Илустрација: „Нова Македонија“

Бугарија очигледно не може да се соочи со сопственото темно минато, па затоа реагира дури и тогаш кога тоа се споменува и во некаков уметнички контекст. Од друга страна, тоа многу подобро ги објаснува бугарската блокада на Македонија и негирањето на нејзината историја бидејќи македонската историја е единственото нешто што Бугарија може да го присвои за да се испере од лошите епизоди во минатото и, прикажувајќи ја како своја, се обидува да докаже дека „македонската историја (јазик, култура, традиција) е бугарска и дека со тоа Бугарија со еден свој дел (имено македонскиот) отсекогаш била на вистинската, победничка страна на историјата, борејќи се против хегемонијата, антисемитизмот и фашизмот“…

Инцидентот пред премиерата на претставата на Бернард Шо во Софија осветлува една темна страна на бугарското минато

Обидите од бугарска страна директно да ја преземе македонската историја имаат јасна и единствена цел, официјална Софија да се ослободи од темните петна од минатото, особено од нејзината улога за време на Првата и Втората светска војна, кога беше на погрешната страна на историјата.
Потврда дека тоа е главната нејзина цел е неодамнешната жестока реакција на група бугарски националисти, меѓу кои и европратеници, кои се обидоа да ја спречат изведбата на воената сатира „Луѓето и оружјето“ од Бернард Шо, а во режија на светски познатиот Џон Малкович, поради, како што тие изјавуваа, исмевање на бугарските војници.
По вербалниот конфликт меѓу протестантите и вработените во Националниот театар, ситуацијата ескалира и во физичка пресметка, чија понатамошна ескалација беше спречена од полицијата.
Сето ова е потврда дека Бугарија не може да се соочи со сопственото темно минато, па затоа реагира дури и тогаш кога тоа се споменува и во некаков уметнички контекст.
Од друга страна, тоа многу подобро ги објаснува бугарската блокада на Македонија и негирањето на нејзината историја бидејќи македонската историја е единственото нешто што Бугарија може да го присвои за да се испере од лошите епизоди во минатото. Затоа, според бугарската историографија, браќата Кирил и Методиј се бугарски просветители, затоа цар Самуил е бугарски цар, затоа Илинденското востание е Преображенско, затоа браќата Миладиновци се Бугари, затоа „Македонска крвава свадба“ е бугарска, затоа се препејуваат македонските песни и се пласираат како бугарски.
Ова е еден покрупен проект што Бугарија сака да го реализира така што ќе ги блокира македонските евроинтеграции сѐ додека не се ремоделира историјата онака како што ним им одговара, во спротивно ќе се случуваат инциденти како пред театарот во Софија.
Историчарот Тодор Чепреганов смета дека Бугарија сака да ја присвои македонската историја за да го испере сопственото темно минато.

– Ним им се намести картата да можат да нѐ уценуваат. За жал, во одреден момент, во погрешно време се најдоа погрешни луѓе, кои го направија тоа што го направија. Нѐ ставија во бугарската замка и сега ќе мора некој да бара начин како да се излезе од тоа. Бугарите се свесни дека без македонската историја немаат своја историја. Тие сега гледаат да избегаат од Русија, која всушност им подари држава. Неодамна објавија книга во која периодот 1947-1991 година го сметаат за руска окупација врз Бугарија. Едноставно гледаат да избришат еден цел период од историјата, а остатокот да го пополнат со македонската историја – констатира Чепреганов.
Историчарите се категорични дека со последниот инцидент со протестите пред премиерата на претставата „Луѓето и оружјето“ во Софија, на виделина излезе вистинската бугарска цел.
– Значи тие не прифаќаат ништо што е надвор од нивниот историски наратив, дури и кога е уметничка експресија. Ќе направат сѐ што е во нивна моќ максимално да ја преземат македонската историја, впрочем затоа е и толкавото инсистирање за вметнување на бугарите во македонскиот устав, да се промовираат како државотворци и одвнатре да ги поткопуваат македонските позиции – нагласуваат историчарите.


Чуден распоред во менито на јазици на официјалната страница од Делегацијата на ЕУ во земјава

Знае ли Делегацијата на ЕУ кој е официјален јазик во Македонија?!

Во време кога Македонија е соочена со отворена негација на официјалниот македонски јазик од страна на Бугарија, се чини дека и Европската Унија ја прифаќа бугарската игра.
За Брисел не беше доволно што не спречи архивирање на бугарската понижувачка изјава дека тие не признаваат официјален јазик на една суверена држава, туку сега дури и ЕУ не го третира македонскиот јазик како официјален во државата Македонија.
Имено, на официјалната интернет-страница на Делегацијата на Европската унија во Македонија, при изборот на јазикот на кој би се прегледувале содржините, најпрво се појавува на менито „шќип“ на латиница, а под него потоа пишува македонски. Така е и при отворањето и на другите категории на страницата на делегацијата на ЕУ, каде што некаде македонскиот јазик е не само зад албанскиот туку и зад англискиот.
Реагираа и граѓани што деновиве случајно се обиделе да видат некои од содржините на официјалната страница на ЕУ за Македонија.
– Сакав да видам некои проекти што ги нуди ЕУ тука, во земјава. Прво ми се појавува менито за превод на албански, а потоа на македонски. Тоа не е во ред, сепак во оваа држава се знае кој е официјалниот јазик и тој секогаш треба да стои најгоре. Не сакам да помислам дека ЕУ тоа намерно го направила тоа и се надевам дека станува збор за пропуст што веднаш ќе биде исправен – реагира Бојан Стојчевски од Скопје.
Иако претставниците на претходната влада упорно ја уверуваа македонската јавност дека јазикот е зацементиран, очигледно работите не стојат така, туку македонскиот јазик и натаму е предмет на постојано негирање и маргинализирање секаде каде што е можно тоа.
– Не знам дали ова со менито на јазици на страницата од Делегацијата на ЕУ во Македонија е случајно, но во секој случај нашата Влада мора итно да реагира и да побара од ЕУ да се исправи тоа. Ако продолжиме да ги толерираме овие работи и да премолчуваме, тогаш дефинитивно го загрозуваме македонскиот јазик. Што ќе помисли некој од странство ако случајно ја отвори страницата и на менито прво види дека станува збор за албанскиот јазик? Прво што ќе му падне на ум е дека тоа е официјалниот јазик во земјата и на тој начин се гради една погрешна перцепција – коментираат некои од аналитичарите.
„Нова Македонија“ во меѓувреме побара објаснување и од Делегацијата на ЕУ во Македонија, така што нивниот став зошто македонскиот јазик е ставен зад албанскиот ќе го објавиме кога ќе го добиеме.