Φото: Маја Јаневска-Илиева

Претседателот на Собранието, Африм Гаши 43. пленарна седница ја почна со честитки до припадниците на ромската заедница по повод 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите. Кога Гаши ги повика предлагачите да ја образложат оправданоста Предлог на законот за изменување на Законот за градежно земјиште да се донесе по скратена постапка, пратеникот на Левица Борислав Крмов побара да се обрати процедурално.

Крмов истакна дека Декларацијата за признавање на државата Палестина поднесена од Левица веќе пет месеци останува закочена во Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија.

– Моето процедурално обраќање е по член 126 став 3 кој вели „ако претседателот на работното тело не свика седница кога е должен тоа да го стори или ако работното тело нема претседател, седницата ја свикува претседателот на Собранието и со седницата претседава член на работното тело што ќе го определи претседателот на Собранието до завршување на седницата“. Имено, Левица има поднесено Декларација за признавање на државата Палестина од 8 ноември, тоа се пет месеци. За жал, наводно ги откочивме процесите во Собранието со Процесот Жан Моне. Значи, пет месеци таа Декларација останува закочена во Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија која ја раководи колегата Муса Џафери. Сакам да прашам прво и основно го газиме Деловникот и второ ние колеги и вие посебно претседатели имаме ли ние совест воопшто во оваа Собрание? Само пред некој ден гледавме видео каде после експлозија 50 метри во воздух летаа распарчани тела на мажи, жени и деца. А ние во Собранието не можеме да отвориме ниту една најобична дебата. Не да изгласаме нешто, туку најобична дебата не можеме да отвориме. И за иронијата да биде поголема, гласачкото телот на двете партии или коалиции кои ја кочат Декларацијата на Левица, всушност на Влен и Европскиот фронт всушност вашите гласачки тела се најголемите поддржувачи на Палестина и на палестинскиот народ – рече тој.

Пратеникот на Левица повика да се одржи ад-хок координација на која ќе се разговара за оваа прашање и побара пауза од еден час.

– Јас уште еднаш се повикувам на совеста на Собранието, и посебно на вашата совест, повикувам на разум, да имаме ад-хок координација каде што ќе разговараме за овој процес под итно да го откочиме и конечно во оваа Собрание да се проговори за геноцидот во Појасот Газа кој ни се случува пред очи. Затоа, по член 87 став 2 барам еден час пауза – рече Крмов.

На 43. седница има вкупно 28 точки на дневен ред и повеќето од законите се во прво читање и потребата да се донесат по скратена постапка.