што се јавува на монетоковењето на пајонското племе Дерони, поточно аверсот на нивните монети, забележливи се и некои симболи, како што се цвеќе и ѕвезда. Ѕвездата може да биде претставена сама или на диск и таа секако се поврзува со Сонцето, чиј култ бил особено почитуван, и во подоцнежниот период се идентификува со Аполон, посочува Павловска.
Инаку, од иконографијата на монетите, воочливо е дека кај првите двајца пајонски кралеви, Ликеј и Патрај, било доминантно почитувањето на богот Аполон. Култот кон овој бог кај Пајонците влече корени од минатото, кога бил почитуван како бог на сонцето, односно Хелиј во interpretatio Graeca, со кој ce идентификувал, вели Павловска.
– Преку сонцето, Аполон е и бог на исцелувањето, кој ce нарекувал Пајон. Во Пиндаровиот пајан „За Абдеријците“, Аполон ce јавува со епитет Дерајн, термин што има допирни точки со Дероните, со кои, пак, ce врзува и терминот Деронај. Овој назив ce среќава на предната страна на тетрадрахма на Ликеј, покрај ликот на Аполон, кој, според Г. X. Мекарди, означува име на божество, кое добило етничка придавка, во овој случај поврзана со Дероните. Сето ова јасно го покажува континуитетот во почитувањето на соларниот култ, но и поврзаноста на Пајонците и пајонската кралска династија со Дероните – нагласува д-р Ефтимија Павловска.