Фото: „Нова Македонија“

Бугарската држава, според ЕФА, одбива да го признае македонскиот идентитет. Ова е главниот проблем што историски влијаел на односите меѓу двете заедници и кој го користи Бугарија за да ја блокира Република Македонија од започнување преговори за членство во ЕУ. Без отстапки од Македонија, Бугарија ќе продолжи да ги попречува нејзините европски амбиции, оценува ЕФА

Реакции на Европската слободна алијанса (ЕФА) во врска со недозволивиот однос на Софија и бугарските европратеници каде што се негира македонскиот идентитет:

Бугарските европратеници вложуваат огромни напори, практикувајќи секакви методи и алатки за да го одложат извештајот за пристапувањето на Македонија во ЕУ, легитимирајќи ги своите (шовинистички) ставови како проевропски, прикажувајќи се дека се загрозени и како држава и како народ и како малцинство, со фингирани случаи, пласирајќи ги пред европската јавност. Во основа, апсолутно се препознатливи поведенијата за негирање на македонскиот идентитет и кршење на меѓународното право во делот од јус когенс.
И Европската слободна алијанса (ЕФА) во своите анализи и ставови го коментира ваквиот недозволив однос на Софија, а особено на бугарските европратеници, разобличувајќи ги нив по сите основи, поврзани со предизвиците каде што се негира македонскиот идентитет.

ЕФА констатира назадување – не на Македонија кон ЕУ, туку на ЕУ кон Македонија

Минатата недела Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент беше принудена да го одложи гласањето за извештајот за пристапувањето на Република Македонија во ЕУ. По огромниот бугарски притисок и нивните лобисти (вклучувајќи ги и Атина и поединци од групата Билдерберг), директно и индиректно врз европските институции и нејзините пратеници, гласањето ќе биде одложено до крајот на јуни.
Во врска со одложувањето, европската јавност „е потсетена за тоа, во објавеното соопштение на оваа европска политичка партија, која во Европскиот парламент заседава заедно во групата со зелените, од каде што е и известувачот Томас Вајц“.
– Ова не е само назадување во пристапот на Македонија кон ЕУ туку и јасна злоупотреба на институциите на ЕУ за внатрешни националистички интереси на државата. Во ЕФА сакаме да ја подигнеме свеста за овие практики. Европскиот проект никогаш не треба да биде загрозен за националистички цели на земјите членки. Ние им веруваме на пратениците на ЕУ задолжени за развој на текстот и сакаме да ѝ дадеме вредност на нивната работа, која треба да биде ослободена од притисок и уцена – наведува ЕФА.
Бугарската држава, според ЕФА, одбива да го признае македонскиот идентитет. – Тоа е главниот проблем што историски влијаел на односите меѓу двете заедници и кој го користи Бугарија за да ја блокира Република Македонија од започнување преговори за членство во ЕУ. Без отстапки од Македонија, Бугарија ќе продолжи да ги попречува нејзините европски амбиции – оценува ЕФА.

ЕФА: Дискриминација врз Македонците во Бугарија

Не се турбулентни само односите меѓу Бугарија и Република Македонија. Европските граѓани, оние што му припаѓаат на македонското малцинство во Бугарија, исто така се соочуваат со државно и полициско малтретирање и дискриминација.
– ЕФА го почувствува тоа малтретирање и за време на нашата посета на Бугарија минатата година за време на изборната кампања за ЕУ. Нашата делегација беше внимателно следена, снимана и надгледувана од полицијата, во операција што очигледно имаше цел да заплаши. Повторно и повторно ги предупредувавме европските институции за овие практики и ќе продолжиме да се бориме за крај на дискриминацијата врз малцинствата.
Неодамна објавениот годишен извештај за состојбата со човековите права на македонското малцинство во Бугарија, напишан од Комитетот за одбрана на човековите права „Толеранција“, заклучува дека Бугарија не ги почитува правата утврдени во Рамковната конвенција за правата на малцинствата, најсеопфатниот договор во Европа што ги штити правата на националните малцинства.
Главното прашање што треба да се реши е признавањето – во овој случај признавање на самото постоење на македонското малцинство. Бугарија продолжува да одбива да ги признае Македонците иако меѓународните тела, како што се Европскиот суд за човекови права, Комитетот на министри на Советот на Европа и Омбудсманот на ЕУ, постојано им препорачуваат да го сторат тоа. Без признавање, не можат да се дадат никакви права и никаква заштита – истакнуваат од ЕФА..

