Посетата на францускиот претседател на Белград е продолжение на официјалната посета на Париз на српскиот претседател минатиот април. Таа, според Елисејската палата, ќе биде можност двајцата шефови на држави да разговараат за потенцијалниот пристап на Србија во Европската Унија
Францускиот претседател во посета на северниот сосед
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, ќе ја посети Србија денеска и утре, со цел „да ја потврди поддршката на Франција за закотвување на Европа“ за нашиот северен сосед, објави Елисејската палата. По официјалната посета на српскиот претседател Александар Вучиќ во Париз, во април, ова патување ќе биде можност двајцата шефови на држави да разговараат за економијата, здравството, енергијата, културата и вештачката интелигенција, на конкретни теми, се вели од истиот извор.
Пречекувајќи го Вучиќ во Франција минатата пролет, Макрон изјави дека иднината на Србија се наоѓа „во Европската Унија“ и „никаде на друго место“. Тој ги повика Приштина и Белград „секој од нив да го направи својот дел“ и да „одат понатаму“ на патот кон нормализација. На почетокот на август, Франција го осуди „умножувањето на едностраните дејства на косовските власти“, кои ги „загрозуваат напорите за нормализација“ меѓу Белград и Приштина, „прелиминарни за реализација на европската перспектива на двете земји“.
Од крајот на војната и уште повеќе од независноста на Косово во 2008 година, кое Србија никогаш не го призна за разлика од многу западни земји, обидите за смирување и дијалог пропаднаа.
Франција и Србија потпишале договор за купување борбени авиони „рафал“, Макрон треба да ја одобри продажбата
„Дасо авиасион“ успешно ги заврши преговорите за продажба на 12 борбени авиони „рафал“ на Србија, што претставува значителен напредок во билатералните односи меѓу Франција и Србија, пренесува францускиот весник „Ла трибун“.
– Сите светла се зелени за „рафалот“ да слета во Србија. Технички, според нашите сознанија („Ла трибун“ – н.з.), преговорите беа завршени на почетокот на летото, но овој договор има голема геополитичка димензија – пишува весникот.
Според овој медиум, наведувајќи ги актуелните тензии меѓу Србија и Косово, преговорите, склучени претходно во текот на летото, беа под влијание на овие геополитички размислувања. Сега останува на претседателот Макрон да даде конечно одобрение за договорот меѓу Белград и францускиот производител на авиони. Веќе неколку месеци Макрон активно се залага за оваа продажба на 12 авиони „рафал“, што се очекува да ја зајакне улогата на Франција како клучен одбранбен партнер на Србија.
Според овој француски медиум, моментот на договорот е значаен и во контекст на европската дипломатија. Во средината на јули, претседателот Макрон ја пофали посветеноста на српскиот претседател Вучиќ за нормализирање на односите со Косово, во согласност со европските посреднички напори. Макрон повика на целосно спроведување на договорот Брисел – Охрид, кој има цел да ги намали тензиите меѓу Србија и Косово. Овој поширок дипломатски контекст додава тежина на договорот за продажба на авиони „рафал“, како одраз на стратегиските интереси на Франција во регионот.
Што е досега познато за „рафалите“ што треба да стигнат во Србија?
Според претседателот на Србија, ќе се купат 12 авиони ловци бомбардери. Претпоставката е дека ќе се купат 10 едноседи и два двоседа. Она што се знае е дека српските „рафали“ за одбрана ќе имаат ракети воздух-воздух од типот МИЦА (ракети за пресретнување и воздушна борба), но засега не се знае дали проектилите ќе бидат во верзијата од 60 километри или новиот МИЦА-НГ со домет од 150 километри. Единствено што се знае е дека Србија, како и Хрватска, нема да добие ракети воздух-воздух „метеир“, што останува мисловна именка за двете земји.
За мисии за бомбардирање, се претпоставува дека српските „рафали“ ќе ги добијат француските самоводени воздушни бомби ААСМ (Armement Air Sol Modulaire) со максимална маса од 340 килограми. Системот за наведување може да се комбинира на неколку стандардни тела на бомби од американското семејство МК-82, но и францускиот БАНГ (Bombe Aeronavale de Nouvelle Genartion). Комплетот AAСM користи дел од опашката со вграден мал ракетен мотор и преклопни крила и дел од нос со канари за контрола на летот. Делот за носот има вграден систем за водење ГПС и ИНС. Со ракетниот погон, ААСМ има максимален домет од 50 километри ако се лансира од голема надморска височина и 15 километри од пониски височини. ААСМ има опција истовремено да лансира шест проектили, кои со своите специјални патеки за летање достигнуваат една заедничка или шест различни цели.
