Собранието денеска го верификува мандатот на пратеничката Ваљбона Адили Емини која доаѓа на местото на пратеникот Салим Сулејмани од коалицијата Вреди.
Претходно денеска, пред почетокот на 52. седница, Собранието констатираше дека престанува пратеничкиот мандат на Салим Сулејмани, кој на 18-ти месецов поднесе оставка од сите функции во Алијанса за Албанците и од функцијата пратеник во Собранието.
Собранието денеска ја донесе и одлуката за давање овластување на спикерот Африм Гаши за склучување на поединечни колективни договори со претседателите на синдикатите на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле” Охрид, Универзитетот „Мајка Тереза” во Скопје и на Универзитетот „Св. Климент Охридски” Битола.
Воедно, на денешната седница беше прифатен предлогот на пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ за дополнување на дневниот ред за Предлог-измени на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување по скратена постапка. Според Стојановски, се работи за мала измена, но која е потребна за да се задржи системот на исплата на пензиите функционален и да не се доведе во прашање исплатата на пензиите.
При точката со Предлог на закон за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти, пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ побара пауза поради, како што наведе, неусогласености на предлогот.
– Во едниот текст стои дека е договор во врска со партнерството, а во англиската верзија стои спогодба и не може да се смета за меѓународен договор. Ако ги гледаме двете верзии, особено ако ја видиме англиската верзија, ова е ништовен документ затоа што во англиската верзија стои дека потпишал потпретседател на Република Северна Македонија, ние како држава немаме таква функција, а во македонската верзија стои дека потпишал заменик претседател на владата на РСМ, ако е вака, тогаш нема апсолутно важност и тоа ќе мора да се исправи – посочи Спасовски.