Фото: ЕПА

Интересен приод имаат дел од воените аналитичари, кои сметаат дека „иако на прв поглед изгледа дека толку оружје на мал простор не е добра работа, сепак кога постои баланс на силите тогаш веројатноста за мир е многу поголема“. Имено, според експликацијата и јустификацијата (оправдувањето) на тој концепт, балансот се постигнува динамично, при што намерата е ниту една земја на Балканот да нема супериорност над друга и затоа е оваа трка во вооружување (според европскиот тренд за милитаризација), а не преку процес на „демилитаризирање и намалување на вооружувањето што е во посед на секоја од државите на Балканот“…

Два различни приода при анализата и јустификацијата на фактот за нагорниот тренд на вооружување на земјите на Балканот

Постојаното споредување на Балканот со буре барут очигледно повеќе не е наратив што сака да го слуша новата американска администрација на претседателот Доналд Трамп, кој во повеќе наврати повтори дека неговата намера е да ги неутрализира ризичните подрачја, без оглед што последните години земјите од регионот масовно се вооружуваат.
Во повеќето извештаи на американските агенции како потенцијални жаришта се споменува токму Косово, но и БиХ, па од тие причини веќе се работи на отстранување на заканите така што се воспоставува контролиран баланс на силите што би довел до траен мир во регионот.
Откако претходно поранешниот американски амбасадор во Македонија и во Србија, Кристофер Хил, јасно порача дека е време земјите од Балканот сами да почнат да си ги решаваат проблемите, што многумина го протолкуваа како сигнал за американско повлекување од Балканот, стана повеќе од јасно дека САД процениле дека замрзнатите конфликти во регионот повеќе не се опција и дека само со воспоставување баланс на силите ќе биде одвратена секоја земја во нејзината намера повторно да генерира нестабилност.
Имено, во таа насока може да се протолкува и последната испорака на американско оружје на Косово, при што Косовските безбедносни сили добија нова пратка на оклопни транспортери од типот М1117, со што се продолжува процесот на модернизација и дополнително вооружување на армијата.

Трупање модерно оружје на Балканот

Изминатите години Србија, Хрватска, Бугарија, Романија, Грција и Албанија значително ја засилија набавката на ново оружје, а во дел од овие земји се најавува и враќање на служењето на воениот рок.
Србија купи француски борбени авиони и руски хеликоптери за напад, набави кинески противвоздушни системи, кои беа префрлени од Пекинг во Белград кратко време по руската инвазија на Украина. Исто така, имаше извештаи дека Србија купила илјадници беспилотни летала од Иран. Во 2021 година, „Економист“ напиша дека фактот што Белград „купува оружје“ ги плаши неговите соседи.
Хрватска исто набавува ново, моќно оружје. Имено, по набавката на 12 „рафали“, пристигнува пратка копнено и поморско оружје. Според „Вечерњи лист“, според плановите што сè уште не се објавени, изгледот на хрватските вооружени сили треба да биде „непрепознатлив“ до 2028 година, но во позитивна смисла. Многу помодерен и понапреден.
До 2026 година, сите 62 оклопни борбени возила „бредли М2А2 ОДС“ ќе бидат реновирани и модернизирани во фабриката во Славонски Брод, во соработка со англо-американската компанија „Бае системс“. Хрватското Министерство за одбрана нарача производство на 30 нови „патрија“, кои веројатно исто така ќе ги произведува „Ѓуро Ѓаковиќ“ под финска лиценца. Покрај постојните 14 германски „панцер хаубика“ ПзХ 2000, калибар 155 мм, планирани се и дополнителни. Воените експерти веруваат дека Хрватска ќе набави мобилна артилерија на тркала, покрај самоодната артилерија на гасеници, а се разгледуваат шведскиот „арчер“ од 155 мм или францускиот „цезар“ од 155 мм.
Бугарската војска до крајот на оваа година ќе добие осум од 16-те нови борбени авиони „Ф-16 блок 70“ што ги нарача од САД, а од Германија се очекува набавка на новите противвоздушни системи во рамките на иницијативата „Европски небесен штит“ (ЕССИ), на која Бугарија се приклучи во 2023 година.
Албанија ќе ја вооружи својата армија со преносни системи за противвоздушна одбрана со краток дострел „рајтеон“ ФИМ-92 „стингер“ (шорад) и противтенковски ракетни системи „рајтеон/локид мартин“ ФГМ-148 „џевелин“.

