Во пресрет на гласањето во Европскиот парламент (ЕП) по Извештајот на Томас Вајц, наши соговорници, универзитетски професори, правници и политички аналитичари, инсистираа нивниот апел (со нивна многу интересна нова забелешка) уште еднаш и посилно да одекне во јавноста и „да ја потсети и алармира европската и светската објективна и правдољубива јавност за геноцидните и културоцидните барања на бугарските европарламентарци, кои иницираа (и беа поднесени) амандмани за непостоење и изземање на македонскиот идентитет и јазик од Извештајот на Вајц!?“
Некои интересни констатации во пресрет на гласањето во Европскиот парламент (ЕП) по Извештајот за Македонија на Томас Вајц
Владата на Бугарија, според мислењата на некои меѓународноправни експерти, всушност официјално признала „постоење на Македонци на своја територија во свој документ со датум од 4 октомври 2024 година“! И тоа наведени токму како Македонци! Ова ни го потврдија нашите соговорници во поширок разговор на темата, при што ни го цитираа дописот/факсимилот од бугарската влада испратен до Советот на Европа, каде што пишува дека „…во Бугарија на пописот 1.143 граѓани се идентификувале како Македонци!“
Во тој контекст, нашите соговорници јавно го поставуваат прашањето: Како тоа сега да исчезнат (да не постојат) македонскиот идентитет и јазик и да бидат елиминирани од Извештајот на Вајц, според новите барања на некои европарламентарци, под диригенство на Софија?! Нели е тоа, прашуваат соговорниците, едно „шизофрено барање во кое Софија ја демантира Софија“?!
Ноторен факт е дека и Македонци како индивидуи и Македонци како колективитет – постојат во Бугарија!
Според факсимилот на документот во кој имавме увид, прикажан од нашите соговорници, вака Владата на Бугарија му пишува на Советот на Европа во својот документ со наслов „Коментари на Владата на Бугарија за Петтото мислење на Советодавниот комитет за спроведување на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства од страна на Бугарија“: „Податоците од најновиот национален попис во Бугарија, спроведен во 2021 година, сведочат за правата на слободно самоопределување за секој поединец. Поточно, 1.143 граѓани се идентификувале како Македонци!“ (Документ: „Коментари на Владата на Бугарија за Петтото мислење на Советодавниот комитет за спроведување на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства од страна на Бугарија“.)
Документот носи број GVT/COM/V(2024)003 и тој има дотолку поголема меѓународна политичка тежина, со оглед на фактот дека е означен и како документ на Советот на Европа. Со овој свој акт Владата на Бугарија уште однапред, во 2024 година, ги урива сопствените аргументи со кои го напаѓа извештајот на Томас Вајц!
Така, институционалното (владино) бугарско експлицитно признавање дека во Бугарија постои самоидентификување на 1.143 Македонци е особено важно, според нашите соговорници, за европската и светска јавност уште еднаш ДА СЕ ПОТСЕТИ И ДА СЕ АЛАРМИРА, во пресрет на гласањето по Извештајот на Томас Вајц во Европскиот парламент (ЕП), бидејќи токму бугарските европарламентарци иницираа (и беа поднесени) амандмани против македонскиот идентитет и јазик!?
Факти, факти, факти…
Во декември 1946 година во Бугарија беше извршен првиот повоен попис на населението. Од вкупно 252.908 жители во пиринскиот крај, 70 отсто односно 160.541 лице се изјасниле како Македонци.
На пописот на населението во 1956 година во пиринскиот крај од вкупно 281.015 жители, како Македонци се изјасниле 178.862, или 63 отсто од целокупното пиринско население.
Според пописните податоци од 1946 и 1956 година е очигледно дека Македонците се доминантно население во пиринскиот крај, меѓутоа според пописот од 1965 година бројот на Македонците изнесува само 8.750 жители. (?!)
Огромната апсурдност на податоците, кои потекнуваат од бугарските државни институции, се потврдува со пописот од 1975 година, кога ниту еден жител на Бугарија не се декларирал како Македонец! (!?)
Бугарските статистичари и политичари морале жестоко, геноцидно, да се размавтаат со „етничко-идентификациската метла“, за да ја „очистат“ бугарската територија од Македонците и да „покажат“ дека по 29 години, сметано од пописот во 1946 година, нема ниту еден Македонец во оваа држава.
