Предлог-измените на Законот за здруженија и фондации што ги поднесе опозицијата, но ги поддржаа и партиите од власта, доаѓаат како реакција на отворањето редица бугарски здруженија и фондации именувани по контроверзни историски личности што биле соработници на фашистичкиот сојуз за време на Втората светска војна
Предлог-измените на Законот за здруженија и фондации што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ како реакција на отворањето редица бугарски здруженија и фондации именувани по контроверзни историски личности што биле соработници на фашистичкиот сојуз за време на Втората светска војна се најде на дневниот ред во рамките на 88-та пленарна седница на македонското собрание, но до затворањето на весникот седницата сè уште не беше започната.
Предлагач на измените на законот е пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, која ги најави измените на 6 октомври, еден ден пред отворањето на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, откако стана јасно дека Бугарија ќе продолжи со спонзорирањето вакви провокативни активности, користејќи го македонскиот либерален закон за здруженија и фондации.
Инаку, во измените на законот што ги предлага опозициската ВМРО-ДПМНЕ се предвидува измена на ставот 2 од членот 4 на актуелниот закон, така што тој би гласел: Се забранува основање организација ако програмата, целите, дејностите и нејзиното дејствување се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх, преземање активности поврзани со тероризам, преземање активности што се спротивни на Уставот или закон и преземање активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица..
Понатаму во членот 8 се додава нов став 4, кој гласи: Како име, скратено име и/или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали на лица што по кој било основа, начин или форма во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх.
Во измените на Законот се предвидуваат уште два нови члена – членот 9-а, кој се однесува на употребата на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност и според кој согласност за тоа треба да даде министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење на Комисијата за употреба на имињата на историски личности.
Структурата и надлежностите на Комисијата за употреба на имињата се регулирани со членот 9-б. Во него стои дека комисијата за употреба на имиња ја формира министерот за правда. Комисијата е составена од пет члена, од кои еден член доаѓа од Министерството за правда од редот на раководните вработени, по предлог на министерот за правда, еден член од Министерството за култура од редот на раководните вработени, по предлог на министерот за култура, еден член од Институтот за национална историја, два члена од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), претседател избираат членови со мнозинство гласови. Потоа во истиот член се наведува дека комисијата дава мислење за употреба на име, скратено име/и или назив на организација, за својата работа носи деловник, просторните и технички услови ги обезбедува Министерство за правда, видот, висината и критериумите за надоместокот за комисијата ги пропишува министерот за правда.
Законските измени предложени од ВМРО-ДПМНЕ предвидуваат тие да важат ретроградно, односно и веќе основаните здруженија да имаат обврска да ги променат имињата, односно да ги усогласат со одредбите на Законот, а доколку не го сторат тоа, ќе бидат избришани од Централниот регистар.
Предлог-законот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за регистрација на здруженија и фондации во земјата ја доби поддршката на владејачката СДСМ, но тие по истиот принцип најавуваат закон и за политичките партии. Предлагачи се координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, и пратеничката Соња Мираковска.
– Политичките партии се клучен елемент во процесот на демократизација на едно општество и тоа е услов за обезбедување доброто владеење – велат предлагачите на законските измени.
Со предлог-законот, како што се наведува во предложениот текст, ќе се овозможи поголема транспарентност, како на постојните така и на идните политички партии, гарантирање на правната сигурност на граѓаните својствени за една демократска, современа и цивилизирана правна држава. П.Р.