Време е Бугарија да го признае македонскиот идентитет

Споед ЕФА, „време е Бугарија да го признае македонскиот идентитет. Ова е фундаментален чекор за заштита на правата на македонското малцинство во Бугарија и за започнување сериозен и непристрасен процес за Република Македонија да се приклучи кон ЕУ. Изградбата на европскиот проект не може и понатаму да биде загрозувана од државни националистички интереси. Време е да се направи чекор напред и да се изгради Европа во која сите ќе можат да учествуваат во еднакви услови!“


Европската слободна алијанса (ЕФА) долго време е застапник на правото на македонскиот народ на достоинство и самоопределување

Заштитата на македонскиот идентитет во земјите на ЕУ и земјите кандидати неодамна одекна громогласно во Нант, Франција

Европската слободна алијанса (ЕФА) на Генералното собрание, неодамна одржано во Нант, повика на „заштита на македонскиот идентитет во земјите на ЕУ и земјите кандидати“!
ЕФА долго време е застапник на правото на македонскиот народ на достоинство и самоопределување, во соработка со нејзината партија членка ОМО Илинден-Пирин. ЕФА неколкупати изрази најголема загриженост за влошувањето на атмосферата на заплашување и насилство со која се соочува македонската заедница во Бугарија. ЕФА во изминативе години постојано повикува на „признавање, толеранција и почитување на оваа долгострадална заедница, како и на итна осуда од страна на бугарските власти на секое расно мотивирано непријателство кон нив“!
На неодамнешното годинашно собрание, за кое известуваше „Нова Македонија“, бил разгледан извештајот за минимални стандарди за малцинствата во ЕУ од 2018/2036 (INI), при што бил „разгледан фактот дека Македонците се староседелско население на територијата на Бугарија и Албанија и покажуваат посебни културни црти, одржуваат долгорочни и лојални врски со државата и се доволно репрезентативни, иако помали по бројност од остатокот од населението на таа држава“.
– Потврдено е пред сè дека Македонците се силно мотивирани да го зачуваат она што го сочинува нивниот заеднички идентитет, вклучувајќи ги нивната култура, нивните традиции и нивниот македонски јазик, потврдувајќи дека Македонците ги исполнуваат критериумите за малцинство според горенаведениот извештај на ЕУ и дека Македонците се предмет на државно организирани систематски политики на асимилација, дискриминација и негирање на нивните човекови и малцински права – беше истакнато на годинашното собрание во Нант.
Според нашите извори, „ЕФА ја осудува бугарската политика на негирање на постоењето на македонската нација и блокирање на членството на Македонија во ЕУ“.
– ЕФА ги осудува бугарската политика на асимилација и дискриминација на македонското малцинство во Бугарија, бугарската политика на етничко целење на македонското малцинство во Албанија за вештачко создавање бугарско малцинство преку масовно доделување и продажба на бугарски државјанства од ЕУ, напорите за асимилација, притисок врз властите и финансиски поткупи – јасна злоупотреба на членството на Бугарија во ЕУ – пренесуваат нашите извори делови од дискусиите и ставовите презентирани во Нант.
Наедно, Европската слободна алијанса бара од Бугарија да се откаже од своите услови за европска интеграција на Македонија, кои се спротивни на Копенхашките критериуми, и да ја укине блокадата за пристапување на Македонија во ЕУ, да им ги даде на Македонците во Бугарија истите права што ги бара за Бугарите во Македонија, во согласност со принципите на правда и еднаквост, веднаш да ја запре својата агресија врз македонското малцинство во Албанија и заедно со Грција и со Албанија да ја потпише и целосно да ја спроведе Европската повелба за регионални или малцински јазици, вклучувајќи активна поддршка за македонскиот јазик и култура за Македонците и другите малцинства.


Профил на европската политичка партија: Европска слободна алијанса (ЕФА)

 

Европската слободна алијанса (ЕФА) е европска политичка партија, која се состои од разни малцински политички партии во Европа. Партиите членки се залагаат или за целосна политичка независност и суверенитет или за некаков вид на децентрализација или самоуправа за нивната земја или регион. Од 1999 година, ЕФА и Европската зелена партија (ЕЗП) ги здружија силите во рамките на групата Зелени-Европска слободна алијанса (Зелени/ЕФА) во Европскиот парламент, иако некои членови на ЕФА повремено им се приклучуваат на други групи.
ЕФА е претставена во Европскиот совет од Барт де Вевер од Новата фламанска алијанса, кој е премиер на Белгија од 2025 година. Два региона на ЕУ се предводени од политичари на ЕФА: Фландрија од Матијас Дипендале од Новата фламанска алијанса и Корзика од Жил Симеони од Фему а Корзика. Дополнително, Шкотска е предводена од Џон Свини од Шкотската национална партија.
Европската слободна алијанса (ЕФА) неодамна во Нант го одржа Генералното собрание, при што партиите членки презентираа неколку предлози. Повеќето беа едногласно одобрени, истакнувајќи го единството во рамките на ЕФА. Овие предлози ги бранат правата на луѓето во пограничните региони – како што се прекуграничните работници и нивниот пристап до социјално осигурување – поттикнуваат загриженост за еколошките ризици поврзани со кршење на владеењето на правото на ЕУ, го осудуваат мекиот културен геноцид што се случува во некои земји членки на ЕУ преку потиснување на мајчините јазици преку корупција и ја потврдуваат посветеноста на ЕФА на обединета Европа во овие геополитички чувствителни времиња.
Сегашни членки на ЕФА се ОМО Илинден–Пирин и Македонската алијанса за европска интеграција, а до 2023 година нејзина членка беше и Виножито, македонската политичка партија во Република Грција.

Тони Гламчевски, постојан дописник од Франција