Битолскиот архив го прослави својот 70-годишен јубилеј
Со скромна свеченост, Битолскиот архив деновиве го одбележи својот голем јубилеј, 70 години од основањето.
По тој повод во Офицерскиот дом беше одржана свечена академија, а беше промовирана и монографијата „70 години Битолски архивски хронотоп“ од авторите Гоце Стојановски – раководител, Марија Дурлова, Димитар Ѓоргиевски и м-р Ивана Хаџиевска.
– Постои една максима што вели дека „без документација нема нација“ – истакна првиот човек на Битолскиот архив, Гоце Стојановски.
Водени од таквата максима вработените во Подрачното одделение на Државниот архив за 70 години постоење во Битола имаат собрано исклучително богата и значајна архива, која зборува за вековната историја на градот под Пелистер.
Државниот архив, Одделение – Битола, е формиран со одлука на тогашниот Народен одбор на Битолската околија, на 26 мај 1954 година, како локална институција под надлежност на општините. Од тогаш, па до денес, својот облик го менуваше во неколку наврати, како и името, за денеска да биде најпрепознатлив називот Историски архив.
Битолското одделение на Државниот архив има многу богата и значајна архива. Најстариот документ во Битолскиот архив датира помеѓу 13-15 век. Тоа се Тора-свитоци, вкупно четири, религиозни книги пишувани на старохебрејски јазик. Потоа има еден фонд што моментно се чува во централното Одделение во Скопје и е познат како Битолски кадилак, фонд во кој се судењата од 16 век. Но нешто по што Битолското одделение на Државниот архив е специфично на ниво на Македонија е тоа што ја има една од најголемите фотографски колекции на Балканот, тоа е колекцијата на првите сниматели на Балканот, браќата Милтон и Јанаки Манаки.
– Тоа претставува голема колекција, но не е само тоа. Имаме 1.070 фонда и збирки од различни периоди. Имаме документи што се најстари во Македонија, кои потекнуваа меѓу 13 и 14 век, што претставува куриозитет во чувањето такви документи. Битолскиот архив е специфичен бидејќи и самото поднебје на Битола имало една турбулентна историја, еден простор во едно време што носело големи промени во рамките на светската историја. Збирката на Манаки се состои од документи како што се нивната лична документација, шест архивски кутии, стаклените плочи негативи, кои ги има околу седум илјади, десет илјади оригинални отпечатени фотографии итн., а како што е јавно познато, меѓу опремата нивна, која е во наша сопственост, е фамозната „камера 300“, првата камера на Балканот – вели првиот човек на Битолскиот архив, Гоце Стојановски.
Со цел да го зачува и заштити огромното богатство на браќата Манаки, Битолскиот архив со грант од британската амбасада реализира проект за дигитализација на фондот на браќата Манаки.
– Некогаш сме принудени да бараме партнери надвор од државата, за да можеме да го заштитиме нашето културно историска наследство – вели Стојановски, кој нагласува дека во функционирањето и работата на архивите во државата, кои се грижат за зачувување од заборав и исчезнување на значајни документи од нашата богата историја, не се вложува доволно. Не дека не се вложува, едноставно јас верувам дека можеби е тоа проблем и во другите земји, не е само кај нас, но архивите мора да добијат позаслужено место и внимание – вели Стојановски, кој не го крие задоволството што во моментов Битолскиот архив ја има поддршката на локалната самоуправа на Битола.
– Успешната и среќна иднина можеме да ја градиме само врз столбовите на почит кон минатото, искористување на знаењата, искуствата и делата создавани низ годините. Животот на еден град не започнува од нас како поединци и не завршува со нас, но генерациите што доаѓаат по нас, мора да знаат што сме направиле, како што ние продолжуваме од местото каде што застанале нашите предци. Секогаш нагласувам дека архивата е многу важен дел од институцијата со која раководам.
Општина Битола, посветува посебно внимание на овој дел и остварува добра соработка со Државниот архив на Република Македонија, особено во делот на предмети од трајна вредност, кои редовно се предаваат во архивот, а се од големо значење за градот и граѓаните на општината Битола. Општинската администрација, преку Одделението за административни и општи работи е во секојдневна комуникација со вработените во архивот за непречено и правилно работење, чување и заштитување на документацијата, која игра голема улога во зачувување на културното и материјалното наследство на градот. Ваквата соработка овозможува граѓаните на брз и лесен начин да ги побараат и добијат податоците за нивните потреби, кои можат да бидат од областа на културата, образованието, науката, урбанизмот и други области. Верувам дека ваквата соработка ќе продолжи и во идниот период и заеднички со Државниот архив ќе имаме можност да реализираме и други активности низ кои ќе успееме на јавноста да ѝ откриеме и некои подзаборавени, но значајни мигови за Битола – нагласува градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Инаку, Битолскиот архив има документи на македонски јазик не само од поновата историја, кои се доминантни, туку и документи од различни периоди пишувани на различни јазици, и тоа е уште едно нешто што го прави специфичен.
На свеченоста беше промовирана јубилејната монографија „Битолски архивски хронотоп: 70 години Архив Битола“.
Во неа, за првпат аналитички и дискурзивно се опфатени основните столбови на архивската дејност, како и важните искуства на плејадата архивски работници што работеле во институцијата, од 1950-тите до денес. Монографијата дава осврт и поттик за архивската дејност да добие позаслужено место во општеството и да добие поголемо внимание од државата.
Да потсетиме, зградата на Битолскиот архив е изградена во 1980 година како наменска зграда, има административен простор и свое депо, административните канцеларии, според раководителот Стојановски, се во добра состојба, но најнеопходни, според него, се реконструкција на самото депо и создавање подобри услови за чување на архивскиот материјал.