Нашите соговорници констатираат дека „и по 36 години од овој статистички антимакедонски ’инженеринг’ во пописот во Бугарија, спроведен во 2021 година, испаднало дека ’софиската метла’ не успеала да ги ’измете’ сите Македонци, па на ова последно пребројување на бугарското население има ’дури’ 1.143 граѓани на Бугарија со македонска национална самосвест. Или, како што ќе означи самата софиска влада јасно и прецизно во својот документ од минатата година: 1.143 граѓани СЕ ИДЕНТИФИКУВАЛЕ КАКО МАКЕДОНЦИ!“
И само еден да се искажал како Македонец, тоа само по себе е веќе официјално признавање дека постојат македонско самоидентификациско самоопределување и македонска национална самосвест во Бугарија!
Според становиштето на повеќе наши соговорници, „ако биде усвоен каков било документ во Европскиот парламент на 8 јули 2025 година со неспоменат македонски идентитет и јазик, во најдиректна смисла тоа ќе значи европско директно замешателство, па дури и соучесништво во негирањето на македонски народ со своја засебна етничност, со свој македонски идентитет и јазик. Било во Бугарија, било во Македонија! П.Р.
Одговор од Советот на Европа на официјална Софија:
Како не постојат Македонци во Бугарија кога вие самите во пописот од 2021
година констатирате дека 1.143 граѓани се идентификувале како Македонци?!
Изјавата во петтото мислење на Советодавниот комитет дека „бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, тие лица (т.е. Македонците) не се во можност да уживаат пристап до индивидуални малцински права“ е крајно загрижувачка и погрешна. Податоците од најновиот национален попис во Република Бугарија, спроведен во 2021 година, сведочат за правото на слободно самоопределување за секој поединец. Поточно, 1.143 граѓани се идентификувале како Македонци
Европскиот парламент да не ги повлече и потопи во вителот на неправда и криминал демократски замислените институции на ЕУ
Владата на Бугарија со својот документ уште однапред, во 2024 година, ги урива и ги обесмислува амандманите на бугарските европарламентарци за Извештајот во ЕП на Томас Вајц. Но, Македонија во своите наредни активности ќе може токму противречностите на Софија во полн капацитет да ги искористи како силен аргумент за повторно (и повторно) да укаже на сета апсурдност на политиката на официјална Софија, која се обидува да го докажува недокажливото, дека „не постојат македонски идентитет и јазик, ниту Македонци“. Треба јасно и недвосмислено да му се укаже на Европскиот парламент дека не смее да си дозволува под бугарски притисок да се раштима како институција и дека во таа спирала на кршење на меѓународното јавно право и демонстрација на непочитување на темелните вредности на Унијата, Европскиот парламент ќе го повлече (и потопи во морето на неправда и криминал) и ќе го урниса целиот систем на демократски замислените институции/столбови на ЕУ.
Боцевски: На виделина во ЕУ вистинските причини зошто Бугарија нѐ блокира
Дебатата и амандманите во Европскиот парламент покажаа зошто навистина Македонија е блокирана од Бугарија – вели поранешниот амбасадор Ивица Боцевски.
Имено, станува збор за флагрантно негирање на Македонија!
Повторно на виделина е фактот дека „проблемот всушност не им е промена на Уставот на земјава, туку во негирање на македонскиот јазик и идентитет од бугарска страна“.
– Сите забелешки што доаѓаат кон нас се израз на антиевропско, антицивилизациско однесување на Софија кон Скопје.
Македонија водеше и води беспоштедна битка. Како земја кандидат успеа да го искаже своето мислење, а целата европска јавност да види на кој начин Македонија е оспорена – вели Ивица Боцевски, поранешен амбасадор, додавајќи дека „евентуалното бришење на македонскиот јази и идентитет во Извештајот на европскиот парламент, несомнено, ќе придонесе кон зголемување на евроскептицизмот во Македонија. „Но, секако дека ние ќе продолжиме жестоко да се бориме со сите форми и методи што ни се на располагање“!
Боцевски на крајот поентира со својот исказ: „Убаво е да се биде Македонец, но не е лесно, дури и во 21 век“. П.Р.