Утре Бугарија треба да даде конечен одговор за пресудите на Судот за човекови права (СЧП). Комитетот на министрите на Советот на Европа оваа година за првпат двапати ќе расправа за правата на Македонците во Бугарија. Еднаш тоа се случи во март годинава, а се очекува за ова повторно да се расправа во септември. Бугарија треба до утре, 15 јуни, да даде конечен одговор за тоа што ќе преземе во врска со пресудите на Судот за човекови права за регистрација на здруженијата на Македонците во оваа земја
Европа го стеснува обрачот околу бугарската држава
Комитетот на министрите на Советот на Европа оваа година двапати ќе ги разгледува првата и положбата на припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија. Ова прашање најпрво беше разгледано во март 2024 година, а повторно ќе се разгледува и во септември. Во последната одлуката на Комитетот на министрите на Советот на Европа јасно беа посочени критики до официјална Софија за досегашната нејзина неактивност во насока на подобрување на човековите и малцинските права на Македонците. Во последната одлука, бугарските власти беа повикани да ги засилат своите напори со цел да биде постигнат видлив напредок во спроведување на пресудите во полза на организациите и друштвата на припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија
Ако нема опиплив напредок, Стразбур ќе разгледува нови поефикасни мерки
против Софија
Во последниот заклучок исто така беше нагласено дека бугарските власти до 15 јуни 2024 година треба да дадат информации за сите горенаведени прашања. Одлучено е да се продолжи со испитувањето на овие случаи на нивниот 1.507. состанок (септември 2024 година). Ако нема опиплив напредок или распоред за усвојување убедливи дополнителни мерки, ја изразуваме нашата подготвеност при следното испитување на овие случаи да се разгледа можноста за нова активност насочена кон зајакнување на политичкиот дијалог и соработка со бугарските власти, за да се осигури дека бугарската држава целосно, ефикасно и брзо ги спроведува овие пресуди.
Во суштина, предложените мерки наложуваат дека во Декларацијата од Рејкјавик, шефовите на држави и влади го повикаа Комитетот на министри да продолжи со својата работа за подобрување на достапните алатки во надзорот на извршувањето на пресудите со јасни, предвидливи и постепени чекори во случај на неизвршување или постојано одбивање да се извршат правосилните пресуди на судот, на соодветен и флексибилен начин, кој ги зема предвид специфичностите на секој случај.
Односно дека кога се забележува постојан недостиг од напредок од страна на тужената држава, комитетот може да ги преземе потребните мерки за извршување, да воспостави практика на усвојување предвидлива низа од привремени резолуции, кои на крајот би можеле, во исклучителни околности, да доведат до усвојување привремена резолуција според членот 46 став 4 од конвенцијата.
Нема да се заврши само на „предупредувања кон Бугарија“
Најсуштествен дел на предложените мерки е барањето Комитетот на министрите да прибегне кон усвојување две привремени резолуции за предупредување – за да се поттикне тужената држава да влезе во засилен дијалог на високо ниво со комитетот во дефинирана временска рамка. Уште повеќе, доколку се дојде до состојба на усвојување втора резолуција за предупредување, тоа би значело дека случајот покажува ризик од одбивање да се извршат пресудите на Судот во Стразбур од, во случајов, Бугарија. Тогаш, комитетот ќе треба да размисли за преземање понатамошни дејства, вклучувајќи – како последно средство, во најсериозните и исклучителни случаи – почнување на постапката според членот 46 став 4 од Европската конвенција за човекови права поради одбивање да се преземат наложените соодветни мерки во дефинираната временска рамка.
Оваа одредба од конвенцијата го овластува Комитетот на министрите, во случаите кога одредена држава „одбива да се придржува до конечната пресуда за случајот во која е странка“, врз основа на одлука донесена со мнозинство гласови од две третини од претставниците на државите во комитетот, „да упати до судот прашање дали таа држава не ја исполнила својата обврска од став 1“, поточно да ги почитува и изврши конечните пресуди на Судот во Стразбур во секој од случаите во кои таа била странка. Ако судот утврди повреда на таквата обврска на државата, случајот повторно се упатува до Комитетот на министрите, кој ќе може да разгледува различни мерки што треба да се преземат, вклучувајќи и привремено замрзнување на правото на глас на претставникот на државата што одбива да ги извршува пресудите на судот.
Стојко Стојков: Притисокот се засилува
За оваа проблематика, Стојко Стојков, копретседателот на обединетата македонска организација „Илинден“ – Пирин, истакнува дека забелешките се засилени дека Бугарија не може да ги одбива нивните барања врз основа на македонска самоопределба.
– За првпат се конфронтираат толку детално и други тактики на одбивања на бугарските судови, како постојана промена во толкувањата на политички и други цели, тоа што секоја инстанца одбива по различни причини, тоа што се бараат секакви причини за одбивање и не се даваат можности за корекции. Притисокот се засилува – се надеваме на пробив, нагласи Стојко Стојков за одлуките на Комитетот на министрите на Советот на Европа.
Во зависност од одговорот што бугарските власти треба да го дадат до 15 јуни, ќе зависат и текот на расправата и мерките што Комитетот на министрите ќе ги разгледуваат на септемвриска сесија, при што не се исклучува можноста, доколку не се утврди никаков напредок по прашањето со слободата на здружување на етничките Македонци во Бугарија, комитетот повторно да се наврати на случајот и на декемвриската сесија. Само за споредба, заклучно со 2023 година, комитетот со ова прашање се занимаваше само еднаш годишно.