Балансирање на воената супериорност

Дел од воените аналитичари и добри познавачи на воените геостратешки состојби се согласуваат со констатацијата дека во моментот се одвива контролирано балансирање на воената моќ на Балканот.
– Испораката на американско оружје на Косово е исклучиво поради баланс на силите во регионот. Сѐ поизвесно е дека базата „Бондстил“ ќе биде заменета со нова американска база во Албанија што излегува на море и со тоа обезбедува многу подобра логистика за Американците бидејќи се воспоставува контрола врз влезот во Јадранско Море и врз дел од Средоземно Море. Во меѓувреме, САД се свесни дека Србија сигурно нема да го нападне Косово и затоа ги опремуваат косовските безбедносни сили за да можат да превенираат евентуални внатрешни инциденти како што беше оној во Рашка. Дополнително, тоа што Косово добива оружје го прави поотпорно на безбедносни предизвици во иднина. Да не заборавиме на неодамна склучените сојузи за соработка во одбраната меѓу Хрватска, Албанија и Косово, како и оној меѓу Србија и Унгарија. Сето тоа е демонстрација дека односот на силите во регионот полека се балансира и дека идеите за нови прекројувања на границите и воени освојувања треба секого добро да го замислат – велат воените аналитичари.
Според нив, не се само САД тие што ги вооружуваат земјите во регионот туку тука се и Франција, Турција, Германија, Британија и други земји.
– Иако на прв поглед изгледа дека толку оружје на мал простор не е добра работа, сепак кога постои баланс на силите тогаш веројатноста за мир е многу поголема. Намерата е ниту една земја на Балканот да нема супериорност над друга и затоа е оваа трка во вооружување. Впрочем, добитник на Нобеловата награда за мир во 1975 година беше изумителот на руската хидрогенска бомба само затоа што на тој начин тогаш се воспоставил баланс меѓу нуклеарните сили и се спречила нуклеарна доминација. Тоа ја потврдува тезата зошто се вооружуваат земјите на Балканот, само колку да има баланс на силите и на тој начин да се воспостави траен мир во регионот. На крајот, сите тврдат дека оружјето го набавуваат за одбранбени цели, најголем дел од државите се дел од НАТО, така што време е ова наше балканско буре барут конечно да се демонтира – истакнуваат аналитичарите.


Словенија на референдум ќе одлучува за членството во НАТО?!

Премиерот на Словенија, Роберт Голоб, се најде под остри критики откако ги објави плановите за референдум за членството на земјата во НАТО. Аналитичарите веруваат дека ова е последица на неговото политичко неискуство и, потенцијално, подготовки за парламентарните избори следната година. Анкетите покажуваат дека партијата на поранешниот премиер Јанез Јанша е пред Голоб.
Словенечкиот парламент неодамна гласаше за предлогот на Левицата, коалицискиот партнер на Голоб, за одржување консултативен референдум за зголемување на трошоците за одбрана на три проценти од БДП до 2030 година.
Партијата Движење за слобода на Голоб гласаше против предлогот, откако премиерот ја потпиша целта за НАТО во Хаг минатиот месец, што се однесува на издвојување пет проценти од БДП за одбрана до 2035 година. Сепак, поделбата во владата беше дополнително нагласена откако социјалдемократите застанаа на страната на опозицијата и го поддржаа плебисцитарниот план. Незадоволниот Голоб потоа ја изнесе идејата дека Словенија треба да одржи уште еден референдум за тоа дали воопшто треба да биде членка на НАТО, на кој се приклучи во 2004 година.
– Постојат само два можни начина: или да останеме во Алијансата и да ја платиме членарината или да ја напуштиме Алијансата. Сè друго е популистичка измама на граѓаните – рече Голоб.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика европските сојузници да издвојат милијарди долари дополнителни трошоци за одбрана, алудирајќи дека американската војска можеби нема да ги брани оние што заостануваат во трошоците доколку Русија некогаш го нападне Стариот Континент.
Словенија е на дното на листата на земјите членки на НАТО во однос на трошоците за одбрана, бидејќи издвојува само 1,29 процент од БДП.
Политичарите сега се поделени околу неодамнешниот договор на НАТО за зголемување на трошоците за одбрана на пет проценти од БДП до 2035 година. Толку поделени што коалициските партнери на Голоб беа збунети од неговиот маневар за референдум.