Дали српските „рафали“ ќе можат да носат француски крстосувачки ракети СЦАЛП/ЕГ со дострел од 250 километри, сѐ уште не е познато.
Хрватските верзии на „рафали“ на Ф3-Р ќе имаат топ со калибар 30 милиметри во изведбите со едносед и две седишта. За напад на цели во ракетите воздух-воздух МИЦА РФ и ИР БВР/ВВР. Претпоставката е дека српските рафали ќе имаат ист пакет како и хрватскиот.
Исто така интегрирани класични воздушни бомби од 110, 220, 450, 900 килограми. Проблемот со ласерски наведуваната бомба од американско производство е што е можно Србија да добие дозвола, а можеби и не. Тоа ќе се види дури кога ќе се добијат поконкретни информации за авионите што Србија ги набавува во верзијата Ф-4. „Рафал“ ќе користи и ненаведувани ракети од фрлачи од 68 милиметри за напад на копнени цели, а можеби и противтенковски ракети „бримостна“, но ова засега е само претпоставка.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур
Кога ќе се погледнат посетите на високи француски државни функционери на Македонија, може да се види дека тие се многу ретки и дека нашата земја во изминатите три децении на независност, од претседателите на Франција ја има посетено само Жак Ширак, за време на војната во Косово
Зошто посетите на француските државни функционери во земјава се ретки
Франција со друга диоптрија кон Македонија?!
Посетата на Емануел Макрон на Србија е втора откако тој стана претседател, што говори за значењето што Париз му го дава на Белград, со кој и покрај војната во Косово, сѐ уште има цврсти историски врски.
Но кога ќе се погледнат посетите на високи француски државни функционери на Македонија, може да се види дека тие се многу ретки и дека нашата земја во изминатите три децении на независност, од претседателите на Франција ја има посетено само Жак Ширак, за време на војната во Косово. За разлика од другите француски претседатели, Ширак беше претседателот што можеби најмногу гледаше со симпатии на Македонија, останувајќи запаметен со неговиот остар настап кон Грција на првиот европски самит во Кан, само неколку дена по неговиот избор.
Но оттогаш помина многу време, а втор по ранг висок француски функционер што ја посетил Македонија е сега покојниот Филип Сеген, кој тогаш беше претседател на француското национално собрание. За време на посетата тој го инаугурира францускиот конзулат во Битола, град што е збратимен со Епинал, чиј градоначалник беше Сеген во тоа време.
Оттогаш се случија уште многу посети, кои останаа на министерско ниво, а од највисоките француски министри што ја посетија Македонија е Хубер Ведрим, од владата на Лионел Жоспан и кога претседаваше Жак Ширак.
Франција е доста активна на повеќе полиња во Македонија, преку повеќе проекти поврзани со достигнувањето на европските стандарди, но тие не се секогаш многу познати за јавноста. За јавноста остана врежан и навредувачки таканаречениот „француски предлог“, чиј кум беше токму Емануел Макрон за време на француското претседавање со ЕУ. Остана непознато зошто македонските тогашни власти по првичното одбивање, потоа го прифатија и на некој начин „отворањето на преговорите“ со ЕУ всушност претставуваше земање во заложништво на европската иднина на Македонија со бесмислените бугарски барања.
Емануел Макрон имаше добиено покана за посета на Македонија, едно време се зборуваше дека ќе ја посети земјава, но таа посета се изјалови. Останува да се види која порака ќе ја испрати францускиот претседател од Белград кон земјите од регионот и дали таа ќе биде слушната. Гласот на Макрон очигледно е ослабен по поразот на неговата партија на парламентарните избори и претходно на европските, ставајќи ја неговата земја во политичка несигурност, која може да се прелее со нереди на улиците. Но и покрај ослабената позиција на домашната и на европската сцена, Франција и Париз сѐ уште се главните играчи на европската политичка сцена. Т.Г.